Бектеши: „Нема потреба од кризна состојба во енергетиката, до крајот на годината цената на струјата нема да се зголеми“

 

Во моментот нема потреба да се прогласи кризна состојба во делот на енергетиката, рече денеска министерот за економија, Крешник Бектеши по средбата со претставници од Владата и енергетскиот сектор. Нагласи дека било детално разговарано со сите чинители во енергетскиот сектор во државата и согласно сите анализи и информации кои биле изнесени од страна на енергетските компании и други институции, не е прогласена кризна состојба во нашата држава. Бектеши потенцираше дека до крајот на годината нема да има зголемување на цената на струјата за домаќинствата.

„Големи ценовни шокови нема да има и за тоа сум убеден. Ќе интервенираме секаде каде треба за да нема такви ценовни шкови. Не верувам дека ќе се доведеме во таква ситуација во јануари. Сакам да ги уверам сите граѓани дека до крајот на годината нема да има покачување на цената на електричната енергија, имајќи во предвид дека веќе се утврдени цените, а Владата токму за ова веќе презеде и предвремени мерки, како што беше намалувањето на ДДВ-то. За жал, не помина Законот кој беше предложен од страна на Министерството за животна средина во делот на еколошката такса, за да може што повеќе средства да се користат во овие енергетски компании“, рече Бектеши.

 

 

Тој додаде дека, сепак, отсега никој не може да гарантира дали ќе има зголемување на цената по Нова година, бидејќи се работи за светска криза која се рефлектира и врз нашата електроенергетска мрежа.

 

 

„Но, во моментов сметаме дека нема потреба од мерки, согласно информациите што ги имаме. А, тие информации говорат дека до крајот на годината ја имаме потребната количина електрична енергија што можеме да ја испорачаме за домаќинствата и за малите потрошувачи. Цените нема да се зголемат, количините се обезбедни. Подготвени сме како Влада да им помогнеме на ЕСМ и МЕПСО во случај ако има потреба да купуваат електрична енергија од слободниот пазар“, рече министерот Бектеши.

 

 

Тој посочи дека веќе работи вториот блок на РЕК „Битола“, кој до крајот на денот би требало да работи со полн капацитет, а веќе е испратено и писмо до стопанските комори за набавка на мазут, во случај да треба да се вклучи ТЕЦ „Неготино“. Бектеши се надева дека ќе биде успешен тендерот за набавка на јаглен за потребите на третиот блок на РЕК „Битола“, кој, според неговите проценки, би почнал со работа за три до четири недели. Доколку тендерот сепак не биде успешен, тогаш министерот најави повторно состанок на Комисијата за електроенергетска кризна состојба и појасни дека и АД ЕСМ има право да купи струја од странство.

 

 

Кризна состојба во делот на енергиката прогласува Владата на предлог на Комисијата за електроенергетска кризна состојба, со која раководи министерот за економија. Комисијата е составена од пет члена експерти, претставник од најголемиот производител на електрична енергија – АД ЕСМ, носителите на лиценца за производство на електрична енергија, за пренос – МЕПСО, за дистрибуција – ЕВН, Регулаторната комисија за енергетика и Министерството за економија.

 

 

 

 


Статијата е прочитана 563 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско