Бизнис академија Смилевски го препознава потенцијалот на студентите и ги обликува за потребите на македонскиот пазар

Интервју со проф. д-р  Маја Кузмановска, директорка на Бизнис академија Смилевски - БАС. Во интервјуто проф.д-р Кузмановска зборува за новитетите на академијата и за мисијата на БАС, да го препознае потеницијалот на секој студент, правилно да го насочи и како „готов“ производ да го понуди на македонските компании. Кузмановска вели дека во БАС се особено горди на фактот дека активно соработуваат со повеќе 40 компании кои припаѓаат на различни дејности на двете локации на кои делуваат, во Скопје и Битола. Проф. д-р Кузмановска, годинава беше прогласена за една од најуспешните жени менаџери од агенција „Марили“ на манифестацијата „Избор на најуспешни жени менаџери“.

МАРИЛИ: Од оваа студиска година Бизнис академија Смилевски БАС воведува програма за постдипломски стидии во областа на човечките ресурси. За што контретно станува збор и дали има и други новитети?

ПРОФ. Д-Р КУЗМАНОВСКА: Бизнис академија Смилевски БАС е акредитирана високообразовна установа која успешно функционира во областа на високото образование уште од 2007 година. Истата нуди додипломски и постипломски студии кои се внимателно конципирани и во согласност со барањата на пазарот. Години наназад од нашата институција излегуваат дипломирани бизнис и стратегиски менаџери кои успешно пливаат во водите на менаџментот. Академската 2022/2023 година ја запишавме и првата генерација на студенти на новата студиска програма по Маркетинг менаџмент на додипломски студии и кон крајот на 2025 година очекуваме да ги имаме и првите дипломирани маркетинг менаџери.

Многу често ја употребуваме фразата „иднината останува на младите“, но одговрноста да оставиме подобра иднина за следните генерации е комплетно наша. А образовниот систем е клучниот столб на економијата кој има за цел да создаде кадри кои целосно ќе се вклопат во промените што секојдневно се случуваат и бараат нови профили на менаџери.

Како високообразовна установа, со висок степен на општествена одговорност, постојано ги следиме промените во економијата, а особено реалниот бизнис сектор, со најголем фокус на пазарот на труд, односно недостатокот на одреден тип на специјализирани кадри. Во минатите неколку години дојдовме до заклучок дека голема е потребата од висококвалификувани кадри во областа на човечки ресурси, чија задача ќе биде да го подигнат работењето на секоја организација на повисоко ниво, максимизирајќи го потенцијалот на човечките ресурси.

Водени од овие заклучоци, минатата година го започнавме и успешно го завршивме процесот на акредитација на едногодишни постдипломски студии по Стратегиски менаџмент на човечки ресурси. Нашата мисија преку овие студии ќе биде да создадеме специјалисти по стратегиски менаџмент на човечки ресурси, чија задача е да бидат вистински партнер на бизнисот. Овие специјалисти ќе работат на поддршка и развој на бизнисот преку: вработување и поставување на вистинските луѓе на вистинско место; подобрување и оптимизирање на процесите во организацијата; градење и негување на организациска култура; развој на системи за мотивација и сл. Овие студии се едногодишни, студентот се стекнува со 60 ЕКТС, а стручниот назив на дипломата гласи: специјалист по Стратегиски менаџмент на човечки ресурси.

МАРИЛИ: Колку долго БАС е присутна во високото образование и кои студиски програми, додипломски и последипломски ги нудите на студентите?

ПРОФ. Д-Р КУЗМАНОВСКА: Веќе 16 години успешно котираме во рамките на високото образование и создаваме кадри од областа на менаџментот кои се препознатливи по вештините и компетенциите  кои ги стекнуваат за време на студиите. Од минатата година ја проширивме нашата стручност во полето на Маркетингот, а од оваа година дополнително и во полето на Човечките ресурси. Преку знаењето кое го стекнуваат за време на студиите, надополнето со целокупната пракса, нашите студенти се високо и подеднакво конкурентни како на домашниот, така и на странскиот пазар. Мисија на БАС е да го препознае потеницијалот на секој студент, правилно да го насочи истиот и како „готов“ производ да го понуди на македонските компании.

За жал, мора да констатираме одлив на квалитетен кадар последниве години, тренд кој дополнително ја прави неконкурентна македонската економијата. Со оглед на ваквата состојба во која се наоѓа бизнис секторот, доколку истиот сака да ги задржи овие млади, квалитетни и перспективни кадри, треба многу да вложи во условите за работа кои се нудат и да биде доволно атрактивен да го привлече и задржи човечкиот капитал.

Во овој момент имаме четири активни акредитирани студиски програми. Две студиски програми во рамките на првиот циклус на студии, и тоа: студиска програма по Бизнис менаџмент и студиска програма по Маркетинг менаџмент. И две студиски програми во рамките на вториот циклус на студии: студиска програма Стратегиски менаџмент и Стратегиски менаџмент на човечки ресирси. Моментално имаме добра понуда во областа на менаџментот, маркетингот и човечките ресурси.

Но, секако дека не застануваме тука. Целиот кадар на БАС неуморно работи на нови истражувања преку кои ги детектира новите потреби и барања. Апсолутно сме свесни дека живееме едно ново време во кое вредностите и навиките постојано се менуваат, очекувањата растат, барањата се огромни, а критериумите многу високи. Немаме простор за создавање на комфор зона во која мирно ќе работиме. Напротив, продолжуваме со новитети кои ќе ја одржат нашата професионалност и автентичност како високообразовна установа. Кога ќе имаме конкретна понуда, истата ќе биде достапна до јавноста.

МАРИЛИ: Вашето мото е „подготвени за работа уште од првиот ден“. Колку мотото стана пракса во реалниот сектор и каде можат студентите на БАС да одат на практична настава? За колкав број и какви партнерски компании станува збор?

ПРОФ. Д-Р КУЗМАНОВСКА:  Праксата е задолжителен дел од нашите студиски програми и се спроведува во текот на целите студии. Девизата по која се водиме е „подготвеност за работа од првиот работен ден“. Ова ни дава за обврска внимателно да ја подготвиме програмата за пракса и внимателно да ги избереме партнерските организации кои се соодветни на нашите студиска програма. Дополнителна предност е шансата што ја нудиме на нашите студенти, а тоа е да работат со ментори кои исто така внимателно се избираат, обучуваат и добиваат привилегија да им биде доверена одговорноста за професионалниот развој на студентите во текот на нивните посети. Неслучајно велам добиваат привилегија бидејќи младите луѓе се полни со идеи, во себе носат огромна креативност и претставуваат непресушен извор на инспирација, а тоа е благодет за секој од нас кој има шанса да работи со нив.

Соработката со бизнис секторот е многу значајна. Особено сме горди на фактот дека моментално имаме активни соработки со преку 40 компании кои припаѓаат на различни дејности на двете локации на кои делуваме – Скопје и Битола. Со сите нив Заеднички учиме, се надополнуваме и се обидуваме да го надминеме јазот помеѓу теорија и праксата. Бројот на соработки секојдневно се зголемува бидејќи интересот е обостран и потребен заради надминување на јазот помеѓу теоријата и практичното знаење.

Сѐ поголем е бројот на примери кои покажуваат дека праксата е одлична можност  компаниите да идентификуваат кадри од нашите студентите кои подоцна ќе ги ангажираат за нивно трајно вработување. Особено сме горди на голем број студенти кои добиваат понуда за ангажман уште за време на студирањето и тоа од компаниите во кои биле на пракса. Тоа ни е мотивација и инспирација и понатаму да вложуваме во практичната настава и генерално во сферата на високото образование.

МАРИЛИ: Каква е примената на дигитализацијата во делот на човечки ресурси, што е светски тренд . Дали странските искуства се применливи и кај нас?

ПРОФ. Д-Р КУЗМАНОВСКА:  Дигитализацијата има значително  растечко влијание во областа на човечките ресурси (ЧР). Таа се применува во многу аспекти на овој сегмент со цел да се подобрат процесите и да се остварат подобри резултати. Како илустрација ќе споменам неколку сегменти: Е-регрутација (E-Recruitment): Дигитални платформи и онлајн ресурси за регрутирање на нови вработени; Е-учење (E-Learning): Дигитални платформи и апликации за обезбедување обуки и образование на вработените; Е-Управување на персонал (E-HR): Дигитални системи и апликации за автоматизирање на процесите во ЧР; Анализа на податоци (HR Analytics): Дигиталните алатки и апликации за собирање, анализирање и интерпретирање на податоци за вработените и перформансите во организацијата; Мобилни апликации (Mobile HR Apps): за поедноставен и брз пристап до информации за вработените за платите, службени правила и други аспекти на ЧР; Интернет на работното место (IoT): за следење на активностите на вработените и условите на работното место за подобрување на безбедноста и ефикасноста; Виртуелни асистенти и вештачка интелигенција (AI): за автоматизација на одговорите за прашања кои често се поставуваат од страна на вработените и соодветните услуги.

Дигитализацијата е процес кој трае и е применлив т.е. неопходен во сите бизниси и сите дејности. Во денешно време прашањето: Дали да ја имплементираме дигитална технологија, треба да се замени со прашањето: Кога ќе имплементираме дигитални технологии во работењето. А време за барање компромис нема. Колку побрзо компаниите ја сфатат потребата од дигитализација на процесите  и се спремни да инвестираат во модерни технологии кои во континуитет ќе бидат надградувани, толку подобро ќе се справат со сите предизвици на новото време и ќе останат конкурентни, не само на домашните, туку и на странските пазари.

Со оглед на универзалната примена на дигитализацијата слободно може да констатираме дека и во областа на човечките ресурси истата овозможува не само комплетно олеснување на админитративните работи, туку и поиновативен начини за развој и управување со вработените. Истовремено им помага на организациите да станат поагилни и конкурентни во брзото менување на  светот на бизнисот.

Ако направиме една паралела на примената на дигитализација во оваа областа кај нас, споредена со светските искуства може да констатираме дека се уште сме на различно ниво. Но, тоа ни помага да идентификуваме точки на подобрување и тоа подобрување во ефикасноста, продуктивноста и задоволството на вработените кои пак од друга страна бараат инвестиции, соодветни ресурси, обука и поддршка од страна на компаниите и државата. Меѓу предизвиците кои стојат на патот на целосна имплементација на овој процес може да ги издвоиме: Инфраструктура и технологија: современи информатички системи, софтвери и инфраструктура; Образование и вештини: вработување на кадри кои располагаат со потребните компетенции и знаења и експертиза; Економска стабилност: Финансиската стабилност и поволна клима за инвестиции во дигитализација; Регулаторна средина: законодавствата и прописите. И секако, со подеднаква важност вредно за споменување е развиена свест за потребата од имплементирање на новите технологии како и степенот на развиеност на иновативната култура кои значајно влијаат на процесот на прифаќање на нови технологии.

МАРИЛИ: Неодамна бевте на повеќенеделен семинар во Кина. За што конретно станува збор, дали може накратко да нѝ го опиштете искуството и какви новитети и имресии носите од таму?

ПРОФ. Д-Р КУЗМАНОВСКА:  На мое огромно задоволство имав исклучителна можност и чест пред сѐ, во период од 7 до 20 јули на покана на Кинеската влада, а во коорганизација на Ministry of commerce, AIBO (Academy for International Business Officials) и CCPIT (The China Council for the Promotion of International Trade, да бидам дел од семинарот насловен „Seminar on promotion for development of clean energy industry for chambers of commerce and Industry of B&R countries.Belt and Road е иницијатива која се однесува на инфранструктурната и економска соработка на различни региони во светот, со цел истите да ги поврзе преку развој на инфраструктура, трговија, инвестиции и култура. Секако, главна цел е остварување на нови инвестиции и економски раст и развој на земјите во развој.

Семинарот имаше за цел да го подобри разбирањето и да ги продлабочи пријателствата на учесниците преку заемно учење и размена и да создаде платформа за меѓународна размена и соработка меѓу земјите во развој. Истиот беше поделен на два дела: тематски предавања и екскурзии (посета на значајни културни знаменитости) и посета на компании. Би сакала да ја потенцирам високата професионалност и прецизност од страна на организаторите. Сите активности главно се случуваа во Пекинг и Чангчун кој претставува најголем град во провинцијата Jilin.

Организираните предавања дадоа една слика на кинеската култура, традиција и условите под кои моментално функционира Кина, политиките кои се спроведуваат, производните капацитети, соработката во рамките на B&R иницијативата, споделувања на искуства во делот на clean energy Industry, придобивки од дигитализација итн.

Од факултативните посети, би сакала да ги издвојам посетата на Summer palace и The great wall. Попатно посетивме уште многу места кои го збогатија моето искуство и оставија силен печат.

Од организираните посети на компании ги издвојувам посетите на: FAW Group (водечка компанија за чиста енергија); Changchun Railway Vehicles Co., Ltd., etc (Jilin); ЈА Solar; Beijing Dynamic Power; Yingke Law firm; Central Research Institute of SPIC; Crec changchun expo city. Секоја посета беше одлично организирана. Вработените се високо посветени и професионални, љубезни и гостопримливи, отворени за соработка и силно мотивирани. Паралелно со секоја посета имаше организирано и едукативен дел кој всушност беше презентација на секоја компанија поединечно, приказ на дејноста со која се занимава и нејзината историја.

Со оглед на многубројните активности, патувања и прилично набиена агенда, сакам да се заблагодарам на колегите кои беа дел од семинарот, Пенка Мукаетова која е генерален менаџер на Consulting Inter Group и Антонио Николовски CEO/G Consult LTD за максималната меѓусебна поддршка и мотивација за време на тринеделниот престој. Достојно ја претставивме нашата земја. Разменивме контакти и создадовме пријателства кои ќе траат цел живот.

Ова патување за мене е огромно искуство. Навистина е привилегија да се посети Кина, особено Пекинг, кој е еден од најнаселените градови во светот со популација од над 20 милиони жители. Почнувајќи од Меѓународниот аеродром во Пекинг кој е втор најфреквентен во светот по патнички сообраќај, развиената инфраструктура, долгата и богата историја, култура, гостопримливост, архитектура која е комбинација од модерни традиционални елементи кои имаат голема национална вредност. Едноставно, искуство кое те прави побогат како човек и отвора нови перспективи на размислување. Топло го препорачувам како дестинација која вреди да се посети.

МАРИЛИ: Две години по ред сте дел од „Марили Бизнис Форум“. Оваа година и како модератор на форумот.  Какви се Вашите согледувања за форумот и според Вас, кои се главните бенефити од истиот?

ПРОФ. Д-Р КУЗМАНОВСКА: Бизнис академија Смилевски веќе години наназад соработува со агенцијата „Марили“. Сакам да го изразам моето задоволство што ја започнавме и сѐ уште ја негуваме соработката која од година во година сѐ повеќе се продлабочува. Недостасуваат вакви манифестации кај нас каде гласно се говори за успехот на жената.

Не би сакала да бидам пристрасна и субјективна, но мора да потенцирам дека станува збор за настан кој стои рамо до рамо со светските настани, и тоа од повеќе аспекти: организација, содржина, професионалност, стручност и посветеност. Искуството кое го имаат организаторите придонесува за квалитетот кој овој форум го нуди.

Мојата професија ми овозможува веќе години наназад да учествувам директно или индиректно на вакви настани, како во земјава, така и во странство. Искуствата се различни, но секое е вредно да се земе  предвид. Поаѓајќи од сето ова, учеството на овој форум за мене беше голем предизвик, особено улогата на модератор на целиот настан оваа година, бидејќи целата одговорност тогаш паѓа на негов грб. И сакам да истакнам дека е едно од подобрите искуства до сега.

„Марили бизнис форумот“ е уникатен по неколку аспекти. Обработува најактуелни и специфични теми, вклучува експерти, има регионална димензија и последно, а можеби и прво е организиран од жени и посветен на жени. И ова мислам дека му дава посебен емотивен набој на целиот настан, една живост и сјај на истиот.

Бенефитите се огромни. Во денешно време, кога сите брзаат и немаат време, навистина е привилегија да собереш на едно место професионалци од различни дејности. Самиот форум овозможува размена на искуства и знаења како во формалниот дел за време на панел дискусиите, така и во неформалниот дел кога присутните имаат можност да се вмрежат, да разменат контакти, да дебатираат и да направат партнерства кои ќе бидат со трајна вредност. Интересен е фактот што на овој форум жените покажуваат колку сакаат да си помагаат и почитуваат меѓусебно, колку се борбени, независни, друштвени, професионални, и пред сѐ, со голем претприемачки дух. Чувството на емпатија и грижа ги прави жените единствени во способноста да се обединат. Овој настан е доказ дека жената има вредност, достоинство, убавина и храброст. Иако, морам да потенцирам дека не се прави дискриминација по ниту една основа, а најмалку по полова. Радува фактот дека на овој форум имаше и претставници од машкиот пол кои дополнително го збогатија настанот со нивното присуство.

МАРИЛИ: Годинава бевте прогласена за една од најуспешните жени менаџери на манифестација што традиционално, 27 години по ред ја организира агенција „Марили“. Колку ваквите проектии се значајни за афирмација на жената во бизнисот и колку регионалниот карактер дава можности за размена на искуства и за соработка?

ПРОФ. Д-Р КУЗМАНОВСКА:  Јас честопати велам дека наградата е признание за изминатиот труд и поттик за остварување на идните цели. Одржувањето на оваа манифестација 27 години по ред доволно кажува колку истата има тежина. А секоја награда/признание е дополнителен стимул да се посветиме уште повеќе на работата и обврска истовремено, да тежнееме да се искачиме на една скала погоре. Таа нѝ дава елан да прифатиме нови предизвици, да покажеме проактивност, да излеземе од комфор зоната, да го победиме стравот и да ги прошириме видиците.

За жал, мора да констатирам дека сѐ уште не е постигната родова еднаквост во однос на искористување на можностите во бизнисот. Статистичките податоци кои се транспарентни покажуваат нерамноправна застапеност на жените на клучни, одлучувачки позиции, учество во законодавниот дом, министерски позиции во извршната власт итн. А од друга страна, односот помеѓу мажите и жените по основа на завршено образование е во прилог на жените што е показател дека има големи шанси за напредок.

Во вакви услови на живеење, настаните кои влијаат на зголемување на афирмацијата на жената имаат големо влијание за подигнување на свеста за нејзината вредност. Самиот назив на статуетката „жена водилка“ покажува дека жената е стожер на општеството. Таа е столб на секое семејство и секоја со себе си носи своја приказна. И токму оваа манифестација покажува дека секоја жена е прва меѓу еднаквите, секоја е високо издигната на својот пиедестал и несебично ја раскажува својата приказна која е пример за младите и поттик за нови идеи. Дополнително, регионалниот карактер на оваа манифестација, го подигнува нивото на истата од аспект на споделување на искуства и можност за нови перспективи.

Искуството има трајна вредност. Тоа не може да се најде во ниту една книга или прирачник.  И овој настан дава исклучителна можност на секој од нас на едно место да слушне различни искуства кои позитивно влијаат на мотивација за преземање на идни активности.

МАРИЛИ: Што е според  Вас најважно за една жена да биде успешна? Дали е тоа образованието, постојаната надградба, поддршката од најблиските, поддршката од тимот, карактерните особини или пак нешто друго?

ПРОФ. Д-Р КУЗМАНОВСКА:  Мора да признаеме и да прифатиме дека живееме во суров свет. Свет на промени и предизвици. Свет кој секојдневно не тера да се докажуваме и да се бориме за моќ, авторитет, позиција.

Дали ова лесно се постигнува? Не, ама немаме избор. А за да останеме конкурентни задолжително треба да го прифатиме концептот на доживотно учење кој влијае на подобрување на квалитетот на животот преку континуирано  истражување, учење и созревање. Неопходна е континуирана едукација и развој како на индивидуално така и на институционално ниво. И тука нема простор за избор. Или ќе ги прифатиш промените и ќе се движиш по патот кои тие го трасираат и ќе постигнеш успех, или нема да ги прифатиш, ќе останеш во комфор зоната која дава сигурност, безбедност  и стагнација. А свесни сме сите дека до успехот не се доаѓа преку ноќ. Тој бара многу работа, трпение, посветеност и љубов пред сѐ кон она што се работи. Никогаш не треба да заборавиме од каде сме тргнале и зошто ги правиме нештата.  Што нѐ мотивирало и поттикнало? И што е најважно, каде сакаме да стигнеме. Успехот е апстрактен поим и е резултат на сопствената перцепција. За мене, за да дојдеме до него, мора да знаеме што сакаме и да се бориме за тоа.

Има една вистина за мене која вели: „Човек се раѓа сам во тишина и во тишина умира.“ А животот помеѓу, за мене, без луѓе,  нема смисла. Поодршката е можеби најголемата мотивација која не движи напред. Поддршка во најширока смисла на зборот. Секогаш имаме потреба од луѓе кои заедно со нас ќе ја делат и среќата и несреќата, луѓе кои нема да ни создаваат чувство на вина и луѓе кои ќе ни помогнат да го надминеме стравот кој претставува еден од најголемите препреки за напредок.

МАРИЛИ: Која е Маја Кузмановска приватно? Што ја прави среќна и исполнета?

ПРОФ. Д-Р КУЗМАНОВСКА:  Маја Кузмановска е жена, мајка, ќерка, пријателка....едноставно човек кој секојдневно се „бори“ со сите предизвици што ги носи секој нов ден. Се трудам да им го направам животот на сите околу мене подобар, да придонесам макар и со еден збор или гест за нивната радост и среќа. Ме радува секоја искрена насмевка. Среќата на моите деца е мојата најголема инспирација и мотивација која ми дава живот.

Вера, надеж и љубов, тоа е мојата водилка во животот. Во најтешките моменти од животот се присетувам на Алиса од „Алиса во земјата на чудата“ која вели: „Знаете кој е најголемиот проблем на овој свет? Сите се обидуваат да најдат магично решение на проблемите, а одбиваат да веруваат во магија.“ Верувам во чуда! Го избрав првиот начин да го живеам живото од Аристотеловото учење кое вели: Постојат два начина да го живеете својот живот: Едниот е да верувате во чуда, а другиот е да не верувате во чуда.  

Верувам во луѓето кои ме опкружуваат, ми даваат сила и енергија, неизмерна среќа и поддршка. Верувам во мојот тим на мојата матична институција, Бизнис академија Смилевски БАС, кој неуморно работи, максимално посветено и со многу љубов кон работата. Верувам во основачите на институцијата во која работам, во нивната поддршка и доверба кој секојдневно ми ја даваат.

Верувам во моето семејство, моите родители кои ми покажаа дека животот е убав.

Верувам во моите деца кои се мојата сила во животот. Верувам во моите студенти, мојата вечна инспирација.

Го одбрав овој пат. Ниту еднаш не се поколебав. Старите велат, секоја планина своја тежина. Низ годините научив да балансирам со „таа тежина“ и успешно да се носам со неа.

 


Статијата е прочитана 1223 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско