Инфо

Стандардот во Македонија за 57 отсто понизок од просекот во ЕУ

Податоците на Европското статистичко биро „Евростат“ покажуваат дека македонскиот БДП по жител според куповната моќ лани бил само 38 отсто од просекот на Унијата

понеделник, 22 јуни 2020

Стандардот во Македонија лани бил за 57 отсто понизок од европскиот, додека македонскиот БДП по жител според куповната моќ бил само 38 отсто од просекот на ЕУ, покажуваат податоците на Европското статистичко биро „Евростат“.

На листата на „Евростат“ каде државите се рангираат според вистинската индивидуална потрошувачка по жител искажана според стандардот на куповна моќ, покрај 27 земји членки на ЕУ се опфатени и Велика Британија, Норвешка, Швајцарија и Исланд, потоа земјите кандидати за ЕУ - Турција, Црна Гора, Србија, Северна Македонија и Албанија, како и Босна и Херцеговина.

А, македонскиот стандард е подобар единствено од Босна и Херцеговина и од Албанија. Нешто подобра од Македонија е Србија, додека другите две држави кандидати за членство во ЕУ, Црна Гора и Турција, според вистинската индивидуална потрошувачка се подобри и од некои од членките на ЕУ. На пример, Црна Гора е подобра од Бугарија која е на дното меѓу земјите членки, додека Турција, освен Бугарија ги надминува и Хрватска и Унгарија.

Според „Евростат“ најголем скок има заблежано Романија, која исто како и Полска има потрошувачка за 21 отсто под просекот на Унијата. Латвија, Словачка, Естонија, Грција и Малта се во групата земји со потрошувачка од 20 до 30 отсто под европскиот просек, односно, на ниво од 70 до 80 отсто од ЕУ просекот, додека нешто подобар стандард има во Литванија, Португалија, Чешка и Словенија со индивидуална потрошувачка од 10 до 20 под просекот на ЕУ, по што следуваат Кипар и Шпанија со 10 отсто под европскиот просек. Најблиску до просекот на ЕУ се Италија и Ирска.

Највисок стандард во Европа има Луксембург, 35 отсто над просекот, а на второ место е Германија со потрошувачка за 23 проценти повисока од просекот на Унијата.

Луксембург има и најголем БДП по жител мерен според стандардот на куповна моќ и тоа 2,5 пати поголем од просекот на ЕУ. Следува Ирска со 91 отсто поголем БДП, па Данска, Австрија, Холандија, Германија и Шведска, чиј БДП во 2019 година е за 20 до 30 проценти поголем од просекот на Унијата.
 

Содржината е прочитана 83 пати.