Бектеши: „Објавени три јавни повици за субвенции за микро и мали компании, жени претприемачи и занаетчии“

Сите заинтересирани компании имаат рок да аплицираат до 16. односно до 30. Април, а средствата ќе се делат според развиеност на планските региони

 

Министерството за економија објави три јавни повици во рамки на Програмата за конкурентност и иновации и претприемаштво (КИП) за 2021 година наменети за поддршка на домашните компании. Околу 663.000 евра се предвидени за субвенционирање микро и мали претпријатија, за финансиска поддршка на женско претприемаштво и за занаетчии, информираше денеска на прес конференција министерот за економија Крешник Бектеши.

Јавните повици се објавени пред десетина дена, а сите заинтересирани компании имаат рок да аплицираат до 16. односно до 30. април и да ја искористат финансиската поддршка.

„Со јавниот повик за субвенционирање на микро и мали претпријатија е предвидена финансиска поддршка за субвенционирање на 50 проценти од докажаните трошоци за набавка на машини и алати и за набавка и инсталација на фотоволтаични панели – затворен систем за производство на електрична енергија за сопствени потреби на претпријатието со моќност над 5 kW. За оваа мерка се предвидени вкупно 30,7 милиони денари од буџетот на Министерството за економија, а финансиската поддршка по еден апликант е најмногу 400.000 денари. Доколку фирмата е управувана или основана од жена, тогаш субвенцијата се зголемува за 10 проценти. Субвенционирани ќе бидат трошоците направени во 2020 и 2021 годиина“, појасни Бектеши.

Со јавниот повик за субвенции за поддршка на женско претприемаштво предвидена е финансиска поддршка за кофинансирање на 80 отсто на трошоците на компании кои се 50 проценти во сопственост или управувани од жени за набавка на опрема и алати, уредување/подобрување на деловниот простор и воведување софтверски решенија.

„За оваа мерка во рамки на Буџетот на Министерството за економија се предвидени вкупно 4 милиони денари, а максималниот износ на поддршка по апликант е не повеќе 150.000 денари, освен кај трошоците за воведување софтверски решенија каде што финансиската поддршка е најмногу 60.000 денари. Исто и кај оваа мерка субвенционирани ќе бидат трошоците направени во текот на 2020 и 2021 година. Крајниот рок за аплицирање е 30 април 2021 година“, рече Бектеши.

Со јавниот повик за субвенции за занаетчии е предвидена финансиска поддршка за покривање на 60 отсто од трошоците на занаетчиите за набавка на опрема и алати како и за уредување, односно подобрување на деловниот простор. Максималниот износ на поддршката за еден апликант изнесува 120.000 денари за трошоци направени во 2020 и 2021 годиина. За оваа мерка се предвидени вкупно 6 милиони денари, а крајниот рок за аплицирање исто така е крајот на април годинава.

„Оваа година за прв пат за распределба на средствата предвидени во јавните повици од КИП програмата ќе се применува начелото за рамномерен регионален развој. Тоа значи дека средствата ќе се распределуваат според развиеноста на планските региони во државата. Според ова правило најголем дел од средствата предвидени во секој јавен повик ќе се поделат во најмалку развиените региони, а најмал дел во најмногу развиените региони“, истакна министерот Бектеши.

Тој појасни дека согласно Класификацијата на планските региони според степенот на развиеност во периодот 2018 – 2023, за Севериосточниот регион кој е најмалку развиен ќе бидат распределени 17,3 проценти од финансиската поддршка. За Вардарскиот регион 14,7 отсто, за Југозападниот 13,3%, за Полошкиот регион 13,2 проценти, за Пелагонискиот 11,9%, за Источниот 11,3%, за Југиосточниот 11,1% и за Скопскиот, кој е најразвиен регион ќе бидат распределени 7,2 проценти од од вкупно предвидените средства од секој јавен повик посебно.

„Распределбата на средствата во рамки на секој плански регион ќе се врши по принципот ’прв дојден, прв услужен’. Доколку распределените средства во одреден плански регион не се искористат, истите ќе се доискористат за субвенционирање на апликантите во плански региони каде што има апликации. Распределбата на овие средства ќе се прави исто така според разиеност на планските региони“, рече Бектеши.

Инаку, КИП е проектирана на вкупно 68,8 милиони денари од кои 50 милиони денари се за развој на микро, мали и средни претпријатија и за занаетчиство, 13 милиони денари се за имплементација на мерки од Индустриската стратегија, 4,8 милиони денари се за поддршка и развој на кластерското здружување, а еден милион денари се субвенции за приватни претпријатија - инвестиции и општествена одговорност.


Статијата е прочитана 546 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско