Бизнис вести

Владата го усвои ребалансот на буџетот, дефицитот е 8,4 отсто

понеделник, 05 октомври 2020

Рекордни 8,4 проценти изнесува дефицитот во годинешниот буџет со ребалансот што го усвои Владата на синоќешната седница. Причина за ваквата бројка е растот на расходите и тоа најмногу од мерките за ублажување на економските последици од пандемијата со Ковид-19. Овој дефиците ќе се покрие со задолжувања на домашниот пазар, додека приходната страна на буџетот останува непроменета.

„Со ребалансот не се предвидени никакви импликации во однос на социјалните трансфери и пензии и тие ќе се исплаќаат редовно. Сите мерки од пакетите 1, 2, 3 и 4 за поддршка на економијата и граѓаните во услови на здравствено-економска криза ќе се реализираат согласно плановите до крајот на годината за ликвидност на економијата преку ликвидност на компаниите и за зголемување на јавната потрошувачка“, соопштија од Владата.

Обврските за доспеаните долгови и субвенции, особени во програмите за рурален развој, образование и за еколошки проекти ќе се исполнуваат со кратење на непродуктивните трошоци, исто како и за реализација на капиталните проекти.

Според првично приектираниот буџет дефицитот изнесуваше 2,3 отсто од БДП, додека со првиот ребаланс направен во мај, по почетокот на пандемијата беше прогнозиран пад на економијата од 3,4 отсто, додека дефицитот порасна на 6,4 проценти од БДП.

Пред последниов ребаланс вкупните расходи на буџетот изнесуваа 3,950 милијарди евра, а приходите 3,199 милијарди евра.

 

Содржината е прочитана 56 пати.