Бизнис вести

Бизнисот упати до државата 25 барања за помош за надминување на економската криза

понеделник, 21 септември 2020

Бизнисот во Македонија преку Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) упати до државата 25 барања за помош за надминување на економската криза предизвикана од епидемијата, меѓу кои едно од нив е и засилено доделување на грантови до претпријатијата како една од најпотребните мерки. Сојузот очекува Владата да ги усвои и да ги имплементира во соодветна временска рамка.

Доставените економски мерки се базирани на реалните потреби на стопанството кое се соочува со голем број предизвици од кои најголем е нарушената ликвидност која, доколку не се обезбеди итна финансиска помош многу брзо може да доведе до затворање на правните субјекти.

Како една од најпотребните мерки за конкретна поддршка што ќе пристигне директно кај претпријатијата е засилено доделување грантови на нив. Претседателот на ССК, Данела Арсовска рече дека предлог мерките се скромни со оглед на состојбите во економијата и се засновани на широк процес на консултации во приватниот сектор.

„Приоритетна мерка треба да биде директна таргетирана финансиска поддршка преку доделување на грантови за помош за најпогодените сектори, за да се ублажат негативните ефекти врз економијата предизвикани од пандемијата, бидејќи има дејности кои се пред пропаѓање. Неопходно е да се креираат прецизни протоколи за работа за сите дејности од Националната класификација на дејности, со цел да им се овозможи на сите подеднакво да функционираат во контролирани услови по квалитетно утврдени правила. Исто така, од голема важност е да се предвиди можност за одложување или репрограмирање на постоечките кредити за оние претпријатија кои се борат со одржување на ликвидноста за да се превенира пропаѓање или одземање на имотите од страна на банките“, изјави Данела Арсовска, претседателката на ССК.

Се бара продолжување на мерката од 14.500 денари до март 2021 година, како и одложување на сите даночни долгови за 2020 година и истите да се плаќаат на рати, без камата. Од Сојузот информираат и дека доставиле до Владата предлози за финансиски мерки за секторите угостителство, туризам и транспорт.

 

Содржината е прочитана 70 пати.