ФИТР: Основан Стартап-совет кој ќе креира стратегија за брз развој на стартап-екосистемот

 

 

 

Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) за првпат во земјава формира Стартап-совет чија примарна цел е да ја претставува стартап-заедницата и да ги застапува нејзините интереси во процесот на креирање и носење политики кои треба да придонесат за понатамошен раст и развој на македонскиот стартап-екосистем. Во ова советодавно тело ќе се обединат сите релевантни актери кои имаат удел во стартап-заедницата во државата.

Претседател на Стартап-советот ќе биде министерот за финансии Фатмир Битиќи, а членови на Советот во оваа фаза се Анета Пешева од МАСИТ, Дејан Алексов од Стартап Македонија, Ѓорѓи Рафајловски, Стефан Митевски и Бистра Кумбаровска како претставници на стартап-заедницата кои ќе работат про боно. Стартап-советот останува отворен за сите кои ќе сакаат да се вклучат со свои идеи и да дадат конкретен придонес.

„Ковид-кризата не научи многу брзо да се менуваме и да дејствуваме. Целта ни е да креираме краткорочна и долгорочна стратегија на ниво на држава и да ја искористиме експертизата на нашите партнери со цел брз развој на стартап-екосистемот. Во следните 90 дена овој Стартап-совет ќе работи на План за промена на политиките – ќе редефинираме што е стартап, ќе ги лоцираме проблемите, ќе работиме на предлог-решенија и законски измени, поедноставување на административните процедури, поголема едукација, отворање можности за вмрежување на македонските стартапи и развој на стратегија за социјално претприемништво. ФИТР поддржува над 300 стартап компании претежно основани од млади луѓе. Вложивме 28 милиноини евра од кои 10 милиони се влог на компаниите. Овие бројки се доказ за потенцијалот за иновации, за креативноста и претприемаштвото. Но, тие се и мотивиација поддршката да ја подигнеме на ново ниво. Истовремено создаваме услови со кои земјава ќе стане атрактивна дестинација за дигитални номади. Ќе бидеме една од ретките земји кои на претприемачи од странство ќе им понудат можност да се преселат и да работат од овде. Овие луѓе ќе донесат позитивен ефект за локална економија и отворени шанси за соработка и вмрежување со македонските стартапи“, рече директорот на ФИТР, Коста Петров.

Стартап-советот останува отворен за сите кои ќе сакаат да се вклучат со свои идеи за да дадат конкретен придонес.

„Нашата заложба во МАСИТ е да ги задржиме младите и образовани кадри од информатичко телекомуникациските науки во државава. Се надевам дека со овој проект најмногу ќе им помогнеме на младите и талентирани ИТ-инженери кои ќе најдат причина да не ја напуштат државата“, изјави Анета Пешева, претседател на МАСИТ.

„Во изминативе 10 години активно работам на поддршка и развој на зелени и социјални бизниси и организации во регионот на Западен Балкан и глобално. Оваа иницијатива ја гледам како исклучително битна можност за што поголемо поврзување на македонските стартапи со мрежи, партнери и импакт инвеститори кои активно работат на Целите за одржлив развој (SDGs). На тој начин, не само што ќе ја интернационализираме стартап-заедницата, туку ќе позиционираме и една нова приказна за Северна Македонија, која сметам дека веќе се пишува од страна на многу нови бизниси, жени претприемачи или и социјални претприемачи“, истакна Бистра Кумбаровска, менаџинг-партнер на компанијата „Heartbeats Innovation & Communication“ со седиште во Виена и член на Советот.

Главна задача на советот е лоцирање на проблемите и предлог-решенија кои ќе одговорат на реалните потреби на претприемачите, односно стартапите. Советот ќе биде активен учесник во креирање на идните политики кои се однесуваат на овие компании, ќе предлага мерки насочени кон подобрување на организацијата на работењето на јавниот сектор и институциите, што ќе резултира во поедноставени процедури и поквалитетни јавните услуги, како и препораки за намалување на товарот и трошокот врз стартапите со интервенции во правната регулатива и законската рамка со цел полесен пристап до капитал и негова мобилизација. Целта на овие активности е раст на бројот на стартапи и позиционирање на земјата како стартап и регионален хаб.

 

 


Статијата е прочитана 679 пати.

Сподели: