Лебот нема да поскапи, тврдат мелничарите

Цената на лебот во однос на брашното ќе нема никакви поместувања, освен ако драстично не поскапат енергенсите или електричната енергија како минатата година, тврдат мелничарите. Но, во таков случај, тие очекуваат Владата да реагира навремено и да ги изрегулира на соодветно ниво цените на енергенсите или струјата за да не се повтори, велат, проблемот од лани, пренесува МИА.

Според претседателот на Групацијата на мелничко-пекарската индустрија при Стопанската комора Горан Малишиќ, изминатите денови непотребно се крена многу прашина околу цената на лебот.

Како што изјави Малишиќ за МИА, Групацијата во консултации со најголемите индустриски производители на леб утврдила дека темата за зголемување на цената на лебот е само шпекулација во јавноста, поттикната од зголемувањето на цените на другите основни производи.

„Моменталната ситуација на цените на светските и регионалните берзи на пченицата, би рекол и покрај сите турбуленции околу војната во Украина, некако се стабилизираа на ниво од 230 до 245 евра тон за меркантилна пченица на најрелевантната Матиф Француска берза и на Чикашката берза од околу 205 до 215 евра по тон. Регионалните цени во моментов се движат во тој опсег помеѓу цените од двете берзи и сите индекси од берзите за цените во Декември 23, Март 24 или Мај 24 па и по жетвата во 2024 се движат во истиот опсег. Сите овие податоци ни даваат за право да веруваме дека по тој основ цената на брашното како и индиректно на лебот, посебно индустрискиот, ќе го задржат истото ниво на цени во идниот би рекол подолг период. Покрај овие берзански индиции, нашата Групација, во консулатции со своите членки, односно во консултации со најголемите индустриски производители на леб, утврди дека темата за зголемување на цената на лебот се само шпекулации во јавноста поттикнати од страна на зголемувањето на цените на другите основни производи“, истакнува Малишиќ.

Цените на брашната за индустриска употреба моментно се движат, зависно од типот и квалитетот, од 20 па до 35 денари, а во малопродажбата од 30 до 50 денари.


Статијата е прочитана 322 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско