Постигнат договор за зголемување на платите во јавниот сектор за 10 проценти, вработените ќе добијат и К-15

Преговорите на претставниците на синдикалните организации и Владата денеска завршија со успешен исход. Од септември ќе добијат зголемување на платите од 10 проценти, исплата на К-15 до крајот на годината, а новата методологија која ќе почне да се применува од март 2025 година, ќе овозможи системско решение за усогласување на платите и ќе го осамости процесот на усогласувањето на платите од влијанието на која било влада во иднина, пренесува МИА.

„ Ако имаме во предвид дека платите на голем дел од вработените во јавниот сектор со синдикални активности пораснаа изминатиов период, за нас беше битно тој пораст на платите на вработените од јавниот сектор да не биде анулиран со ова зголемување туку ова зголемување да биде дополнување на тоа зголемување од јануари до септември. Дополнително добро е тоа што утврдивме конечно регрес за годишен одмор. Исправивме една голема неправда кон вработените во јавниот сектор особено во здравството кои немаа добиено ниту еднаш до сега регрес за годишен одмор“, рече претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов, по денешната средба со претставниците на Владата.

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска изјави дека е постигнат договор за потпишување на општиот колективен договор и за сите оние спорни прашања кои со месеци се разговараат со претставниците на синдикатите.

„Договоривме дека новата методологија за пресметка на плати за вработените во јавниот сектор ќе започне од март 2025 година. Со септемвриската плата во 2023 ќе биде покачувањето од проценти на платите во јавниот сектор, К-15 до крајот на декември 2023 година во висина од 10.000 денари, а во општиот колективен договор ќе стои одредба за исплатата на К-15 од 2024 година да биде најмалку 30 проценти од висината на просечната плата во изминатата година“, рече Тренчевска.

Министерот за финансии, Фатмир Бесими, на денешната изјава го потврди истото и рече дека сега генерално е постигнат договор за реформи во однос на системот за регулирање на платите.

„По процедурата на потпишување на Општиот колективен договор ние веќе во септември ќе треба да одиме со ребаланс на буџетот, и ова да влезе и во буџетот за 2025 година“, истакна министерот Бесими. 

Вицепремиерот одговорен за економски прашања, Фатмир Битиќи овој договор го оцени како историски и подвлече дека со ова се забораваат старите навики на преговарање и уцени.

Фото: Фејсбук/Фатмир Битиќи


Статијата е прочитана 201 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско