Инфо

ЕК предлага отворање на границите за Југоисточна Европа од 1 јули

Комисијата препорачува членките на шенген-зоната и придружните земји да ги укинат внатрешните гранични контроли до 15 јуни 2020 година

четврток, 11 јуни 2020

ЕК препорача укинување на граничните контроли во шенген-зоната до 15 јуни, отворање на надворешни граници кон земјите од Југоисточна Европа од 1 јули и постепено отворање на надворешните граници за граѓаните на другите трети земји во зависност од нивната епидемиолошка состојба, пренесува хрватски „24 сата“.

„Комисијата препорачува членките на шенген-зоната и придружните земји да ги укинат внатрешните гранични контроли до 15 јуни 2020 година и да ги прошират привремените ограничувања за патување во ЕУ кои не се неопходни до 30 јуни, како и да подготват рамка за постепено отворање после тоа“, објави ЕК.

Комисијата исто така препорачува да се укинат ограничувањата за патување во ЕУ за граѓаните на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија од 1 јули, бидејќи нивната епидемиолошка состојба е слична или подобра отколку во ЕУ.

За другите трети земји, Комисијата не препорачува општо укинување на ограничувањата, бидејќи здравствената состојба кај некои од нив е критична. Затоа се предлага да се укинат ограничувањата за избраната група на земји, а селекцијата треба да се заснова на објективни принципи и критериуми, вклучително и здравствениот статус, можноста за воведување мерки за борба против инфекција за време на патувањето и реципроцитет. 
При тоа ќе бидат земени предвид податоците од релевантни извори, како што се Европскиот центар за контрола и превенција на болести и Светската здравствена организација.

Управувањето со границите исклучиво е во надлежност на земјите членки и Европската комисија не може да донесе одлука за тоа, туку само го препорачува.

 

Содржината е прочитана 126 пати.