Усвоен Буџетот за 2022 година, „тежи“ 4,4 милијарди евра

Собранието синоќа го донесоа Буџетот за 2022 година. Државната каса, која беше усвоена по петдневна расправа со 63 гласа „за“, 36 „против“ и ниту еден „воздржан“ ќе „тежи“ 4,4 милијарди евра и е најголема досега.

Вкупните приходи се планирани на ниво од 238,9 милијарди денари или 30,9 проценти од БДП, а расходите се проектирани на ниво од 272,4 милијарди денари што е за 1,4 проценти повеќе од годинава. Дефицитот се планира на ниво од 33,5 милијарди денари или 4,3 отсто од БДП и е понизок за 2,2 процентни поени во однос на проценетиот дефицит во 2021 година. За капитални инвестиции за следната година се предвидени 37,8 милијарди денари, што е за 27 проценти повеќе во однос на 2021 година. Запазено е т.н. „златно правило во финансиите“, односно буџетскиот дефицит е помал од капиталните расходи.

Според министерот за финансии, Фатмир Бесими со Буџетот ќе се обезбеди непречено финансирање на основните функции на државата, ќе се забрза економскиот раст и ќе се даде поддршка на реформските процеси во правосудството и на евроинтеграциските процеси.

„Целите на Буџетот се продолжување на грижата за здравјето на граѓаните, закрепнување на економијата, фискална консолидација и непречено финансирање на основните функции на државата. Политиките на Буџетот се засноваат на стратешките документи како што се реформската програма во координација со ЕУ, Планот за забрзување на економскиот раст, документот за фискална одржливост и Планот за инвестиции“, рече Бесими во завршното обраќање.

Како карактеристики на Буџетот, министерот ги посочи зголемувањето на капиталните инвестиции, намалувањето на тековните расходи посебно за стоки и услуги и продолжувањето на транспарентноста во менаџирањето на јавните пари.

„Сеопфатната дискусија за Буџетот придонесе во подобрување на квалитетот. Се прифатија 23 амандмани во вредност од 382 милиони денари. Можам да кажам дека партиципенти беа сите пратеници“, рече Бесими, изразувајќи благодарност до сите пратеници за конструктивната дебата.

 


Статијата е прочитана 312 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско