Угостителите утре излегуваат на протест пред Министерството за финансии

Угостителите утре излегуваат на протест пред Министерството за финансии незадоволни од ситуацијата во која се наоѓаат и начинот на кој се менаџира нивниот проблем. Ќе протестираат се додека не бидат исполнети нивните барања.

За спас на угостителските дејности се бара еднократна финансиска помош за сите регистрирани угостителските објекти поделени во 3 категории врз основа на бројот на вработени во 2020 година, еднократна финансиска помош за регистрираните угостителски објекти на кои повеќе од една година им е забранета примарната дејност и кои со месеци немаат никаква помош, како и утврдување на мораториум или репрограмирање со грејс период на кредитите од комерцијалните банки и кредитите од Развојната банка се додека Владата ни дозволи овој сектор да работи без рестрикции. 

Туристичките агенции, пак, бараат еднократна неповратна финансиска помош, продолжување на рокот на туристичките ваучери кои граѓаните не ги искористија до крајот на 2022 година, како и ваучерите од владината мерка „Дома си е дома” да се реализираат исклучиво преку туристичките агенции за да можат да бидат опфатени хотелите, агенциите, водичите и превозниците.

Претставниците на Туристичко-угостителскиот сектор велат дека со протестот сакаат јавно да го покажат незадоволството од ситуацијата во која се наоѓаат, но и гласно да предупредат дека, како што појаснуваат, уништувањето на овој сектор треба да се гледа и низ призмата на загуба на сериозна бројка на работни места, како и затворање на многу деловни субјекти од кои егзистираат цели семејства.

„Повеќе од една година чекавме надлежните институции да научат и да отпочнат добро да ја менаџираат корона-кризата и да ги разберат нашите барања за поддршка на нашето ’преживување’. Наместо тоа, навлегуваме во втора година во која здравствената криза е полоша во однос на претходната, а полоша е и состојбата во која се наоѓа туристичко-угостителскиот сектор. Се поголем број претпријатија се затвораат, а вработените остануваат без извор за егзистенција во време на криза и пандемија. Нема време за чекање, поддршка е потребна сега и веднаш за сите, затоа излегуваме на протест на кој ќе останеме се до исполнување на нашите барања “, изјави Перица Голомеиќ, од Туристичко-угостителската комора на денешната прес конференција.

Во организацијата на протестот се вклучени околу 6.000 правни субјекти од туристичко-угостителскиот сектор, најмногу угостителски објекти и туристички агенции од Туристичко угостителската комора, но поддршка има и од игротеките, од Групацијата на забавни и рекреативни дејности, Асоцијацијата на туристички водичи, Движењето за социјална правда ,,Обединети работници” и други.


Статијата е прочитана 502 пати.

Сподели: