Проф. д-р Барбов: Здружението „ХОУП“ има цел да ја подигне свесноста за афазијата и да им помогне на сите засегнати

Интервју со Проф. д-р Иван Барбов, специјалист невролог на ЈЗУ Универзитетската клиника за неврологија – Скопје. Проф.Барбов е врвен специјалист во својата област и поранешен директор на Клиниката за неврологија. Еден од поводите за интервјуто е формирањето на „ХОУП“ – Здружение за помош и поддршка на лица со афазија, чијашто цел е зголемување на свесноста за оваа состојба, советување и поддршка на пациенти со афазија. Здружението е основано од адвокатката Мирјана Марковска, а една од целите е преку кампањи да се објасни и дестигматизира ова нарушување. Проф. д-р Барбов зборува и за ретките болести, новините на Неврологија, за неговите професионални ангажмани и достигнувања, но и за она што го релаксира кога нема обврски.

 

МАРИЛИ: Проф. Барбов, афазијата е состојба/нарушување која најчесто се јавува по мозочни удари?  Објаснете нѝ, што е афазија, кои состојби најчесто ја предизвикуваат и накратко кажате нѝ, како се третира?

ПРОФ. Д-Р БАРБОВ: Во најопшта смисла, афазијата е губиток или пореметување на говорната функција предизвикано со мозочно оштетување. Најчест причинител за различните форми на афазијата е мозочниот удар, како едно од најчестите невролошки заболувања. Но афазијата се јавува и кај други заболувања на мозокот како што е мултипла склероза, деменција и други дегенеративни заболувања.

Лекувањето на афазитите е всушност лекување на основното заболување, а во подобрувањето на говорот потребно е да биде вклучен мултидисиплинарен тим, во кој најважна улога имаат логопедите. Тие се клучни во терапијата на пореметувањето на говорот, но за жал во нашата држава има малку државни центри за рехабилитација на говорот, поради што пациентите се приморани да ангажираат приватни логопеди.

МАРИЛИ: Колку нездравиот начин на живот, физичката неактивност, лошата исхрана, цигарите,  стресот,  па и во поново време пост-ковид последиците, имаат влијание да дојде до мозочен удар?

ПРОФ. Д-Р БАРБОВ: Ова што е погоре наброено се всушност ризик факторите за настанување на артериосклероза, односно мозочен и срцев удар. Секако, здравиот начин на живот го намалува овој ризик, што е докажано и во клиничките студии. Правилната исхрана и физичката активност се вклучни во регулацијата на нивото на шеќерот и холестеролот во крвта, регулација на крвниот притисок, а важна е и апстиненцијата од алкохол и цигари.

Ковид пандемијата го промени како физичкото, така и психичкото здравје кај населението, а кај некои луѓе остана како последица зголемена коагулабилност на крвта, која е посебно голем ризик од настанување или повторување на мозочните удари.

Исто така, ковид пандемијата, веројатно поради асимптоматски инфекции на централниот нервен систем, доведе до зголемување на автоимуните болести кои го напаѓаат мозокот.

МАРИЛИ: Заедно со адвокатката Мирјана Марковска, која е основач на „ХОУП“ (HOPE), Здружение за помош и поддршка на лицата со афазија, им помагате на пациентите коишто се соочуват со ова невролошко нарушување. За каква помош, совети  и поддршка конретно станува збор?

ПРОФ. Д-Р БАРБОВ: Здружение за помош и поддршка на лица со Афазија ХОУП - Скопје е независно, доброволно и непрофитно здружение на граѓани, формирано со примарен фокус на остварување, заштита, унапредување и усогласување на правата, потребите и интересите на лицата со афазија и лицата кои водат грижа и нега за нив.

Нашите активности се насочени кон доброволен контакт со лицата со афазија и давање совети од нашиот мултидисциплинарен тим. Тоа се остварува преку социјалните медиуми, телефонски разговори,а наскоро и со организиирање на настани во живо, за подигнувањето на свесноста за афазиите меѓу населението.

МАРИЛИ: Како афазијата се третира во развиените земји, во Европа, дали има современи медицински методи кои се користат или пак може да се имплементираат во нашето здравство?

ПРОФ. Д-Р БАРБОВ:  Во Европа има многу пософистицирани начини за третман на афазијата кои вклучуваат и паметни апликации за мобилни телефони, преку кои лицата со афазија се во постојан контакт со тимовите, ги прават вежбите за подобрување на говорот, а воедно се прави и квантификација, мерења на напредокот во третманот на афазиите.

Има и некои инвазивни техники за стимулација на центрите на говор, но тие сѐ уште се во експериментална фаза.

МАРИЛИ: Кои новини во последниве неколку години се направени на Неврологија, во смисла на нови современи медицински третмани кои се воведуваат во лечењето на пациентите?

ПРОФ. Д-Р БАРБОВ:  По неколку децении стагнација во новите третмани на невролошките болести, последнава деценија сме сведоци на невиден бум во развојот на иновативни невролошки лекови, како што се моноклоналните антитела, РНК-месенџер терапиите и секако генските терапии.

Овие терапии доведоа до поуспешно лекување на многу невролошки заболувања како што е мултипла склероза, мигрена, но и некои ретки болести како што е спиналната мускулна атрофија. 

Децата со спинална мускулна атрофија (СМА) тип 1, обично не живееја повеќе од  една година. Со новите иновативни терапии, нивниот животен век е продолжен и сега среќавама деца со СМА тип 1 кои се на 5 или 6 годишна возраст. Вагусната нервна стимулација кај болните со епилепсија, како и длабоката мозочна стимулација кај пациентите со Паркинсонова болест, исто така се инвентивни третмани.

МАРИЛИ: Проф. Барбов, дали е долг процесот на дијагностицирање на ретка болест кај пациент?

ПРОФ. Д-Р БАРБОВ: Ретките болести може да се манифестираат со симптоми и знаци од повеќе органи и органски системи, понекогаш со комбинации од симптоми невообичаени за класичните заболувања, поради што процесот на дијагноза понекогаш оди многу бавно, со прегледи од различни специјалисти и примена на софистицирана дијагностичка опрема. И во Западните земји за некои ретки болести е потребно и до 5 години за да бидат дијагностицирани.

Темелна евалуација на фамилијарната историја е секогаш важна, за да се добијат податоци за исти или слични заболувања во поблиското семејство. За наследните ретки болести, дијагнозата секогаш е со генетско тестирање, а за некои генетски болести постои и пренатален скрининг за рано откривање на овие болести.

МАРИЛИ: Колку пациенти со ретки болети има во државата според Регистарот за ретки болести и сметате ли дека има подобрување во однос на достапноста на терапиите за пациентите?

ПРОФ. Д-Р БАРБОВ:  Во нашата држава според Регистарот за ретки болести на Министерството за здравство има околу 700 пациенти со ретки болести, со околу 70 различни дијагнози.

Меѓутоа,  според податоците од Здруженијата за ретки болести, во нашата држава има околу 2000 пациенти со ретки болести со околу 300 различни дијагнози. Оваа разлика во податоците се јавува заради тоа што само за околу 5% од болните има терапија. Затоа пациентите со ретки болести за кои засега нема лек, не се пријавуваат во регистарот за ретки болести.

Состојбата со терапијата за овие болести е подобрена последниве години, но е далеку од задоволителна. Со оглед на тоа дека овие терапии се иновативни и се многу скапи, ограничениот буџет на Министерството за здравство често не може да ги покрие. Затоа е потребно ревидирање на позитивната листа на лекови, на која би се нашле и овие лекови, со цел да бидат покриени директно од Фондот за здравствено осигурување, според водичи и консензуси за секоја болест и лек посебно.

МАРИЛИ: Колку неврологијата е напредната од научно-технолошки аспект? Колку Македонија ги следи овие трендови и колку се применуваат кај нас?

ПРОФ. Д-Р БАРБОВ: Неврологијата е медицинска дисциплина за дијагноза и терапија на  органските болести на централниот и периферниот нервен систем и сведоци сме секојдневно на дизајнирање и производство на понови и понови дијагностички апарати.

Во нашата држава ги имаме најесенцијалните дијагностички апарати (компјутеризирана томографија, магнетска резонанца, електромиографија и др), иако недостасува пософистицирана опрема за дијагноза на  одредени невролошки заболувања.

Овие денови Клиниката за неврологија го доби новиот апарат Судоскен, за мерење на автономниот симапатичен одговор.

Меѓутоа, има проблеми и со организираноста на работата иако имаме одредени апарати. На пример, магнетска резонанца има само на Институтот за радиологија во склоп на Клиниките „Мајка Тереза“ во Скопје. Закажувањето таму е многу комплицирано и често многу се чека и за термин и за резултат од снимањето, иако се работи за хоспитализирани пациенти.

Веројатно недостигот од медицински персонал го прави своето, а решението е во интегрирање на Клиниките во еден клинички центар.

МАРИЛИ: Кој е Проф. Барбов професионално?

ПРОФ. Д-Р БАРБОВ:   Јас сум лекар специјалист-невролог, вработен на Универзитетската клиника за неврологија во Скопје а воедно и Професор на Медицинскиот факултет при Унивезитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје. Имам работно искуство повеќе од 30 години, секогаш посветен на пациентите и едукацијата на студентите и лекарите на специјализација. Сум бил на конгреси и едукација во повеќе земји во светот, од кои најзначајни се моите едукации за невромускулни болести во САД, Бугарија и Италија.

Околу 5 ипол години бев и Медицински директор на Универзитетската клиника за неврологија во Скопје. Сум добил многу награди и признанија за мојата работа од кои најдрага ми е наградата „13 Ноември“ на град Скопје за 2021 година, за проектот „Вагусна нервна стимулација“, која ја добивме тим составен од невролози и неврохирурзи.

МАРИЛИ: Кој е Проф. Барбов приватно? Што Ве релаксира по долгиот работен ден?

ПРОФ. Д-Р БАРБОВ:  Надвор од работното време јас сум обичен граѓанин, живеам скромно и повлечено. Душевниот мир сепак ми е најважен. Имам еден возрасен син со кој поретко се гледаме бидејќи живееме во различни градови, а и обврските не дозволуваат да поминуваме повеќе време заедно. Иако си ја сакам работата и максимално сум посветен на моите пациенти, сепак работата доста психички ме исцрпува и по работното време морам да одморам неколку часа.

Во попладневните и вечерните часови најчесто сакам да прошетам во природа или на кејот на Вардар, затоа што тоа навистина ме релаксира. Се обидувам што повеќе да бидам физички активен, бидејќи здравиот начин на живот подразбира изнаоѓање на баланс помеѓу работните обврски и физичката активност.

Исто така сакам да патувам и секоја прилика ја користам да посетам некој од европските градови, да се запознаам со нивната култура и традиција.


Статијата е прочитана 1184 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско