Министерството за финансии во понеделник ќе го објави даночниот календар за промените на даночниот систем

Компаниите во понеделник ќе го добијат даночниот календар за промените на даночниот систем. Овој календар ќе обезбеди попредвидлива деловна клима, намалување на сивата економија, отстранување на недоследностите од законите за извршување и за холдинг друштва. Ова го најави министерот за финансии, Фатмир Бесими на средбата со претставници на стопанските комори и здруженијата од повеќе сектори

Министерството за финансии во понеделник на својата интернет страница ќе го објави даночниот календар преку кој фирмите шест месеци однапред ќе ги знаат промените во даночната политика. Даночниот календар одамна го бараат стопанските комори бидејќи се верува дека ќе внесе поголема извесност во поглед на промените на даночниот систем.

„Реформите на даночниот систем се во насока на воспоставување современ, транспарентен, ефикасен даночен систем што се заснова на јасни правила и принципи и ќе се темели на современи дигитални технологиии и иновации во оданочувањето, во функција на постигнување на забрзан, инклузивен и одржлив економски раст“, рече Бесими.

На состанокот се дискутирало и за приоритетите на Стратегијата за реформа на даночниот систем за периодот 2021-2025, кои се во насока на поголема праведност во оданочувањето, поголема ефикасност и ефективност на даночниот систем за подобра наплата на приходите, намалување на неформалната економија, поголема даночна транспарентност, подобар квалитет на услугите и воведување еколошко (зелено) оданочување.

 


Статијата е прочитана 538 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско