Мариа Павловска – сликарски бренд, амбасадор на културата на нашата земја во светот

Интервју со Мариа Павловска, една од најекспресивните уметници во Македонија со интернационална кариера, активна на њујоршката уметничка сцена, единствена од Балканот која е дел од светската институиција за уметност „Mana Contemporary“, добитник на бројни интернационални награди. Кон крајот на минатата година на македонската јавност и се претстави со арт-презентација на својот проект „А Реакција“
МАРИЛИ: Повод за ова интервју е арт-презентацијата на Вашиот проект „А Реакција“ што го реализиравте на крајот на 2020 година, па кажете ни нешто повеќе за самиот проект!
ПАВЛОВСКА: Ја имав честа да ги претставам на македонската јавност активноста и резултатите реализирани и постигнати надвор од границите на државата во последните години. Настанот Арт-презентација: Проект „А Реакција“, кој содржи и видео материјал – документарна содржина се одржа во Кинотеката на Република Северна Македонија на 15 декември 2020. За проектот се разговараше на панел дискусијата каде модератор на презентацијата беше Тони Димков, Културен печат, соработници на проектот беа Горанчо Ѓоргиевски од Национална галерија на РСМ и Кервин Кендал Вилијамсон, фотограф од САД и интерпретатор – англиски превод: Симеон Мони Дамевски.
Целиот настан беше поддржан со Лајф стреем при што посетителите можеа да бидат вклучени во интернационален етер и така да бидат присутни, а и да остане како понатамошен документ. Live stream link: https://www.mariapavlovska.com/live-streaming?fbclid=IwAR21RVfLDZqXUsy-rQBC4Dt4QYWsq5egsX-sgFTh9tNbzVzub-IaZGvALNY.
На настанот Арт-презентација: Проект „А Реакција“ беше претставена мојата активност како македонски автор како и резултатите што ги имам постигнато на интернационален план на полето на ликовното, а кои се последица на уметничкото студио во музејот „Мана Контемпорари“, водечка институција во Њујоршката област во САД. Проектот изработен во студиото е документиран во видео материјал со покровителство на Музејот, а потоа доби покана од Европскиот Културен Центар да учествува на 58-то Венециско Биенале во 2019 година. За целиот процес е издадена и монументална монографија „А Реакција“ во 2020 година, со покровителство на Музејот „Мана Контемпорари“, со што се комплетира и документира цел процес на проектот, од неговото создавање во атељето до изложувањето на Венециското Биенале.
МАРИЛИ: Која е Мариа Павловска и како ја започнавте Вашата интернационална уметничка кариера?
ПАВЛОВСКА: Во мојата 20-годишна уметничка практика ја истражувам уметноста користејќи ги поларните црно-бели бои и се истакнувам со специфичен експресивен стил кој е единствен како кај нас (Балканскиот регион), така и на пошироко меѓународно ниво. Делата се составени од впечатливи, непостојни потези - опфаќаат поларни спротивности: светло и темно, полно и празно, црно-бело. Формите се развиваат од слика или цртеж до видео или инсталација.
Моето уметничко патување започнува уште во рана возраст. Родена сум во Скопје, по студиите одржувам резиденции и самостојни изложби во Париз, Берлин, Словенија, Виена, Нирнберг (Германија) и Њујорк. Веднаш после моите две самостојни претставувања во Македонија со проектите „Црно Бели раскази“ на Скопско лето 1999 и „Моето Бело“ во Музеј на Град Скопје 2001 година, освоената прва награда за Сликарство од ДЛУМ 2000 година и прва награда за Цртеж 1999, поради активноста и забележливоста на изразот бев одбрана за млад автор (возраст 25) во 2001 година да ја претставувам мојата земја при тримесечната резиденција во Австрија / Kunst Mail – AIR Residence - Kunst Halle Krems / во соработка меѓу Министерството за култура на РСМ и Австрија. Евидентниот успех проследен со огромна работа при резиденцијата, резултираше со самостојна изложба „Тишина“ во галеријата „Ланг“ во Виена, каде на отворањето се обратија амбасадорот на РСМ во Австрија, Огнен Малевски и министерот за култура на Австрија, Норберт Риедл. Делата најдоа место во перманентни колекции во македонска амбасада во Австрија, во Министерството за култура на Австрија, Kunst Halle Krems Музејот, како и во приватни колекции. Министерот за Култура на Австрија г-дин Риедел во неговата рецензија кон моето претставување запиша:
„...Според мене, Мариа Павловска е една од најекспресивните млади уметници во Македонија. Начинот на кој таа ги преведува своите теми на избор на сликовен јазик ја демонстрира моќната елоквентна и силна личност која ќе го најде своето место на македонската и крајно европска културна сцена. Нејзините дела ја изразуваат експресивноста со комбинација на реализам и толкување на зрела, уникатна и силна личност“.
Кон крајот на 2001 година по покана од куратор од Kunst halle Krems Музејот изложував на изложба во истиот.
Од Министерството на Австрија ми беше соопштено дека за 2001 година моето дело е одбрано да се печати со проза од австриски поет во годишен програм кој ја документира соработката со уметниците од другите земји. Тоа резултираше со тримесечно уметничко студио во 2002 година за изработка на книгата и нејзина промоција во галеријата „Ланг“ во Виена. Подоцна, во 2003 година тоа беше претставено во Музејот на современа уметност (МСУ) во Скопје. Делата изработени при вториот престој во Австрија и прикажани во МСУ беа перманентна колекција на Амбасадата на Австрија во Скопје.
Така почна мојот интернационален пат. Потоа следеа самостојни изложби и резиденции во Париз, Белград, Сараево, Љубљана, Берлин, Загреб, Нови Сад, Софија, Нирнберг, Њујорк...
МАРИЛИ: Колку долго живеете и работите во САД и што значи да се биде дел од уметничката елита на САД, за што е доказ Вашата вклученост во монографијата „Mana Contemporary“?
ПАВЛОВСКА: После првото соло претставување во Њујорк во 2007 година, живеам помеѓу Скопје и Њујорк и продолжувам да бидам активна на њујоршката уметничка сцена, но исто така изложувам и на интернационално ниво. До сега имам 30 самостојни и повеќе од 100 групни меѓународни изложби. За моето дело се објавени рецензии во многу списанија, написи во весници и во музеи и галерии и каталози ширум светот. Учествував на Биеналето во Венеција 2019 година поканета од Европскиот Културен Центар, Арт Базел Мајами во 2014 година, претставена од МАNA Contemporary US, бев наградена како Ситибанк Уметник на годината за Годишно самостојнa изложба во 2011 година во Њујорк, исто така во Њујорк ја понесов „Кароле А. Феуерман, Фондацијата“ награда за сликарство на меѓународната изложба „Mixing Medias“, чиј домаќин беше Фондацијата „Карол А. Феуерман“ во 2015 година и имам добиено 17 грантови за уметност во текот на кариерата. Мојето студио - aтeље се наоѓа во престижниот Уметнички центар Музеј „MANA Contemporary“, водечки центар за современа уметност во областа Њујорк од 2012 година. Мојата уметност, користејќи ги поларните црно-бели бои се истакнува со специфичен експресивен стил кој е единствен како на Балканот, така и на меѓународно, интернационално ниво.
МАРИЛИ: „Mana Contemporary“ е светска институиција за уметност. Како се станува дел од неа и дали од Македонија и од Балканот има други уметници кои се нејзини членови?
ПАВЛОВСКА: Под покровителство на Музејот е воведена програма на годишни резиденции за современи автори и функционира под конкурс. Поминува низ 5 интервјуа во одбор од 7 члена. Секоја година се реаплицира и врз основа на резултите на полето на ликовното се одлучува за продолжување на резиденцијата.
Не, нема други уметници од Балканот, единствено јас сум во оваа годишна програма. Кога зборуваме за балканските автори да напоменам дека „Mana Contemapoaray“ го изложи делото на Марина Абрамович каде респективно се одржа и посебен прием на отварањето на изложбата и имаат продуктивна континуирана соработка со нејзината Фондација.
МАРИЛИ: Вие сте добитник на престижната награда за сликарство „Carole Feuerman Foundation“ во САД. Што претставува оваа награда и каков придонес е за Вашата кариера?
ПАВЛОВСКА: Откога го добив студиото и беше забележан мојот ликовен израз, учествував на Арт Базел Мајами во 2014 година, во презентација на „МАNA Contemporary US“ како награден автор / Ситибанк Уметник на годината. Добитник сум на Кароле А. Феуерман Фондацијата САД, Њујорк награда за сликарство на интернационаланата иалзжба „Mixing Medias“, чиј домаќин беше Фондацијата Карол А. Феуерман во 2015. Сето ова претставува издвоен момент на ликовната сцена и во САД и интернационлно.