Бизнис вести

Првиот лет од Киев слета на скопскиот аеродром – украинската „Виндроуз“ отвори нова редовна авиолинија Киев – Скопје

понеделник, 07 декември 2020

Од почетокот на пандемијата со Ковид-19, која силно го погоди македонскиот авиосообраќај, отворањето на новата дестинација до Киев и влезот на новата украинска авиокомпанија „Виндроуз“, се првите позитивни чекори кон закрепнување, истакнааод ТАВ Македонија

 

 

Со традиционалната церемонија за пречек за првиот лет кој вчера пристигна од Киев на Меѓународниот Аеродром Скопје,ТАВ Македонија го означи отворањето на новата редовна авиолинија Киев – Скопје на која ќе сообраќа украинската авиокомпанија „Виндроуз“.

Воздухопловот од типот „Ембраер 145“ полета од главниот град на Украина утрото во 9:50 часот со 50 патници, а слета во Скопје во 12 часот, поврзувајќи ги двата главни града за само 2 часа и 10 минути.

„Виндроуз“ ќе лета од Киев до Скопје два пати неделно, во недела и во четврток, со исто време на полетување и слетување (заминување од Киев во 9:50 часот – пристигнување во Скопје во 12:00 часот и заминување од Скопје во 12:50 часот – пристигнување во Киев во 15:10 часот.

„Ние во ТАВ сме среќни и горди што го пречекуваме првиот лет на ’Виндроуз’ од Киев на Меѓународниот аеродром Скопје, одбележувајќи го воведувањето на новата редовна авиолинија Киев–Скопје која претставува не само прв позитивен чекор кон закрепнувањето на македонскиот авиосообраќај за време на пандемијата од Ковид-19, туку означува и  историски успех за македонското воздухопловство, бидејќи Македонија и Украина за прв пат во историјата се поврзуваат по воздушен пат. Влезот на ’Виндроуз ерлајнс’ на македонскиот пазар е исто така особено важен во овие тешки времиња за авијацијата, бидејќи сме сведоци на тоа како кризата ги менува плановите на авиокомпаниите во однос на проширување на мрежите на дестинации. Иако сме во време на криза, македонскиот пазар денес е победник, а ние сме благодарни на ’Виндроуз’ за нивната одлука. Се надеваме дека Киев, како нова дестинација ќе биде атрактивна за патниците од Македонија и од соседните држави, како и дека тие ќе ја искористат можноста да го посетат овој убав град што се протега долж реката Дњепар, кој е богат со култура и историја, додека украинските граѓани ќе имаат можност да ги откриваат природните убавини на Македонија. Покрај позитивниот ефект врз туризмот, оваа нова авиолинија Киев–Скопје ќе ги зајакне деловните врски меѓу двете држави, што ќе има позитивен ефект врз целокупната македонска економија“, изјави Метин Батак, генерален директор на ТАВ Македонија.