Стопанска комора: „Послушајте го гласот на бизнисот, да се одложи примената на Кодексот за котација на Берзата“

Стопанската комора бара да се одложи примената на Кодексот за корпоративно управување на котираните друштва донесен од Берзата, бидејќи компаниите не можат да го применат во сегашните услови на криза.

Во иницијатива потпишана од компании кои се котирани на берзата се апелира кодексот да се применува од пролетта 2023 година, односно со вградување на соодветната Изјава во годишните извештаи за работа за 2022 година.

„Компаниите со своето потпишување на заедничка иницијатива го потврдуваат фактот дека консултација со бизнис заедницата во делот на почеток на нејзината примена не е извршена и укажуваат дека работат во исклучително тешки услови на стопанисување, во услови на здравствена, економска и енергетска криза која наметнува огромни активности и дејства насочени кон одржување на нивната деловна активност, односно насочена кон одржување и зголемување на нивната конкурентност, продуктивност, настап на странски пазари и сл. и повеќе од потребно е да им се овозможи и да се излезе во пресрет на оваа иницијатива“ ,се вели во барањето на Комората.

Ова е втор пат Стопанската комора да испраќа барање за одложување на примената на Кодексот за корпоративно однесување на Берзата. Првпат  реагираше на почетокот на ноември побара одложувањето на примената со забелешка дека процесот на донесување на Кодексот е спроведен без консултација на бизнис заедницата.

Во одговорот од Македонска берза до Комората, кој стигнал веднаш по испратеното барање се наведува дека „постојната временска рамка за почеток на примена на одлуката за измени и дополнувања на Правилата за котација на Македонска берза, донесена од страна на Одборот на директори на Берзата на 20.09.2021 година и новиот Кодекс за корпоративно управување на котираните друштва на Берзата не треба да се менува и дека процесот на донесување на кодексот бил транспарентен и во консултација на котираните друштва“.

Одлуката за измени и дополнувања на Правилата за котација и Кодексот за корпоративно управување на акционерските друштва котирани на Македонска берза стапија на сила од 26.10.2021 година.

 


Статијата е прочитана 393 пати.

Сподели: