Агенцијата „Марили“ го издаде своето јубилејно издание на Бизнис каталог на Р.С.Македонија 2021

Каталогот содржи голем број бизнис-интервјуа со жени менаџери, а овој пат тоа се менаџерки што се дел и од друг јубилеј на „Марили“ - 25 години од Изборот на најуспешни жени менаџери

 

 

Денес излезе од печат најновиот Бизнис каталог на Р.С. Македонија 2021 во издание на агенцијата „Марили“.

Пред вас е јубилејниот Бизнис каталог на Република Северна Македонија, со кој „Марили“ годинава одбележува 25 години континуирано издавање на ова единствено и ексклузивно издание од ваков тип. И оваа година спецификата на овој број е одбележана со Ковид-кризата присутна во нашето секојдневие, но и во бизнис сферата.

Како и секогаш каталогот содржи голем број бизнис-интервјуа со жени менаџери, а овој пат тоа се менаџерки што се дел и од друг јубилеј на „Марили“ - 25 години од Изборот на најуспешни жени менаџери. Но, во ова ексклузивно издание има и интервјуа со значајни стопанственици што повеќе од три децении се присутни во македонската економија и се синоним за континуирано успешно менаџирање. Содржи и интервјуа со повеќе претставници на културата што се наш репрезентант во Европа и во светот, како и интервју со Кирил Лазаров, македонскиот ракометар број 1, додадената вредност на македонскиот спорт во домашни, но и во интернационални рамки.

Јубилејното издание на Бизнис каталог 2021 се поклопува со еден голем јубилеј на државата - 30-годишнината од независноста на нашата земја, па оттаму и воведниот дел на ова издание е посветен токму на овој значаен датум за македонската историја со наслов: „Три децении самостојна држава – некогаш вековен идеал, денес аманет за идните генерации“. Во него се забележани историски датуми од воспоставувањето на самостојноста и државноста, важни културни и археолошки податоци за нашата самобитност и идентитет, како и податоци за писменоста, фолклорот и обичаите, всушност, сето она што нѐ идентификува како посебен народ и култура на европската територија.

Каталогот веќе четврт век како траен запис претставува сведоштво на едно време, а годинава е сведоштво на економски опстанок во услови на пандемија. Јубилејното издание е заокружување на напорите на агенцијата „Марили“ преку овој проект да го промовира најдоброто од земјата, да го потврди континуитетот во секој поглед, со што се втемелуваме како сериозен економски и културен субјект на европската мапа на вредности.

Каталогот донесува и одлични подароци за сите читатели што ќе го набават во продажната мрежа, а во овој број тоа се ваучери од салонот за убавина „Дерма Бела“ и од „Нутри Ем“, компанија за услуги и советување во областа на нутриционизмот, здрав начин на исхрана и здрави навики.

 


Статијата е прочитана 982 пати.

Сподели: