„Аџибадем“ купува мнозински удел од српската болница „Бел Медик“

Експанзијата на „Аџибадем“ во Источна Европа ја докажува нејзината успешност и докажаниот континуиран раст. „Бел Медик“ е шеста болница во европското портфолио на „Аџибадем“, а Србија е четврта земја на работење

 

„Аџибадем Саглик Хизметлери ве Тикарет А.Ш.“, како дел од турската групација „Аџибадем“ во чиј состав е и Клиничката болница „Аџибадем Систина“ од Скопје купува мнозински удел од српската болница „Бел Медик“. Аквизицијата на 70 отсто од капиталот на белградската клиника се случува преку подружницата „Аџибадем Сити Клиник Б.В“. Експанзијата на „Аџибадем“ во Источна Европа ја докажува нејзината успешност и докажаниот континуиран раст. „Бел Медик“ е шеста болница во европското портфолио на „Аџибадем“, а Србија е четврта земја на работење. Турската болничка групација „Аџибадем“ има три болници во Бугарија, по една во Холандија и во Македонија. „Аџибадем Систина“ во Скопје е најпозната во регионот.

„Бел Медик“ која сега работи со една болница и пет амбуланти во Белград е основана во 1995 година од д-р Јасмина Кнежевиќ и Милан Кнежевиќ. Ќе работи под името „Аџибадем Бел Медик“.

„На наше задоволство ја имаме шестата европска болница на ‘Аџибадем’ во Белград. Како резултат на нашето партнерство со ‘Бел Медик’, како еден од клучните даватели на здравствени услуги во земјата, ќе го пренесеме знаењето на ‘Аџибадем’ во Србија. Верувам дека нивото на пружање здравствени услуги во Србија ќе биде издигнато многу повисоко, водено од синергиите што ќе се создадат со ‘Бел Медик’“, изјави Мехмет Али Ајдинлар, основач и претседател на „Аџибадем“.
Ангел Ангелов, главен извршен директор на „Аџибадем Сити Клиник Б.В“ вели дека ова е доказ за извонредност и првокласна услуга.

„Исклучително сме возбудени што ќе го прошириме нашето работење на Западен Балкан. Веруваме дека настојувањето на нашата групација за извонредност и првокласна услуга на пациентите ќе има позитивен придонес на српскиот пазар на здравствена заштита“, рече Ангелов.

Со трансакцијата се зголемуваат капацитетите на „Аџибадем“ на глобално ниво на повеќе од 4.200 кревети низ 22 болници во пет земји.

„Ми претставува огромно задоволство што ‘Бел Медик’ успешно стапи во партнерство со синџир болници од светски ранг. ‘Аџибадем’ во Србија, исто така, се препознава како водечка странска здравствена установа. Според мене, од клучно значење е двете наши институции да ги делат истите основни вредности со фокус на врвната медицина, одлична грижа за пациентот и задоволство. Сигурна сум дека стратешкото спојување на двата силни бренда ‘Бел Медик’ и ‘Аџибадем’ ќе донесе здравствена заштита од врвна класа, како и важно влијание врз српската економија”,  изјави Јасмина Кнежевиќ, основач и главен извршен директор на „Бел Медик“.

 

 


Статијата е прочитана 506 пати.

Сподели: