Бизнис вести

„Пуцко Петрол“ го купи земјиштето на „Алумина“ за 18 милиони евра

вторник, 22 декември 2020

Инвститорот засега не открива детали за тоа што ќе се гради на ова земјиште, но не се исклучува дека ќе има станбени згради и деловен простор.  Инвестицијата се планира да биде околу 150 милиони евра

 

Нафтената компанија „Пуцко Петрол“ го купи земјиштето на поранешната фабрика „Алумина“, објави порталот „Фактор“. За земјиштето со површина од околу 42.000 квадратни метри кое беше во сопственост на израелската компанија „Газит глоуб“ се платени 18 милиони евра, кои заедно со платените даноци и другите давачки пораснаа на околу 24 милиони евра.

Сопственикот на „Пуцко Петрол“, Асмир Јахоски, син на поранешниот градоначалник на општина Пласница и сегашен пратеник од редовите на ДУИ, Исмаил Јахоски за порталот изјавува дека во време на глобална пандемија и економска криза, компанијата решила да инвестира дома. Целта е да се ревитализира целиот простор и да се стави фокус на зелените површини и парковите. Инвестицијата се планира да биде околу 150 милиони евра.

Инвститорот засега не открива детали за тоа што ќе се гради на ова земјиште, но не се исклучува дека ќе има станбени згради и деловен простор. Оттаму единствено се децидни дека нема да се гради бензинска станица, иако тоа е основната дејност на компанијата.

Инаку, Израелците го купија земјиштето на некогашна „Алмина“ на 30 јуни 2008 година кога компанијата „Газит глоуб“ преку својата филијала основана во Македонија „Г-Македонија“ на јавно наддавање понуди цена од 22 милиони евра. Планираше да инвестира 100 милиони евра во резиденцијално - комерцијален центар, кој требаше да содржи и луксузен хотел и деловни згради.

Содржината е прочитана 590 пати.