Владата го усвои Предлог-буџетот за 2022 година

Вкупните буџетски расходи идната година ќе изнесуваат 272,4 милијарди денари (4,43 милијарди евра), или 35,2 отсто од БДП, додека вкупните приходи се предвидени 238,9 милијарди денари (околу 3,8 милијарди евра), односно 30,9 отсто од БДП. Буџетскиот дефицит е проектиран на 33,5 милијарди денари (544,4 милиони евра) што е 4,3 отсто од БДП и ќе се користи исклучиво за капитални расходи.

„Капиталните расходи се 37,8 милијарди денари, а буџетскиот дефицит е 33,3 милијарди денари. Како што може да се види, буџетскиот дефицит е помал од капиталнит расходи. Тоа е златното правило во јавните финасии што го прави овој буџет развоен и според теоријата и во пракса“, рече министерот за финансии, Фатмир Бесими на денешната прес конференција презентирајќи го Предлог-буџетот за 2022 година, кој Владата го усвои во саботата.

Појасни дека разликата меѓу расходите и приходите ќе се пополни со задолжување од домашни и странски извори, при што за таа цел покрај постојните видови обврзници. ќе се издаваат и четири видови нови – развојни, зелени, проектни и индексирани со инфлацијата.

Бесими посочи дека вкупните буџетски приходи од 238,9 милијарди денари се за 7,4 отсто повисоки од процената за остварување на буџетот за 2021 година. Притоа, даночните приходи ќе изнесуваат 136,5 милијарди денари, што е за 10,2 отсто повеќе од годинава. Расходната страна, пак, е зголемена номинално за 1,4 проценти или за 3,7 милијарди денари. Министерот Бесими потенцираше дека буџетот и идната година ќе остане ликвиден и дека исплатата на платите, пензиите и на социјалните надоместоци ќе биде редовна и навремена. Притоа најави поголеми плати за здравствените работници во износ од 5 отсто, односно, тоа што годинава го добивале како бонус кој бил обезбеден преку кредит од Светската банка, во наредната година ќе се трансформира во редовни зголемени плати, за што се предвидени буџетски средства.

Инаку, за наредната година се предвидува раст на БДП од 4,6 отсто, а инфлацијата да изнесува 2,4 отсто и нејзинот стабилизирање и се очекува релаксирање на цените во вториот квартал од наредната година.

 

 


Статијата е прочитана 590 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско