Бизнис вести

Угостителите проценуваат дека ќе загубат од 18 до 22 милиони евра доколку се усвојат новите мерки против Ковид-19

вторник, 15 декември 2020

Од Независната угостителска комора очекуваат Владата на денешната седница да ги земе во предвид загубите и да донесе одлуки за соодветно обештетување на сите угостители на кои им е ускратена можноста за работа.

 

 

Од 18 до 22 милиони евра директна штета ќе претрпи угостителската индустирја доколку биде усвоена новата мерка против Квид-19. Вака пресметаа од Независната угостителска комора (НУК) откако вчера Комисијата за заразни болести предложи до Владата нови рестриктивни мерки за заштита од коронавирусот, меѓу кои и забрана за работа на рестораните и кафулињата по 18 часот.

Од НУК очекуваат Владата на денешната седница да ги земе во предвид загубите и да донесе одлуки за соодветно обештетување на сите угостители на кои им е ускратена можноста за работа.

„Според нашите груби првични економски процени, новата рестриктивна мерка ќе донесе директни загуби, односно штета во висина од 18 до 22 милиони евра во угостителската индустрија. Очекуваме и се надеваме дека денес Владата при одлучувањето и дискусиите за оправданоста од усвојување на овие одлуки ќе ги земе предвид загубите и штетите што ќе бидат дополнително направени со нивното усвојување и за истите да предложи и донесе и одлуки за соодветно обештетување на сите оние угостители кои поради ускратувањето на можноста за работа им е направена ненадоместива загуба и штета. Доколку Владата не интервенира на време ќе мора угостителите самостојно да бараат начини да ја покријат штетата и покрај тоа што нема да бидат во можност да работат. Новата одлука ќе примора дел од угостителите да направат повторно рационализација на трошоците, особено во делот на вработените, со исклучок на оние што успеале да користат субвенции за плати кои се приморани да ги задржат своите вработени и во наредните 2 месеци и покрај тоа што нема да можат да работат, односно нема да имаат услови да обезбедат работа и остварување на приходи“, велат од Независната угостителска комора.

Оттаму додваат дека како реномирани македонски угостители не им останува ништо друго освен во моментов максимално да ги почитуваат одлуките и препораките на Комисијата за заразни болести  во интерес на јавното здравје. Напоменуваат дека Независната угостителска комора и останатите здруженија имат обврска да ги заштитат интересите и здравјето на сите угостители и угостителски работници кои се погодени од одлуките и мерките што се носат во име на пандемијата Ковид-19.

Вчера Комисијата за заразни болести соопшти дека во новиот пакет рестриктивни мерки една од препораките до Владата е угостителските објекти да затвораат во 18 часот наместо во 21 часот за периодот од 18 декември до 21 јануари, со цел да се избегне зголемување на бројот на заболени од Ковид-19 во престојниот празничен период.

 

Содржината е прочитана 422 пати.