Нови правила за соработка со германски компании – македонските добавувачи треба да се придржуваат до новиот Закон за добавувачи

Македонските компании кои работат како добавувачи за германските инвеститори треба да се придружваат до новиот Закон за добавувачи кој треба да стапи во сила во Германија од 1 јануари следната година, а кој меѓу другото предвидува исполнување на одредени стандарди, како што е почитување на работничките права и заштита на животната средина при производство, изјави на денешниот брифинг со новинари директорот на Делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија, Патрик Мартенс.

Исто така, компаниите треба да го почитуваат и она што е на агендата на Европската унија, а тоа е „Зелениот договор” за зашита на животната средина.

„Покрај грижата во однос на работната сила, компаниите треба да се фокусираат и на она што е на агендата на Европската унија и Германија, тоа е ‘Green deal’ за заштита на животната средина. Од 1 јануари 2022 година во Германија стапува во сила Законот за добавувачи, каде што компаниите кои сакаат да извезуваат во Германија и да бидат добавувачи на германски компании треба да исполнуваат одредени стандарди, како што се стандарди во однос на почитување на човекови права, работнички права заштита на животната средина при производството“, рече Мартенс.

Тој додаде дека локалните компании кои работат за германскиот пазар треба најмногу да се подготват за овие предизвици за да бидат конкурентни и во иднина.

Како што посочи, она што им се допаѓа на германските инвеститори е законската рамка во Северна Македонија која е многу слична на европското законодавство и од тие причини тие се одлучуваат своите инвестиции да ги реализираат тука, бидејќи можат да се потпрат на слични закони.

„Германската компанија која е крајниот купувач едноставно ја носи одговорноста пред судот и пред законот во однос на исполнувањето на стандардите од сите компании кои биле нејзини добавувачи, дека секој добавувач се придружува до новиот Закон за синџир на добавувачи и секогаш ќе гледа да работи со компании кои ќе ги исполнуваат тие закони и даваат таква сигурност“, додаде Мартенс.

Во однос на очекувањата за економската соработка меѓу Германија и Северна Македонија за 2022 година тој посочи дека се позитивни и очекува позитивен раст и зголемување, но се разбира, како што додаде, она од што зависи извозот и производството е интернационалниот синџир на добавувачи од кои зависат и германските инвеститори во земјава.

„Состојбата кај германските инвеститори во Северна Македонија е многу добра. Тие се задоволни од работата тука, планираат да ги прошират и зголемат своите инвестиции во следниот период. Но она што треба да го запазиме е пазарот на трудот, односно да им понудиме перспектива на младите луѓе да останат во земјава и исто така да им дадеме можност да бидат вработени во добри перспективни компании“, додаде Патрик Мартенс.

Пренесено од МИА

 


Статијата е прочитана 420 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско