Интервју со Дарко Перушески, извршен директор и ко-основач на Gley: „Нови хоризонти - IPO, локална продукција и партнерство со М6“

„Глеј“ и M6 Едукативниот центар потпишаа Меморандум за разбирање, со кој платформата „Глеј“ станува дел од семејството од над 30 компании посветени на корпоративна едукација и дигитална продукција. Преку ова партнерство, „Чекор напред“ и тематските иницијативи на М6 ќе имаат ексклузивно студиско место на „Глеј“, а ќе се развиваат и вебинари, интерактивни поткасти и менторски сесии.

Токму овој значаен чекор е повод за интервју со извршниот директор и ко-основач на СВОД – МАСТЕР АД / Gley, Дарко Перушески.

МАРИЛИ: Каква е логиката зад одлуката „Глеј“ да излезе на Македонската берза преку IPO (иницијална јавна понуда)?

ПЕРУШЕСКИ: IPO-то на Свод мастер а.д. (сопственик на стриминг платформата „Глеј“) не е само финансиско средство, туку стратешка потврда дека растеме заедно со заедницата на инвеститори. Со над 120.000 регистрирани корисници, скалабилна технолошка платформа, воведувањето на рекламите како додатен извор на приход и воспоставување на силни партнерства со локалните бизниси (првенствено телеком операторите) го затворивме циклусот на почетен раст и позиционирање.

Сега ни треба додатен капитал за да го продолжиме и забрзаме растот. Преку IPO-то им даваме шанса на локалните мали и средни инвеститори директно да придонесат во заедничкиот раст, а воедно ја нагласуваме нашата посветеност на транспарентност и долгорочно градење вредност.

МАРИЛИ: Како ќе ги насочите собраните средства за јакнење на домашната програма?

ПЕРУШЕСКИ: Домашната продукција е тоа што не разликува од останатите стриминг платформи и она што привлекува најголемо внимание кај корисниците. Оттаму најголемиот дел од собраните средства ќе бидат вложени за да се обезбеди континуитет во развој и продукција на премиум локални содржини и на тој начин да се зголеми бројот на месечни корисници а со тоа и приходите.

Околу проектите кои се планирани примарно ќе се концентрираме на нови сезони на веќе докажани домашни франшизи, креирање на домашни верзии на светски признати франшизи, како и документарни програми кои ќе раскажуваат наши приказни и ќе ја истражуваат уникатноста на нашите заедници.

Притоа планираме во овие проекти соработка со докажани автори и режисери но и да дадеме поддршка на млади кадри со цел да се обезбеди континуитетот на продукција.

Секако ќе продолжиме со вложувањето во проширување на детската програма, како единствено место во дигиталниот свет каде децата може да гледаат популарна и едукативна содржина на македонски и албански јазик.

МАРИЛИ: Како партнерството со М6 Едукативниот центар ќе влијае на едукативната димензија на „Глеј“?

ПЕРУШЕСКИ: Со М6 Едукативниот центар имаме една заедничка мисија: преку производство и пласирање на квалитетна домашна програма да придонесуваме во едукација во насока на градење современо европско општество. 

Оттука развојот на поткастите, едукативните вебинари, но и развојот на друг тип проекти засновани на овие принципи ќе биде од големо значење за нас како и за М6.

МАРИЛИ: Какви технолошки иновации подготвувате за подобрено корисничко искуство и монетизација?

ПЕРУШЕСКИ: Примарно технолошкиот развој ќе биде насочен кон развој на серверот за реклами кон  што поквалитетно таргетирање на корисниците и кон „купи од телевизор“ опциите.

Исто така, континуирано ќе се развиваат и апликациите за пристап до содржината со нови особини (offline режим, профили, подобрување на интерфејсот и останати сегменти) како и системот за пратење на корисниците (ЦМС).

Сето ова ќе го направиме за да ги поврземе креаторите и брендовите со вистинската публика, на најинтерактивен можен начин.

МАРИЛИ: Каква улога ќе има дијаспората и како ја гледате иднината на „Глеј“ надвор од Македонија?

ПЕРУШЕВСКИ: Дијаспората е нашиот неодвоив дел и сега 10% од корисниците доаѓаат оттаму. На пример, во последната година на Глеј стримале корисници од 120 различни земји. Со континуиран развој на домашна продукција очекуваме бројот на корисници од дијаспората да се зголемува.

Како единствена платформа во регионот која го има хибридниот модел (претплата плус реклами) во нашите планови е и ширењето на овој концепт и во регионот.

Со јасен патоказ од IPO до зајакнување на локалната продукција и со партнерството со M6 Едукативен центар, „Глеј“ го дефинира идниот образовен и медиумски пејзаж во Македонија – комбинирајќи технологија, културна автентичност и учење во една платформа.


Статијата е прочитана 289 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско