Организаторите на настани најавија протести

Организаторите на настани денеска почнаа со протести пред Владата кои, како што најавија од Асоцијација на компании од индустријата за организации на настани (ИВАП) ќе се одржуваат секој ден од 12 до 15 часот сè додека не најдат заеднички јазик со Владата за соодветна помош да се справат со последиците од пандемијата.

„Ивент индустријата е најзагрозена од пандемијата, според Централниот регистар нашиот промет е паднат за 62 отсто. Јавноста знае дека оваа дејност е затворена повеќе од една1 година, сите сме сведоци дека нема јавни настани, концерти и други случувања каде има масовно собирање. Ниту, пак, со оглед на состојбата со пандемијата, имаме надеж дека наскоро ќе можеме да работиме. Но, исто така јавноста треба да знае дека овие компании добија нула денари помош од државата. И покрај сите наши барања, дописи, молби за помош, Владата остана глува, а ние невидливи во сопствената држава“, велат од Асоцијацијата.

Од оваа индустрија го отфрлаат последниот предлог на власта за организација на настани на кои ќе можат да се пријават компании од овој сектор, за кој сметаат дека е селективен и нефер.

„Не сакаат да нè слушнат. Тие предвиделе некаков конкурс на кој што ќе можеме да аплицираме за организирање државни настани. 30-годишнината од независноста на Македонија секако ќе се организираше, ниту можеме тоа да го наречеме помош, ниту ќе им помогне на компаниите, особено што нема да бидат помогнати сите, туку само одбраните и не може со парите што компанијата ќе ги добие од еден настан да ги покрие загубите“, вели Маја Бабиќ, претседател на ИВАП.

Таа потенцира дека компаниите во ивент индустријата немаат проблем со својот креативен капацитет, туку со неможноста да работат. Имаат проблем бидејќи не е возможно да се направи настан заради бројот на заболени и бројот на секојдневно починати, заради немањето вакцини и најнизок процент на имунизација во регионот, заради препораките да нема  групирање и да се избегнуваат места каде што има поголеми групи луѓе.

„Настаните се колективна енергија, настаните се искуство и ние точно знаеме што значи тоа. Ние немаме проблем да креираме содржини, туку истите да ги спроведеме во овие услови и притоа тоа да биде финансиски одржливо“, велат од ИВАП.

Инаку, во оваа Асоцијација членуваат оние кои изнајмуваат озвучување, осветлување, бина, бинска опрема, видео и аудиопродукции, техничка поддршка... Бабиќ потенцираше дека според податоците од Централниот регистар ниту една компанија од овој бизнис досега не е затворена и ниту еден вработен не е отпуштен.

 

 


Статијата е прочитана 495 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско