Комитет на експерти на Совет на Европа за СППФТ: Народната банка работи по меѓународни стандарди

Народната банка соопшти дека оценката на Комитетот на експерти на Советот на Европа за спречување перење пари и финансирање на тероризам („Манивал“) е дека системот за лиценцирање и супервизија на Народната банка ги исполнува меѓународните стандарди за борба против перењето пари и финансирањето на тероризмот.

„Во Извештајот, заснован врз евалуацијата извршена од октомври 2021 година до мај 2023 година, е истакнато значењето на супервизијата заснована на ризици, како и соработката со надлежните државни органи. Значаен придонес кон позитивната оценка имаат и бројните подзаконски акти донесени од страна на Народната банка и спроведените обуки за зголемување на ефикасноста во работењето на финансиските институции, а истовремено позитивно се оценети и корективните мерки на Народната банка за унапредување на квалитетот на дејствувањето на финансиските институции во борбата против перењето пари и финансирањето тероризам“, се вели во соопштението.

Во Извештајот на „Манивал“, посочува Народната банка, позитивно се оценети и високата свесност и ефикасноста на деловните банки во борбата против перењето пари и финансирањето на тероризмот.

Ваквата оценка, велат од НБ, е резултат на долгорочни, постојани и сеопфатни напори за унапредување на регулативата рамка и спроведување на мерките за спречување перење пари и финансирање тероризам.

Извештајот за земјава бил усвоен на 65-тата пленарна седница на „Манивал“ одржана на крајот на мај. Во Извештајот дадена е позитивна оценка и за целокупната поставеност на системот за спречување перење пари и финансирањето на тероризмот, што може позитивно да влијае врз рејтингот на финансиските институции, добивањето поволни услови за меѓународни кредити и е предуслов за побрза евроинтеграција.


Статијата е прочитана 199 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско