Бизнис вести

ТАВ: „’easyJet’ влезе на македонскиот пазар со воведување нова авиолинија Женева – Скопје“

вторник, 02 ноември 2021

Македонскиот главен град ќе биде поврзан со швајцарскиот град три пати неделно, секој понеделник, четврток и петок 1. ноември, во текот на целата зимска сезона, а билетот ќе чини 1.476 денари во една насока

 

ТАВ Македонија, вчера во 15:05 часот, на Меѓународниот Аеродром Скопје го пречека првиот лет на „easyJet“ од Женева. Со Ербас А320 со капацитет од 186 седишта, оваа ниско-буџетна авиокомпанија за првпат слета на Меѓународниот Аеродром Скопје, одбележувајќи го почетокот на операциите на македонскиот пазар. 

„Како ТАВ навистина сме среќни што можеме да го одбележиме влезот на ‘easyJet’ на македонскиот пазар со денешниот прв лет на новата авиолинија од Женева, Швајцарија, до Скопје, Северна Македонија. Македонскиот главен град ќе биде поврзан со швајцарскиот град три пати неделно, секој понеделник, четврток и петок 1. ноември, во текот на целата зимска сезона. Авиокомпанијата донесе одлука да почне со летови сега и покрај глобалната криза во авијацијата предизвикана од КОВИД-19, како и покрај фактот дека во многу земји сè уште има рестрикции за патување со авион. Женева ќе биде третата дестинација во Швајцарија со која од Меѓународниот Аеродром Скопје ќе има авионска конекција, по Цирих и Базел. Веруваме дека оваа авиолинија има огромен потенцијал и со нетрпение очекуваме да видиме како ќе се развива во следниот период“, изјави Метин Батак, генерален директор на ТАВ Македонија.  

Од ТАВ Македонија потенцираат дека оваа нова авиолинија ќе им овозможи на патниците и од Македонија и од Швајцарија да ги посетат своите семејства и пријателите, или, пак, ќе имаат можност да ги откриваат убавините на двата града - живописните пејзажи на Женевското езеро опкружено со швајцарските Алпи, како и шармантните природни локалитети и богатото културно наследство на Скопје, градот познат како раскрсница на Балканот. 

„Во ‘easyJet’ сме среќни што ја воспоставуваме оваа нова авиолинија меѓу Женева и Скопје. Нашиот екипаж со задоволство ќе обезбеди топло добредојде и на швајцарските клиенти кои патуваат за да се сретнат и видат со пријателите и роднините или пак се во потрага по нова дестинација, и на жителите на Скопје кои бараат директна авиолинија до Женева“ , изјави Томас Хаагенсен, регионален директор за Северна Европа. 

Авиобилетите се достапни на веб-страницата на easyJet https://www.easyjet.com/en, со цени од 1.476 денари за авиобилет во една насока. Во текот на зимскиот ред на летање, од 1.ноември 2021 година, до 25. март 2022 година авионите на оваа авиолинија ќе сообраќаат секој понеделник, четврток и петок.

Инаку, ТАВ Македонија ги заврши првите девет месеци од 2021 година со вкупно 994.237 патници на двата македонски аеродрома, Меѓународен Аеродром Скопје и Аеродромот „Св. Апостол Павле Охрид“, што претставува 57 проценти пораст споредено со истиот период во 2020 година, додека споредено со 2019 година, којашто се смета за референтна година за воздухопловството, патничкиот сообраќај е намален за 52 проценти. Пред почетокот на пандемијата, ТАВ бележеше постојан раст на патничкиот авиосообраќај на македонските аеродроми.  

Во истиот период, јануари – септември 2021 година, двата аеродрома опслужија 11.203 летови, што претставува 61 отсто пораст споредено со истиот период во 2020 година, додека во однос на истиот период во 2019 година бројот на летови е намален за 34 проценти.

Содржината е прочитана 289 пати.