„Надеж“ - прв клуб во државата за лицата со афазија

Лицата со афазија добиваат прв клуб во државата. Клубот „Надеж“ е во рамките на просториите на ЈЗУ Центар за рехабилитација на патологија на вербална комуникација при Клиничкиот центар во Скопје. Наменет е за лица со афазија – лица кои поради мозочен удар или други невролошки состојби се соочуваат со тешкотии во говорната комуникација – информира на денешното отворање на клубот, Ленка Угриновска, извршна директорка на Здружението за помош и поддршка на лицата со афазија „Хоуп“.

– Ова ќе биде простор за нов почеток, каде што луѓето повторно ќе го пронајдат својот глас и ќе добијат шанса за поквалитетен живот – рече Угриновска.

Посочи дека клубот ќе обезбеди нивна социјализација и чувство дека постои место каде што тие ќе бидат слушнати, разбрани и достоинствени.

– Заедничка е иницијативата по повеќегодишна соработка на Здружението за помош и поддршка на лицата со афазија „Хоуп“ и ЈЗУ Центар за рехабилитација на патологија на вербална комуникација. Секој глас заслужува да биде слушнат. Секој човек заслужува да биде разбран. Никој во својата борба не треба да остане сам – нагласи Угриновска и додаде дека тоа се пораките што сакаат ги испратат.

Во светот има речиси два милиони, а кај нас, прецизира, бројот изнесува од пет до десет илјади лица со афазија.

– Нема официјални статистички податоци, но, според нашите сознанија, сè повеќе млади доживуваат мозочни удари и се соочуваат со афазија. За жал, лицата со афазија се невидливи во нашата држава – рече Угриновска и апелира овие лица да добијат поголема институционална поддршка.

Угриновска истакна дека за адаптирањето и реновирањето на првиот клуб за лицата со афазија со поголеми градежни зафати придонела „Елена Лука хоум“, како и поддршка од „Циклама инженеринг“ – Гостивар и финансиски средства обезбедени од донаторскиот кружок на здружението „Конект“.

Нермин Теловска, директорка на ЈЗУ Центар за рехабилитација на патологија на вербална комуникација – Скопје, во изјава за медиумите најави разни активности во рамките на новоотворениот клуб.

Теловска истакна дека со овој клуб ќе имаат и поголема евиденција на бројот на лицата со афазија во нашата држава.

Со ова, како што рече, се отвора регистар на членови на клубот – лицата со афазија, додавајќи дека ќе имаат повеќе информации.

– Овој клуб ќе биде отворен за сите лица со афазија и нивните блиски, покрај оние што доаѓаат на рехабилитација во нашиот центар – нагласи Теловска.

Извор: МИА


Статијата е прочитана 31 пати.

Сподели:


Видео: 30 години Агенција Марили

30 години јубилеј на агенција „Марили“

kb

oxxete