МАКЕДОНИЈА

Соопштение на Фондот за осигурување на депозити за депонентите во Еуростандард банка

петок, 04 септември 2020

Фондот за осигурување на депозити испрати соопштение до депонентите во Еуростандард банка во кое се вели дека осигурениот износ од 30.000 евра ќе се исплаќа еднократно и ќе биде достапвен за исплата од денот на почетокот на исплатата на обесштетувањето.

„Ги информираме физичките лица-депоненти во Еуростандард банка АД Скопје во стечај дека обесштетувањето на осигурениот износ на нивниот депозит до законски утврдениот максимален износ од 30.000 евра ќе се исплаќа еднократно и ќе биде достапен за исплата од денот на почеток на исплатата на обесштетувањето.

Поконкретно, во врска со вчерашната објава на Фондот за осигурување на депозити, појаснуваме дека секој депонент ќе има на располагање 36 месеци, односно 3 години од денот на почеток на исплатата, за кога ќе биде во можност да го оствари своето право на обесштетување во банките-исплатувачи. Но, правото на исплата на обесштетување не застарува. По истекот на овој временски период, депонентите односно нивните наследници кои од различни причини не можеле да го остварат своето право на обесштетување во банките-исплатувачи, исплатата на обесштетување ќе може да ја остварат преку Фондот за осигурување на депозити кој останува посветен да обезбеди обесштетување независно кога депонентот ќе достави барање за да го оствари своето право на обесштетување.

Веќе се подготвува распределбата на депонентите по банки-исплатувачи и се изготвуваат потврдите за депозит, со цел процесот на исплатата на обесштетувањето да се одвива максимално ефикасно и едноставно. Во текот на следните денови ќе биде соопштен датумот на којшто ќе започне исплатата“, се вели во соопштението од Фондот за осигурување на депозити.
 

Содржината е прочитана 114 пати.