35 години „ЕАМ“ Штип – македонски текстилен бренд со светско реноме
Интервју со м-р Марија Патриклиска, менаџер во Оддел за човечки ресурси во „ЕАМ“ ДОО Штип, текстилна компанија која оваа година прославува 35-годишен јубилеј, успешно постоење и работа. Компанијата која е препознатлива по врвниот квалитет во светски рамки има долгогодишна традиција на производство на трикотажни материјали и готови производи од нив.
„ЕАМ-семејството“ брои над 300 членови, поседува најнов машински парк и технологија за производство на трикотажни материјали и готови производи - маички, поло маички и дуксери со годишен капацитет од 1.200.000 производи.
М-р Патриклиска е докажана менаџерка, полна емпатија кон вработените и луѓето, воопшто.
МАРИЛИ: Почитувана м-р Патриклиска, од кога датира и што претставува „ЕАМ“ ДОО Штип денес? Кои се капацитетите на компанијата и колку воведувањето стандарди, иновации и современи технологии придонесе за европскиот лик на Вашата компанија?
М-Р ПАТРИКЛИСКА: Компанијата „ЕАМ“ ДОО Штип постои од 1991 година како семејна компанија во која денес работи и третата генерација сопственици. Почетоците датираат откако започна распаѓањето на тогашниот текстилен комбинат „Македонка“ и „Астибо“, со тројца вработени во рамките на семејството.
Денес тоа „ЕАМ-семејство“ има повеќе од 300 членови и на располагање има најнов машински парк и технологија за производство на трикотажни материјали и готови производи - маички, поло маички и дуксери со годишен капацитет од 1.200.000 производи.
Со стандардизацијата компанијата покажува квалитет, безбедност и одржливост - вредности што се клучни во деловното работење.
Воведувањето на иновациите, пак, ни овозможува подобрување на производите и зголемена ефикасност како услови што го задоволуваат европскиот пазар, а модернизацијата на технологијата ја олеснува работата.
Дигитализацијата и автоматизацијата ги зголемуваат угледот и довербата на нашата компанија кон клиентите како модерен, одговорен и светски ориентиран бизнис.
МАРИЛИ: Што значи денес да се има сопствен, оригинален бренд во текстилната индустрија и колку тоа е гарант за успех, особено во морето на силни и познати светски брендови?
М-Р ПАТРИКЛИСКА: Сопствен, оригинален бренд се гради со години, со успешно, доследно и одговорно однесување кон клиентите и пазарот.
Не е доволно да се произведе само облека, потребно е да се создаде препознатлива автентичност, т. е. оригиналност, квалитет, удобност и лого како основа за оригинален бренд, кој е подготвен да заплива во морето на силни светски имиња.
Денес, како претежно извозно ориентирана компанија, ние со гордост можеме да се пофалиме дека успешно пливаме во овие води.
МАРИЛИ: Колку долго сте на менаџерската позиција? Како менаџер во компанија што е успешна во континуитет и има значаен импакт во развојот на македонската економија, според Вас, за што мислите дека е клучно да се постигне тоа ниво?
М-Р ПАТРИКЛИСКА: Како менаџер во Одделот за човечки ресурси работам повеќе од 15 години. За да се постигне успех на кое било поле потребни се многу работа и голема посветеност.
Прво и најважно за мене се јасната визија и стратегија во кој правец би се движел развојот на компанијата и со каков квалитет би било тоа.
Второ, луѓето се најголем капитал, т. е. инвестирањето во нив. Нивното надградување, мотивација и задржување на талентирани вработени создава стабилност на компанијата.
Трето е постојаното подобрување на производите и услугите што ќе ги задоволат потребите на пазарот. Компанијата „ЕАМ“ е препознатлив бренд за „work wear“, т. е. работна облека, која повеќе од 30 години има значаен импакт во економскиот развој на Македонија.
МАРИЛИ: За успешна жена менаџер неизбежни се конзистентноста и континуираната работа. Кои лични карактеристики Ве донесоа таму каде што сте денес?
М-Р ПАТРИКЛИСКА: Во неколку наврати спомнував дека не сакам многу да зборувам во прво лице. Некако подобро ми звучи кога некој ќе ја пофали или награди мојата посветеност во работата.
Како жена менаџер научив дека успехот доаѓа со конзистентноста, трудот и вербата во себе.
Никогаш не се откажувам лесно, дури и кога нештата не одат според планот бидејќи секој нов предизвик раѓа нова лекција.
Дисциплината и одговорноста ми помагаат да бидам доследна, независно од некои препреки, а емпатијата да го ислушам секој вработен, да ја споделам тагата или радоста, да разберам различни карактери, сѐ со цел да се создаде здрава работна средина.
Верувам дека овие вредности - труд, искреност и човечност се клучот за секој успех.
МАРИЛИ: Според Вас, каков удел во подобрувањето на женското лидерство, менаџерство и претприемаштво има манифестацијата „Избор на најуспешни жени менаџери“, која се одржува веќе 30 години?
М-Р ПАТРИКЛИСКА: Неколку години сум горд член на „Марили Бизнис Клуб“ на Агенцијата „Марили“ и наградена жена менаџер во 2024 година.
Манифестацијата „Избор на најуспешни жени менаџери“, која успешно се одржува веќе 30 години, има огромна улога во развојот на женското лидерство и претприемаштво.
Ваквите настани покажуваат дека успехот на жените е резултат на поддршка, визија и континуиран развој. Тие ги охрабруваат младите жени менаџери и претприемачи да се развиваат, да преземаат иницијатива за создавање иновативни и успешни тимови.
Манифестацијата не само што ги наградува најуспешните, туку создава и платформа за размена на искуства, менторство и вмрежување.
Статијата е прочитана 859 пати.

























