Лозари од Тиквешко бараат да се решат проблемите со одредувањето за производствените цени

Подобри состојби во лозаропроизводството, бараат лозарите и најавуваат „жежок септември“  доколку не се излезе во пресрет на нивните барања и укажуавања, вели за МИА, Јован Златевски, претседател на Сојузот на здруженија на лозаропроизводители во Македонија, со седиште во Кавадарци, пренесува МИА.

Златевски за МИА посочува дека не ја исклучуваат можноста од протести и блокади, во нивниот обид да го свртат вниманието на јавноста, врз проблемите во лозарството. Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, пак, велат дека на седницата на потсекторската група било кажано дека е критично важно да се воспостават договорни односи помеѓу земјоделците и винариите и оти тие треба да бидат поставени на стабилна основа.

Златевски истакнува дека години наназад производителите на грозје се соочуваат со проблеми и крајно време е, како што додаде, да се затворат со децении отворени прашања, како на пример, тоа, за одредување на производствени цени за килограм грозје и времето на објавување на тие цени според шеќерни единици.

„Откако паметам за себе, лозарството е традиција во нашето семејство. Одгледуваме триесет декари под лозов насад. Точно е дека ретки се годините како оваа, кога побарувачката за грозје е поголема од понудата. Низ годините, главно се случуваше да има вишоци на грозје, да нема кој да го откупи, родот да скапува по нивите или во колоните трактори пред откупните пунктови, шира да тече наоколу, а револтираните лозари да го фрлаат или да го газат со нозете, грозјето што за нив живот значи. Не може човек да се радува кога има многу род, затоа што тогаш има и вишоци грозје, ниту пак кога има поголема побарувачка, затоа што тоа, како годинава, значи дека производството е намалено бидејќи својот данок си го земале различни непогоди“, појасни Златевски.

Според информациите со кои располагаат, рече дека лани имало 93 милиони килограми грозје во државата, 76 милиони од индивидуални земјоделски стопанства и 17 од винарници, што располагаат со сопствени лозови плантажи.

„Годинава очекуваме околу 40 милиони. Родот е преполовен поради болести, како пепелница и пламењача, но и како последица на глобално затоплување и климатски промени, временски непогоди. Свое влијание имаше и оштетувањето на сифонот Макарија на хидромелиоративниот систем „Тиквеш“, но и одлуката на луѓето да ги напуштат лозјата поради економска неисплатливост. Се намалува бројот на лозаропроизводители, особено на младите. Дел од нив кренаа раце од лозовите насади и заминаа да работат по туѓи лозови плантажи во странство за повеќе пари“, рече претседателот на Сојузот.

Од Секторот за вино во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) добивме информација дека согласно одржаната седница на потсекторската група на ППГ-ГВ, годинешниов род на винско грозје се проценува од 65-70.000.000 килограми. Оттаму додадоа дека поради развој на пепелница и пламеница на лозовите насади, родот и квалитетот на винското грозје е намален, додека побарувачката на винско грозје изнесува од 85-90.000.000 килограми.

На седница на потсекторската група одржана на 7 јули 2023 година, се утврдени вкупните залихи на вино кои изнесуваат 45.017.064 литри вино, а оваа година залихата на вино за разлика од минатата година изнесува околу 20.000.000 литри помалку.

„ На седницата на потсекторската група беше кажано дека е критично важно да се воспостават договорни односи помеѓу земјоделците и винариите. Односите треба да бидат поставени на стабилна основа, бидејќи ниските откупни цени на грозјето, засега негативно влијаат на производството на грозје, особено во години каква што е оваа година. Во такви периоди, заштитата е од изразито значење, а се забележува и драстично зголемување на цените на репроматеријалите потребни за гроздоделство, што влијае на зголемување на нивните трошоци. Со тоа се нагласи и потребата од промена во начинот на исплата од страна на винарите, особено кога се плаќа за грозјето веднаш по откупот. Се потенцираше дека треба да се избегнува практиката за намалувањата од 8 проценти во цената, ако се изврши исплатата веднаш по откупот, се вели во одговорот до МИА.

На прашањето, има ли преговори околу цени за килограм грозје, има ли пресметка за реално чинење и какви активности презема Министерството за да ги доближи лозарите и винарите овој гроздобер, добивме одговор дека „на последната седница на потсекторската ППГ-ГВ, која се одржа на 11 август 2023 година во МЗШВ, од страна на членовите на групата се одлучи да не се разговара за цената на чинење на винското грозје при откуп од страна на винарските визби, заради тоа што побарувачката за купување на винско грозје е поголема од понудата“.


Статијата е прочитана 224 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско