„Инфо Тим Логистика“ од Србија - компанија што ја олеснува работата во агробизнисот

Интервју со Аракси Микаелијан, генерален менаџер на „Инфо Тим Логистика“ од Србија. Во интервјуто за МАРИЛИ, Микаелијан говори за 14 годишната успешна работа на компанијата која нуди широк сервис на услуги во агробизнисот, наменет за земјоделските произведувачи и сите земјоделски субјекти, како би можеле на едно место да добијат обилни корисни информации, да го олеснат и унапредат производството на своите имоти или фарми. Микаелијан зборува и за постигнатите резултати, добиените благодарници и награди за работата на компанијата, за макотрпниот пат на жената во бизнисот, но и за неизбежниот успех кој докажува дека жената е столб на промените во општество. 

 

МАРИЛИ: Вашата компанија „Инфо Тим Логистика“ постои од 2009 година. Која е основната дејност на компанијата, со што занимава и од каде потекнува идејата за работа во агробизнисот?

МИКАЕЛИЈАН: Инфо Тим Логистика е компанија која нуди широк сервис на услуги во агробизнисот, наменет за земјоделските произведувачи и сите земјоделски субјекти, како би можеле на едно место да добијат обемни корисни информации, да го олеснат и унапредат производството на своите имоти или фарми. Преку користењето на веб и мобилната платформа на корисниците во голема мера си го олеснувааат огласувањето на своите производи за продажба, набавката на суровини и репроматеријали, секојдневно имаат увид во огласените понуди и побарувачката на земјоделско-прехранбени производи.

Исто така, ажурно го информираме и за тековните субвенции, закони, уредби, конкурси, поволни кредити, ИПАРД фондови, но и движењето на цената на пазарите во регионот и светот, што им дава голема предност во секој момент, кога носат важни бизнис одлуки. Во аграрот сум пристутна од 2003 година.

Низ мојата професионална работа во пружање бизнис информации, увидов дека на земјоделците им недостасува систем низ кој би можеле брзо, веродостојно и сигурно да ги пласираат своите производи, да добиваат информации и моментално огласени цени на земјоделски производи и да најдат нови бизнис партнери. Како резултат на сето ова, Инфо Тим Логистика (ИТЛ) настана во 2009 година.

Денес ИТЛ е препознатлива не само по следењето на современата технологија и разбирање на потребите на современото работење во земјоделството, туку и по достапноста и веродостојните информации. Со оглед на тоа дека живееме во свет на брзи промени и брз начин на живот, мој императив е постојано да ги унапредувам услугите и начините на информирање на соработниците, со што секојдневно би имале придобивка и би го унапредиле своето работење.

МАРИЛИ: Колку е неопходна поддршка од ваков тип на информации во современиот земјоделски развој во сферата на агробизнисот?

МИКАЕЛИЈАН: Може да се работи и традиционално, но на таков начин не може исто да се заработи. Секој кој има сериозен пристап кон работата е свесен дека има корист од овој начин на информирање. Денес има брз проток на информации, но пазарот е многу динамичен и многу често е потребно бргу да се донесуваат одлуки, независно дали се работи за набавка или пак за продажба.

Да бидам прецизна, ова што ние го работиме е составна алатка на секој сериозен учесник во агробизнисот, исто како што е потребна современа механизација, нови семиња, нови заштитни средства, така и оваа услуга е многу важна. Гледајќи го односот на заработка и вложување, не постои вложување во земјоделско производство кое може да се врати толку пати како вложувањето во информации.

МАРИЛИ: Каква е улогата на Вашата компанија и Вашата агроберзанска платформа во услови на прехранбена криза во Србија и регионот?

МИКАЕЛИЈАН: Улогата на Инфо Тим Логистика е многу голема бидејќи еден од предизвиците е и непредвидливиот пазар кој секојдневно пред нас поставува предизвици, но напредуваме со решавањето на истите и секогаш учиме нешто ново. Брзата и точна информација вреди онолку колку што работиш, врз основа на информацијата којашто Инфо Тим Логистика ја нуди, нашите корисници можат да донесуваат квалитетни одлуки, а тоа повлекува поголема заштеда и заработувачка.

Влијанието на агроекономската криза сѐ уште се чувствува. Како што минатата година цените растеа, сега се намалуваат, следствено на тоа и сега се подеднакво битни информациите кои ги даваме. Ова прашање е многу интересно, можеби и поважно за време на ковид кризата, кога овој начин на размена на информации беше и единствен. 

МАРИЛИ: Дали соработувате со други агроберзи од Европа и светот и дали Вашата агроберза успева да најде алтернативни пазари, со оглед на недостаток од житни култури поради актуелната воена криза?

МИКАЕЛИЈАН: Ги следиме случувањата на другите берзи од светот во однос на трендовите на цените. Пазарно ги поврзуваме купувачите и продавачите на територијата на Србија, оние кои се надвор од нашата земја, се на берзата најчесто заради следење и учество на нашиот пазар.

Пронаоѓањето нови пазари е дел во работата кадешто уште треба да се работи и да се напредува. Никогаш нема доволно пазари. Моменталната цел ни е да наоѓаме компании од опкружувањето на Србија кои се подготвени за соработка со наши (српски) компании, но во иднина секако дека би требало да се поврземе со цела Европа.

Тоа поврзување е секогаш корисно и им носи бенефиции и на домашните и на странските компании.

МАРИЛИ: Дали постои и каква е соработката на Infotim.rs со компании од Македонија?

МИКАЕЛИЈАН: Веќе соработуваме со компании од Македонија, но за да зборуваме за целта проширување на пазарот и меѓусебна соработка, присутноста на македонски компании на српскиот и обратно, српски компании на македонскиот пазар, потребно е сето тоа да се интензивира.

Затоа јас, меѓудругото сум овде денеска. Затоа што Македонија за нас отсекогаш била добар и интересен пазар и секако постои голем интерес за идни соработки.

МАРИЛИ: Во Вашата компанија работат само жени. Какви се вашите видувања и искуства, дали постои родова рамноправност во бизнис светот на Балканот?

МИКАЕЛИЈАН: Инфо Тим Логистика претставува еден навистина сложен, лојален, искален колектив и за мене можеби тоа е  едно од најголемите признанија за мојата работа, бидејќи ме следат во развојните идеи и имаат доверба во одлуките кои ги носи раководството.

На жените, посебно во Србија, не им е лесно, затоа што во нашиот бизнис сепак доминараат мажите. Но, жената отсекогаш била столб на општеството и промените, и ние во Инфо Тим Логистика се трудиме да бидеме што поуспешни за да им бидеме пример и на другите дами, пример како е можно да се успее во бизнисот.

Потребни се многу енергија, секојдневно стекнување на нови знаења и многу одрекувања за се стигне до успехот.

МАРИЛИ: Како професионалец кој долги години и успешно води свој приватен бизнис, кажете ни, што е пресудно за напредок на женета во кариерата?

МИКАЕЛИЈАН: Кога човек добро ќе се организира може се да постигне. Секако, имаше и периоди кога не беше лесно. Се соочував со бројни ситуации, но истите за мене беа предизвик да бидам уште подобра и поуспешна. Се е тоа до човекот, колку сме подготвени да одиме напред, да ги надминеме тешкотиите и да се искалиме.

Во текот на изминатите 14 години работење имаме многу благодарници за придонес во равојот на земјоделството во разни сфери, но некако во последните две години пристигнаа наградите кои за мене се потврда за сработеното. Секако, тоа важи за мојата работа, на тимот на Инфо Тим и на сите индивидуално.

Двата пехари на Меѓународниот саем за земјоделство – Најдобра во агробизнисот и за придонес во развојот на дигиталната платформа во агробизнисот се навистина исклучително признание.

Јас исто така ја добив престижната награда Business Woman 2021 за категоријата агробизнис, што значи дека жените и тоа како можат да бидат препознаени како носителки на развојот на земјоделството во Србија.

МАРИЛИ: Која е Аракси Микаелијан приватно, што Ве исполнува и Ве прави среќна?

МИКАЕЛИЈАН: Длабоко сум убедена дека балансот меѓу работниот ангажман во текот на денот и приватните активности е клуч за здрав живот и напредок.

Колку и да човек ангажиран на своето работно место, мора да се посвети на своето семејство и пријателите, како и на својот духовен развој.

Се трудам што повеќе време да поминувам во природа, а сакам и да патувам и да запознавам интересни луѓе и обичаи.

Исто така, верувам дека секој од нас треба барем дел од својот живот да го посвети на помагањето на другите, онолку колку е тоа можно.

Моето животно мото е: „Дозволете и на вашата насмевка да го менува светот, но не дозволувајте светот да ја смени вашата насмевка“.


Статијата е прочитана 795 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско