„Ветрот знае зошто“ – роман кој суптилно го буди најдоброто во нас

Интервју со Катица Митовска Христовска, авторка на прозното дело „Ветрот знае зошто“ и наставник по физика и математика. Нејзината прва публицирана книга излезе од печат на почетокот на јуни, годинава. Книгата се чита „во еден здив“ бидејќи содржината изобилува со протагонисти, без ниту еден антагонист, повик за зголемена еколошка свест,  испреплетени реалност и имагинација, пораки до младите да се почитуваат меѓусебно, да ги негуваат љубовта кон блиските и татковина, да останат во својата земја и да се потрудат во секоја ситуација да го извлечат најдоброто од себе...

МАРИЛИ: Г-ѓа Катица, неодамна од печат излезе вашето прозно дело со наслов „Ветрот знае зошто“. Кажете нѝ, како се роди идејата за да го напиштете овој роман?

МИТОВСКА ХРИСТОВСКА: ,,Ветрот знае зошто“  е мојата прва публицирана книга, сепак првото мое прозно дело е збирка од шест приказни која сѐ уште не е издадена. Приказните настанаа во периодот додека моите син и ќерка беа мали и бараа да ѝм раскажувам за нивните играчки. Во тоа време мислев дека тие приказни ќе ги напишам собрани во една збирка кога ќе бидам во пензија.

Таа моја идеја се оствари многу порано благодарение на периодот додека бевме во карантин. Подоцна, една случајно направена скица која наликуваше на дрво покрј кое стои девојка ме асоцираше на сцена од некоја сосема нова приказна.

Додека гласно размислував за идејата ги разменував своите мисли со ќерка ми Марија, сфатив дека ова нема да биде кратка приказна и дека ќе има доволно материјал за да се созададе роман.

МАРИЛИ: „Ветрот “се провлекува низ целиот роман, а исто тако е дел од насловот. Која е симболиката на ветрот и зошто токму овој природен феномен го третирате во вашето прозно дело? Дали природата и продните феномени и промени ги поистоветувате со секојдневието,  и воопшто со животот на луѓето?

МИТОВСКА ХРИСТОВСКА:  Иако социјално битие, сепак, човекот е дел од природата. Природните циклуси влијаат врз целокупниот живот на човекот.

Ветрот е една интересна природна појава преку која доаѓа до движење на воздушните честички, истите тие честички кои биле во наша околина ветрот може да ги однесе на сосема друг крај и обратно, симболично, како да помага луѓето постојано да бидат поврзани.

Од друга страна, шумолењето на лисјата додека ветрот ,,си игра“ со нив потсетува на симфонија која ветрот ја ,,компонира“  за да предизвика кај нас релаксирачки чувства.

МАРИЛИ: Голем дел од сижето на „Ветрот знае зошто“ е посветено на природните/временски непогоди. Дали со тоа сакате да укажете колку всушност е важна грижата за природата и будењето на еколошката свест кај луѓето, посебно кај младите?

МИТОВСКА ХРИСТОВСКА: Првенствено да, будењето на еколошката свест мора да биде на повисоко ниво и поинтензивно.  Во романот има сцени каде што луѓето предизвикуваат одредени еколошки штети врз природата.

Се надевам дека тие сцени ќе предизвикаат читателите да размислат дали и самите некогаш се нашле во таква ситуација, или ако би се нашле во таква ситуација, дали би се обиделе навремено да ја спречат.

Исто така, се споменуваат и нагли климатски промени за кои сме сведоци во последно време. Секако дека природата наоѓа начин да се одбрани и да нѝ укаже дака сме нанеле преголема штета, а преку тие нагли и невообичаени климатски промени, природата како да ни упатува апел да се свестиме за нашите постапки.

МАРИЛИ: Кои се симболиките на самовилите и вилениците со кои ги поврзувате протагонистите?

МИТОВСКА ХРИСТОВСКА: Секој од нас има одредена дарба, убаво е кога ја негуваме и се трудиме да го извлечеме најдоброт од себе,  а со тоа да го извлечеме доброто од тие околу нас.

Во секој од нас се крие самовила или виленик, а како ќе ги искористиме нашите ,,крилја“, зависи од нас самите.

МАРИЛИ: Вие сте и наставник по физика. Многу добро ги познавате природните и физичките закони, досегашните познати факти за настанувањето на светот. Сепак, во романот говорите и нешто возвишено, за натприродни сили и појави за кои се чита само во приказните. Што Ви беше намерата?

МИТОВСКА ХРИСТОВСКА:  Бидејќи и самата сум љубител на книги во кои има фантазија,  симболиката која  ја спомнав во претходното прашање ја претставив преку сижето со содржина во која има фантазија. Според мене, убаво е понекогаш да прочитаме книги во кои има фантазија, бидејќи покрај тоа што за момент нѐ носи далеку од реалноста, таквите книги ја будат нашата креативност. 

Но, и покрај тоа што одредени појави се опишани преку фантазија, сепак укажуваат на тоа дека природата наоѓа начин да се избори, да се регенерира, на опстане. И секако, во суштина се околу нас е енергија која нѐ поврзува, се менува, но сепак, секогаш е тука. 

За жал, со текот на времето, со развојот на техниката и технологијата, човекот го изгубил сензибилитетот да би можел лесно да ги чувствува вибрациите на природата.

МАРИЛИ: Работите со млади луѓе и секојдневно ја следите нивната комуникација. Дали една од целите на овој роман е праќање  порака, посебно кон младите, дека културата и добрата комуникација се клучни за градење на подобри меѓучовечки односи?

МИТОВСКА ХРИСТОВСКА: Ако забележавте, во романот нема негативни ликови. Едноставо, нема класичнa борба на доброто против злото. Борбата на ликовите е самите да го извлечат најдоброто од себе или да се во присуство на лица кои можат да го извлечат доброто од нив, а на тој начин се надоградуваат како личности самите тие.

Младите луѓе сакаат книги, поточно, повеќе филмови со супер херои, натприродни појави и фантазија.  За жал, во тие содржини се појавува и многу насилство, агресија и желба за одмазда.

Мислам дека желбата за одмазда треба максимално да се одбегнува, бидејќи таа ги поттикнува негативните мисли а со тоа и така наречената ,,негативна енергија“.

Добро е кога би можеле  да се обидеме да ги разбереме луѓето кои постапиле лошо и доколку можеме да им помогнеме, бидејќи оние луѓе кои ги нарекуваат лоши, во суштина имаат некоја голема мака за која понекогаш и самите не се свесни.

МАРИЛИ: Колку Вашето секојдневие беше инспирација да создадете роман за млади?  Што е она што возрасните треба да го сторат/променат за денешната и идна младина да биде повоспитана, подобро едуцирана и да сака да остане во нашата земја?

МИТОВСКА ХРИСТОВСКА: Во книгата се појавуваат како споредни ликовите и мајките. Улогата мајка и сопруга во животот е една од најкомплексните улоги кои може да ги има една жена. Во суштина, мајката е таа која ја одржува хармонијата и го одржува балансот во едно семејство, а покрај тоа да остане своја и доволно силна за да ја изгради својата кариера.

Посебно преку ликот на баба Рози е опишана македонската жена во 20-иот век. Понекогаш се откажува од ,,своите крилја“(од својот сон) за да се посвети на семејството и во многу ситуации суптилно да помага на своите најмили.

Преку љубовта која родителите ја даваат на своите деца би требало да се негува и  патриотското чувство, поточно желбата да се остане тука и секој да придонесе колку може и умее за надминување на ситуацијата во која се наоѓаме, бидејќи младите се тие кои треба со силна волја и упорност да ги направат промените на подобро.   

МАРИЛИ: Многупати во книгата нагласувате „ако постојат случајности“. Верувате ли дека ништо не е случајно?

МИТОВСКА ХРИСТОВСКА: Дефинитивно, бидејќи многу пати одредена случка нѐ води кон друга, едни настани предизвикуваат други, па откако сликата ќе биде целосна се навраќаме на почеток и умееме да кажеме: ,,да не се случеше тоа, немаше да се случи ова“...

И пак доаѓаме на почеток, сѐ се случило така како што требало, за мозаикот да биде целосен.

МАРИЛИ:  Која е Катица Митовска Христовска приватно? Освен пишувањето, што друго ве исполнува?

МИТОВСКА ХРИСТОВСКА: Пред сѐ, мајка сум на две, сега веќе полнолетни деца, син и ќерка. Нивната поддршка и верба во тоа што го работам ми даде волја да не се откажам, додека најголема заслуга во техничкиот дел за ова дело да биде издадено ја има мојот сопруг. 

Како што веќе спомнавте, јас сум наставник по физика и математика во ООУ,,Кочо Рацин“ во Центар, Скопје, инаку, училиште во кое и јас учев.  Иако се насочив кон природните науки, сепак, уште од основно училиште хоби ми беше пишувањето. Во текот на годините понекогаш своите емоции ги искажував преку пишан текст или поезија, само за себе.

Секако, во слободно време сакам да читам и да слушам музика. Често им велам на учениците од моето одделение:

,,Во текот на денот, барем еднаш, пуштете си ја омилената песна“.

Сметам дека тоа има големо влијание врз моменталното расположение.

Тоа што сум наставник по физика не пречи да ја истакнам мојата љубов кон пишаниот збор и пишувањето бидејќи во секоја уметност има наука и во секоја наука има уметност, а главниот уметник е природата.


Статијата е прочитана 1560 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско