Бизнис вести

Бектеши: „2022-ра ќе биде година на економско заздравување и забрзување на растот преку инвестиции“

среда, 17 ноември 2021

Министерството за економија за 2022 година ќе има буџет од 1,24 милијарди денари од кои 151 милиони денари се предвидени за плати и надоместоци на вработените, 733 милиони денари за капитални расходи, што е за скоро четири пати повеќе споредено со 2021 година, а 214 милиони денари се предвиднеи за субвенции.

Со вака предложениот буџет, како што истакна министерот за економија, Крешник Бектеши на денешната прес-конференција во Владата, се обезбедува поддршка и развој на малите и средни претпријатија, се подобрува деловната клима и се зголемува конкурентноста, се обезбедува поддршка и развој на енергетиката, на туризмот и на угостителството, како и раст на инвестициите во енергетскиот сектор, зголемување на користењето на природниот гас и искористување на сончевата енергија во домаќинствата.

„Од вториот квартал годинава нашата економија оди во нагорен правец, а следната година ќе биде година на економско заздравување и забрзување на растот преку инвестиции. Предвидено да се реализираат сите програми и мерки на Министерството, за што се предвидени дополнителни средства. Во Програмата за промоција на обновливите извори на енергија и поттикнување на енергетската ефикасност за 2022 година предвидени се субвенции за граѓаните во вкупна вредност од 80 милиони денари, што е за 30 милиони денари повеќе споредено со средствата предвидени во 2021 година“, рече Бектеши.

И оваа година Министерството за економија ќе покрива дел од трошоците за купени и вградени сончеви термални колектори во домаќинствата, за замена на ПВЦ или алуминиумски прозорци и за купување печки на пелети.

„Дополнителни средства оваа година се наменети и за финансиска поддршка за производство на електрична енергија од повластени производители кои користат премија со оглед на фактот што забрзано се градат фотоволтаичните централи на приватно земјиште, а дел од нив се веќе и пуштени во употреба“, појасни Бектеши.

Во делот на активностите за финансиска поддршка на туризмот во 2022 година, фокусот на Министерството ќе биде поддршка на домашниот туризам за што се предвидени 38,5 милиони денари.

За следната година, потенцира, тројно е зголемен буџетот за субвенции за приватни претпријатија, за што се предвидени 20,8 милиони денари од кои девет милиони денари се предвидени за имплементација на активности за паметна специјализација што е обврска од извештајот на ЕК.

„Во 2022 година зголемен е и буџетот за поддршка на претприемаштвото, за што се предвидени вкупно 62,3 милиони денари“ рече Бектеши.

„Со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот на патиштата, како и намалување на загадувањето на воздухот, што е еден од нашите приоритети и оваа година продолжуваме со мерката за субвенции за вградување уред на погон на ТНГ метан или друг вид на алтернативно гориво во возилата. За оваа мерка се предвидени 11 милиони денари“, нагласи Бектеши.

„Во Буџетот на Министерството за економија за 2022 година за изградба на гасоводната мрежа се предвидени 625 милиони денари, средства кои што АД НЕР планира да ги обезбеди преку емисија на хартии од вредност по пат на приватна понуда. Со овие 625 милиони денари предвидено е да се реализира проектот за гасификација на земјава – фаза 1, да се пуштат во употреба делниците Клечовце-Неготино, Неготино-Битола и Скопје-Тетово-Гостивар, а наскоро треба да почне и изградбата на интерконективниот гасовод со Грција“, рече Бектеши.

 

Содржината е прочитана 256 пати.