Градинки „Светот на Колорес“  - Правилен развој на децата, градење самодоверба и поттикнување грижа за себе и другите

Интервју со Билјана Караманолевска, директорка на приватната детска градинка „Светот на Колорес“  во кое зборува за функционирањето на градинката која располага со три објекти, за спецификите и предностите за престој на децата во овие градинки, за тоа како е во континуитет успешно да се менаџира со специфичен бизнис како што е згрижувањето деца од претшколска возраст.

Во консултација со стручниот тим во градинките, Караманолевска дава осврт, но и препораки за тоа како треба децата да се воспитуваат за правилно да растат и да се развиваат и да стекнат самодоверба и независност. 

МАРИЛИ: Вие сте директорка на приватните детски градинки „Светот на Колорес“. Накратко, кој е капацитетот на градинките,  кои се спецификите и предностите за децата кои ги посетуваат вашите градинки?

 КАРАМАНОЛЕВСКА: Нашите три објекти располагаат со капацитет за сместување на 270 деца. Располагаме со два објекта во населба Карпош и еден во населба Аеродром,  со план за идно проширување. Децата во нашите градинки се поделени по групи, од најмала група или јасли, до групи составени од дечиња од претшколска возраст.

Најголемиот дел од денот децата го поминуваат на отворено, надвор, осознаваат спонтано и низ игра.

Исто така, децата имаат можност да учат од професионален тим кој секојдневно ги надоградува знаењата и методите за раст и развој на деца кои понатаму ќе умеат храбро да чекорат низ животот.

Тука се и дидактичките средства со чијашто помош, децата заедно со учителките создаваат и извршуваат најразлични задачи.

Нашата цел е секое дете, индивидуално да стекне одредени способности:

-да развие интелигенција, креативност и талент,

-да може само да носи одлуки,

-да ги почитува и да се грижи за другите и природата,

-да стекне самодоверба и независност.

МАРИЛИ: Со каков тим на стручни лица соработуваат градинките и колку нивните анализи и препораки се применуваат во воспитниот процес?

КАРАМАНОЛЕВСКА: Во градинката се вработени стручни лица а соработуваме и со стручни лица од надвор. Има дефектолог, логопед, педагог, музички педагог.

Додека пак надворешните соработници доаѓаат по потреба, за одржување на час по англиски јазик, час по француски јазик, јога и други активности.

Се користат методи кои придонесуваат за правилен раст и развој кај децата.

МАРИЛИ: Кои се главните согледувања и прашања кои се наметнуваат за децата во современиот, динамичен начин на живот ?

КАРАМАНОЛЕВСКА: Современиот динамичен живот придонесува децата сѐ повеќе да ја користат технологијата, со што стануваат поагресивни, без концентрација и слаби моторички вештини.

Затоа, нашата препорака е дека детето од најрана возраст треба да посетува градинка. 

МАРИЛИ: Како да му кажеме на детето „не" и да научи дека не може да добие сѐ во секое време?

КАРАМАНОЛЕВСКА: Децата се детектори и точно знаат како да ја искористат слабоста на родителите.

Преголемата љубов на родителите кон своите деца доведува до пропуст во воспитувањето и поставувањето на границите на детето до каде може да манипулира со неговите желби и барања.

Секој родител го посакува најдоброто за своето дете, да биде среќно и задоволно.

Доколку детето е тажно, тагата се рефлектира на родителот и оттука доаѓа несвесната попустливост и исполнување на сите желби. Затоа е важно родителите да умееат да постават граница. 

МАРИЛИ: Кои се Вашите согледување во однос на намалената концентрација кај децата?

КАРАМАНОЛЕВСКА: Концентрацијата кај децата е видно намалена. Сѐ повеќе се опкружени со технологија, наместо со традиционалните игри на отворено, со цел да бидат заштитени, да не паднат, да не се удрат и сл. Повеќето родители дозволуваат од најрана возраст децата да ја користат технологијата. Технологијата и игрите се направени со цел да бидат интересни и занимливи, но за жал создаваат зависност и децата креираат свој, имагинарен свет кој нема многу допирни точки со реалноста. 

Затоа е потребно секое дете да помине квалитетно време на отворено, низ игра и социјализација, каде ќе има можност да се поттикнува на размислување и истрајност. Концентрацијата на децата се вежба уште од најраната возраст, односно во градинка. Доколку во овој период не се совлада, тогаш ќе имаат потешкотии во училиште каде треба да седат во училишните клупи повеќе од 30 минути.

За да се надмине овој пропуст, секој родител треба да работи на сопствената едукација за правилно насочување на своето дете, бидејќи основата за правилен раст и развој започнува од семејството. Доколку има проблеми во воспитувањето, родителите треба да работат и на промена на методите по кои би ги едуцирале и насочувале децата. 

МАРИЛИ: Што се случува во Македонија со надарените деца? Постојат ли специјализирани програми по кои се работи со надарените деца? Како треба да се постапи за да се насочат правилно овие деца? 

КАРАМАНОЛЕВСКА: Кај надарените деца треба да се пронајде вистинскиот „дар" и правилно да се насочат.

Во нашата држава сѐ уште не постојат училишта кои имаат паралелки со насочени активности и учење за натпросечно интелигентните деца. Тоа е најголемата грешка која може да се направи кај овие деца.

Овие деца од раѓање имаат природни способности и се над просекот за нивната возраст. Може да се надарени во една или повеќе области, вклучувајќи спорт, музика, уметност, јазици и други.

Важно е за секоја институција таа надареност да ја препознае кај секое дете и да му пружи поддршка и охрабрување за максимално да може да ги искористи своите способности.

МАРИЛИ: Според Вас, каде родителите највеќе грешат кога станува збор за воспитување и правилно насочување на децата?

КАРАМАНОЛЕВСКА: Најголемата грешка на родителот е презаштитеноста на детето. Со презаштитеноста, родителот го спречува детето само да ги осознае опасностите во светот и индиректно го спречува детето да се вклучи во било какви социјални ситуации.

Им се отежнува можноста да стекнат нови пријателства и да научат нови социјални вештини, а со тоа да сфатат дека во група односот и вниманието не може да биде индивидуално. Воедно, така се учи емпатија, сочувство и сл.

Истражувањата покажуваат дека децата кои се презаштитени се посклони кон стрес, депресија и анксиозност. Како што растат овие деца обично стануваат незадоволни од животот и имаат нереални очекувања од останатите луѓе околу нив.

Затоа децата не треба да бидат презаштитени, туку да им покажеме и да ги научиме на свест и грижа, пред сѐ за себе и секако за останатите битиjа во светот.

МАРИЛИ:  Колку e важна континуираната едукација и надградба и колку признанијата и наградите за сработеното, Ве поттикнуваат и се стимул за постојано да го унапредувате овој специфичен бизнис?

КАРАМАНОЛЕВСКА: Досега сме добиле многу признанија и награди, но најважни ни се признанијата од задоволните и среќни деца. Деца кои сме ги израснале во личности кои имаат вистински вредности и се гордееме со нивните успеси.

Како минува времето, се менуваат и генерациите, па мора и ние да се менуваме и надоградуваме.

Затоа, од голема важност e континуирано да се едуцираме, надградуваме, да посетуваме обуки и да ги прошируваме нашите знаења.

 

 


Статијата е прочитана 1563 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско