Азески и Граф разговараа за економската соработка помеѓу Германија и Македонија

Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески одржа работна средба со заменик амбасадорот на Сојузна Република Германија, Ото Граф.

На средбата се говореше за билатералната економска соработка помеѓу двете држави која што е на многу високо ниво.

Азески истакна дека Стопанската комора на Северна Македонија, како најголема и најстара коморска организација во земјата е подготвен и сигурен партнер за продлабочување на соработката, создавајќи и поддржувајќи поволна бизнис клима која овозможува привлекување и одржување развојни инвестиции, посебно преку учеството во Коморскиот инвестициски форум и поддршката на економскиот развој на регионот.

Азески ги претстави и актуелните проекти и стратешките активности на Комората, ставајќи акцент врз поддршката на компаниите во нивните активности преку креирање Совет за напредни технологии, вклучувајќи ја и дигитализацијата, имплементацијата на дуалниот систем на образование, зголемување на соработката меѓу домашните и странските компании, како и поддршка на извозните активности на домашните бизнис сектор.

Од особено значење е соработка со Унијата на германските индустриски и трговски комори –ДИХК, со која Комората во 2007 година потпиша билатерален меморандум за соработка, но и активно соработува на полето на проектни активности во рамки на Коморскиот инвестициски форум.
Тој додаде дека низ годините Стопанската комора на Северна Македонија има значајна соработка со федералното Министерство за економска соработка и развој на Германија, со кое во рамките на Отворените регионални фондови за Југоисточна Европа (Open Regional Funds for Sought East Europe) се спроведе Партнерскиот проект меѓу Асоцијацијата на балканските комори и Унијата на германските индустриски и трговски комори – АБК-ДИХК, за институционално зајакнување на балканските комори, поддршка на процесот на ЕУ-интеграција и унапредување на стопанската соработка меѓу регионот и Германија. Во рамките на истиот фонд, во март 2010 година Стопанската комора на Северна Македонија влезе во Регионалниот проект со ГТЗ „Export Consultancy Network“ – оформување на регионалната база на стопански консултанти во различни области.

На работниот состанок претседателот Азески и заменик амбасадорот Граф заклучија дека соработката меѓу двете земји мора да продолжи со засилен интензитет, посебно на полето на економската соработка, зголемување на извозниот потенцијал на домашните компании и привлекување на што поголем број германски инвестиции.

Сојузната Република Германија е 16 години прв економски партнер на Република Северна Македонија и така треба да остане и во иднина. Во првите седум месеци од 2021 година трговската рамена меѓу двете земји изнесува 3,01 милијарди американски долари и бележи раст од 55,7 проценти, споредено со истиот период во 2020 година, кога изнесуваше 1,93 милијарди долари. Извозот за првите седум месеци од 2021 година изнесува 2,3 милијарди долари и бележи зголемување од 59,2 отсто во однос на истиот период 2020 година. Увозот изнесува 682,3 милиони долари и бележи зголемување од 44,8 отсто во споредба со истиот период лани. Во трговската размена, пак, остварен е суфицит од 1,6 милијарди долари и во однос на минатата година е намален за 66,07 проценти.

 


Статијата е прочитана 477 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско