„Скриени желби, немирни патувања“ од Владимир Јанковски е „Роман на годината“
Книжевната награда ја доделува Фондацијата „Славко Јаневски“ а годинава се доделува по 22.пат. За наградата оваа година конкурираа 40 романи
„Скриени желби, немирни патувања“ од авторот Владимир Јанковски е романот кој оваа година ја однесе наградата „Роман на годината“, книжевната награда која ја доделува Фондацијата „Славко Јаневски“. Романот на Јанковски е објавен од издавачката куќа „Антолог“.
„Литературата и раскажувањето приказни ни се потребни, бидејки прикажуваат дека животот е полн со нијанси, не е црно-бел, туку полн со различни перспективи. Треба сите да се потрудиме литературата и уметноста да допрат до нашите сограѓани, бидејки така создаваме посложена перспектива за животот што не опкружува. Затоа приказните и литературата се многу битни“, изјави Јанковски при доделувањето на наградата.
За наградата оваа година конкурираа 40 романи, а во најтесниот круг се натпреваруваа романите „Лето во кое те нема“ од Петар Андоновски, „Суво мастило“ од Владимир Илиевски, „Скриени желби, немирни патувања“ од Владимир Јанковски, „Сфинга на гневот“ од Жарко Кујунџиски и „Куќа над брановите“ од Билјана С. Црвенковска („Чудна шума“).
Изборот г направи жири-комисија во состав Оливера Николова, претседател, Зоран Анчевски, Калина Малеска, Живко Гроздановски и Катерина Богоева – претставник на Фондацијата.
Наградата „Роман на годината“ годинава се доделува по 22. пат а ја востанови сега веќе згаснатиот дневен весник „Утрински весник“. Се состои од плакета, оригинална статуетка и паричен износ од 150.000 денари.
Статијата е прочитана 706 пати.