АППТ: Туристичката индустрија во македонската економија инкасираше 471,59 милиони долари за првите три квартала од 2023

Туристичката индустрија во македонската економија инкасираше 471,59 милиони долари за првите три квартала од 2023 година, соопшти денеска Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ).

„Туристичкиот промет покажа раст и во третиот квартал за 2023 година и изнесува 241,86 милиони долари во македонската економија, со раст од 26,2 отсто споредбено со истиот период 2022 година. Вкупно трите квартали за 2023 година имаат раст од 25 отсто компарирано со периодот од изминатата година, односно 471,59 милиони долари прилив од туристичкиот промет во БДП-то“, се вели во соопштението.

Според директорот на АППТ Љупчо Јаневски веќе не станува збор за закрепнување, туку за туристички сектор во полна кондиција за што, како што наведува, сите заедно работевме изминативе три години.

„Резултатите од првите три квартали не само што даваат право да изјавам дека ќе ги надминеме предвидените 530 милиони долари за 2023, туку и проектираните 550 милиони долари за 2024 година. Чудата се возможни, а тие да се случат потребно е да веруваме во себе и другите и континуирано да постигнуваме ситни, мали победи на секое поле“, потенцира директорот Јаневски.  
 
АППТ, како што се наведува, продолжува заедно со туристичките субјекти за 2023 година да ги подобрува резултатите од 2019 година во македонскиот туристички сектор.

„Овие резултати се успех на целата туристичка индустрија, успеавме да ги задржиме туристите да остануваат подолго во нашата дестинација. Во прилог на ова оди и интензитетот и фокусот на отворање на нови пазари и нивно поврзување со директни летови. Стратешкиот пристап значи зајакнување на соработката со значајни туристички организации и институции, со што во 2023 година резултираше со отворање на неколку нови летови кон Скопје и Охрид, проследено со зголемен интрес за нашата дестинација од страна на нови тур-оператори“, се вели во соопштението од АППТ. 

Бројките, како што се наведува, говорат дека земјава е дестинација за четири сезони, се продолжува сезоналноста,  континуирано се поместуваат целите со фокус не само на квантитет туку и на квалитет.

„Фокусот е на активните форми на туризам, руралниот и еко туризам, како и зајакнета понуда на ено-гастро концептот. Новите трендови кај потрошувачите создадоа нова туристичка реалност и нови туристички интереси“, информира АППТ.


Статијата е прочитана 164 пати.

Сподели: