Извоз од 6,8 милијарди долари од јануари до октомври годинава

Вкупната вредност на извозот на стоки од државава во периодот јануари-октомври годинава изнесува 6.816.423.000 долари и бележи пораст од 29 проценти на годишно ниво. Вредноста на увeзената стока, пак, во истиот период, изнесува 9.302.587.000 долари, што е за 34,4  проценти повеќе во споредба со истиот период лани.

Државниот завод за статистика објави дека трговскиот дефицит, во периодот јануари-октомври годинава изнесува 2.486.164.000 долари.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, делови за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и фероникелот.

Во увозот, пак, најмногу се застапени „други метали од платинската група и нивни легури”, необработени или во облик на прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали, освен сурови, платината и легурите на платина, необработени или во прав и керамичките производи за лабораториска, хемиска и индустриска употреба.

Според вкупниот обем на надворешно-трговската размена во првите десет месеци од годинава најмногу сме тргувале со Германија, Велика Британија, Србија, Грција и Кина. 

 


Статијата е прочитана 413 пати.

Сподели: