МЗШВ: Земјоделците навреме да аплицираат за субвенции за овошни насади

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги повикува земјоделците навремено да аплицираат за директните плаќања по обработлива земјоделска површина за одржување на постоечки овошни насади.

Корисници на овие субвенции можат да бидат земјоделските стопанства кои имаат минимум 0,2 хектари одржлива површина со постоечки овошни насади збирно за следните овошни видови: јаболка, слива, праска, круша, вишна, кајсија, цреша, јагода на отворено, малина, капина, боровинка, диња, мушмула, актинидија, маслинка, калинка, јапонско јаболко, смоква, аронија, шип, рибизла, гоџи бери, бадем, лешник, орев и питом костен. Земјоделските стопанства треба да се регистрирани во Единствениот регистар за земјоделски стопанства.

„Минимален број на овошки- садници по хектар прифатлив за секој овошен вид одделно е даден во табелата за минимален број на овошки-садници во Прилог 5, дел од Уредбата за поблиските критериуми за директни плаќања, корисниците на средствата, максималните износи и начинот на директните плаќања за 2023 година. Висината на директните плаќања изнесува 12.000 денари по хектар“, информираат од ресорното Министерство.

Земјоделските стопанства можат да аплицираат и за дополнителна субвенција од подмерката 1.8. за јаболка предадени кај регистрирани откупувачи или регистрирани преработувачки капацитети запишани во Регистарот на откупувачи на земјоделски производи, односно за подмерката 1.11.

Право на аплицирање за дополнителните плаќања имаат земјоделските стопанства, корисници од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2022 година, за одржување на постоечки јаболкови насади и остварено производство на јаболка за период од 15 септември 2022 до 15 мај 2023 година, кои го предаваат директно или кај регистриран откупувач или преработувачки капацитети. Висината на доплнителните директни плаќања изнесува три денари по килограм.

Од Министерството потсетуваат дека крајниот рок за поднесување на апликации за субвенции за 2023 година за растително и сточарско производство е до 30 јуни. Барањата може да се достават секој работен ден во канцелариите на подрачните единици на МЗШВ или електронски преку веб страната на Платежната агенција.


Статијата е прочитана 174 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско