Бесими: „Денарот е стабилен, а шпекулациите не користат никому“

Денарот е стабилен. Да бидеме внимателни со шпекулациите за девизниот курс на денарот затоа што тие не му користат никому. И покрај повисоката инфлација, вредноста на националната валута ќе остане стабилна, а гаранција за тоа е Народната банка и девизните резерви со кои располага, рече денеска министерот за финансии Фатмир Бесими.

„Девизниот курс на денарот е во исклучива ингеренции на НБМ, но како министер за финансии и како економист и теоретски познавач на оваа област, на граѓаните им соопштувам да сме многу внимателни во однос на коментарите и шпекулациите за девизниот курс“, порача Бесими.

Нагласувајќи дека шпекулациите воопшто не користат тој истакна дека Народната банка има доволно инструменти да го заштити денарот.

„Имаме фиксен девизен курс, имаме доволно девизни резерви во Народната банка и во досегашниот период сме дале доволно факти дека по секоја цена ќе се заштити девизниот курс на денарот. Тоа е основата на нашиот економски модел, на нашиот монетарен систем и тука нема дилеми“, рече Бесими.

Посочи дека инфлацијата е рамки на предвидувањата, во проекциите од 2023 се сведува на два отсто, и, како што рече, очекувањата на сите меѓународни институции се дека ситуацијата на глобално ниво ќе се стабилизира во втората половина на следната година.

 


Статијата е прочитана 366 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско