Бизнис вести

НБРМ започнува со објавување на вложувањата во странски хартии од вредност

петок, 09 октомври 2020

 

Народната банка на Република Северна Македонија (НБРСМ) започнува со редовно објавување подетални прегледи со податоци за состојбата на вложувањата на резидентите во странски хартии од вредност (исплата на пари, камати, заработка или дивиденда), преку нови, вкрстени димензии.

Според календарот на објавување податоци тие ќе се објавуваат на редовна полугодишна основа и ќе бидат достапни преку статистичкиот веб-портал на Народната банка „НБСтат“.

Од НБРСМ соопштуваат дека во досегашните статистички прегледи за портфолио-инвестициите биле опфатени неколку димензии на вкупните, сопственичките и должничките хартии од вредност, приказ врз основа на земјата во која се инвестира, на оригиналната валута (за вкупни вложувања), на секторот на домашниот инвеститор, како и врз основа на рочната структура на должничките хартии од вредност.

„Во новите прегледи податоците ќе бидат прикажани врз основа на неколку вкрстени димензии. Имено, со новите прегледи ќе се овозможи вкрстено прикажување на податоци за портфолио-инвестициите според: институционалниот сектор и земјата на издавачот на странската хартија од вредност, на домашниот инвеститор и на издавачот на странската хартија од вредност, за одредена група земји“, соопштуваат од НБРСМ.

На тој начин, значително ќе се зголеми аналитичката вредност на податоците за портфолио-инвестициите – средства во рамките на извештајот за меѓународна инвестициска позиција.

Воедно, новите прегледи доброволно ќе се доставуваат и до Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), во рамките на истражувањето за портфолио-инвестиции (КППИ), како дел од статистичкиот стандард СДДС плус.

 

Содржината е прочитана 60 пати.