Пивара Скопје отвори нови деловни простории

Пивара Скопје отвори нови деловни простории во рамки на неодамнешната инвестиција од 13 милиони евра, што претставува најава за големите планови и вложувања во компанијата за наредните 100 години.

„Следната година ние ќе славиме 100 години од оснoвањето на Пивара Скопје, а по две години, 100-годишнина на нејзиниот најславен бренд ‘Скопско’. Ќе ги удвоиме инвестициите. Пред две години почнавме со инвестиција од 13 милиони евра, која е влог во нова технологија на производството, а ќе вложуваме и во заштитата на животната средина и во управување со отпадот“, рече генералниот директор на Пивара Скопје, Горан Сладиќ на отворањето на новите деловни простории.

На новиот деловен простор е работено во изминатите две години и според менаџментот на компанијата, новите простории кои ќе бидат поттик за вработените да развијат креативност и иновации кај себе, што претставува и влог на Пивара во обезбедување идни квалитетни кадри што би ги вработила кај себе. Преку програмите за млади, тие во новиот деловен простор ќе може да научат и како да отворат свој бизнис.

„Особено сме горди што овие простории ќе бидат отворени и за заедницата, особено за младите. Покрај веќе нашите познати програми како што е програмата за зајакнување на знаењата и вештините на младите луѓе и програмата за летна пракса, планираме да иницираме и нови програми кои ќе се фокусираат на веќе постоечкиот голем потенцијал во земјава за креативност и иновации“, истакна Сладиќ.

Според премиерот Зоран Заев ваквите инвестиции се потврда дека во државата има стабилна и предвидлива бизнис средина, што е многу добро за домашната економија.

„Одлуката на Пивара за нови инвестиции е најдобар показател дека направивме многу за да се обезбеди стабилна, предвидлива и поволна деловна клима. Тоа ги охрабрува инвеститорите и компаниите да инвестираат во својот развој, во креирање на уште подобри услови за своите вработени, во зголемување на нивната благосостојба и во креиарање услови за вработување на младите за да може да ја градат својата иднина во татковината, рече Заев.

Покрај премиерот Заев, на отворањето присуствуваа и амбасадорите на САД, Германија, Грција, Холандија.

 


Статијата е прочитана 497 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско