Инфо

Карпош: Оние кои сакаат да вршат дејност претстојниов викенд да се пријават на е-маил

Фирмите кои вршат достава на храна и лекови и веќе имаат добиено известувања од Општината за вршење дејност и во полициски час, можат да продолжат со дејноста и во претстојниот продолжен викенд

четврток, 04 јуни 2020

Општина Карпош ги информира сите фирми кои вршат достава на храна и лекови и веќе имаат добиено известувања од Општината за вршење дејност и во полициски час, дека имаат важност и во претстојниот продолжен викенд (5, 6 и 7 јуни).

Сите други компании кои сакаат да вршат достава на храна/лекови, а не се пријавиле досега, треба веднаш да пополнат пријава и да ја испратат на kontakt@karpos.gov.mk во текот на денешниот ден, најдоцна до 18 часот.

„Нерегистрираните земјоделци кои сакаат да вршат дејност во Општината, како и надвор од Карпош во околината на Скопје за време на претстојниот викенд, да се пријават на kontakt@karpos.gov.mk, со име и презиме, живеалиште, локација каде ќе вршат дејност, број на катастарска парцела и во кој период од полицискиот час ќе работат. Податоците да ги испратат во текот на денешниот ден, најдоцна до 18 часот“, се вели во соопштението од Општина Карпош.

Хранителите на бездомни животни и гулабарите, исто така треба да се пријават на kontakt@karpos.gov.mк до 18 часот денеска, со име и презиме, живеалиште и период од денот кога би вршеле дејност, како и да го наведат потегот на кој ќе хранат бездомни животни.

Од Општина Карпош информираат дека сите нецелосни пријави и оние кои ќе бидат испратени по дадените рокови, нема да бидат земени предвид.
 

Содржината е прочитана 142 пати.