Смена во УО на НЛБ Банка, Антонио Аргир оди на повисока функција во Љубљана, на негово место доаѓа Бранко Грегановиќ

Претседателот на Управниот одбор на НЛБ Банка Скопје, Антонио Аргир заминува на нова позиција во седиштето на НЛБ во Љубљана. По шестгодишно успешно управување во Скопје тој е унапреден во извршен помошник на УО на НЛБ, одговорен за управување со НЛБ Групацијата, соопштија од Банката. Истовремено Надзорниот одбор го именуваше Бранко Грегановиќ за нов претседател на УО на НЛБ Банка Скопје.

Грегановиќ е поранешен главен извршен директор и главен финансиски директор на НЛБ Банка Белград. Тој ќе ја преземе функцијата откако ќе ги добие сите потребни дозволи од надлежните институции и лиценцата од Народната банка на Република Северна Македонија. Дотогаш Грегановиќ ќе ја извршува функцијата помошник на УО на НЛБ Банка Скопје.

Антонио Аргир ќе стапи на новата функција во јануари 2022 година и ќе биде одговорен за управувањето со банките членки на НЛБ Групацијата и други небанкарски членки.

Инаку, Аргир е претседател на УО на НЛБ Банка Скопје од 1 јануари 2016 година. Во периодот од 2016 до 30 септември 2021 година НЛБ Банка Скопје има остварено добивка од речиси 180 милиони евра, вредноста на акцијата на Македонската берза се зголеми за пет пати, а клиентската база е зголемена за повеќе од 180.000 клиенти и денес брои 813.000 физички и правни лица.

„Промовирањето на Антонио Аргир на една од клучните водечки позиции во НЛБ Групацијата и доаѓањето на Бранко Грегановиќ на чело на НЛБ Банка Скопје се дел од нашата стратешка определба за поттикнување мобилност на таленти и интернационализација на тимовите. Веруваме дека овие промени дополнително ќе ги подобрат разбирањето и соработката помеѓу членките на Групацијата и ќе ги поддржат натамошните раст и развој на нашиот бизнис низ целиот регион“, вели Блаж Бродњак, главен извршен директор на НЛБ и претседател на Надзорниот одбор на НЛБ Банка Скопје.

 


Статијата е прочитана 590 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско