Македонската дијаспора во Шведска е мост меѓу двете земји и народи

Интервју со НЕ Мира Ивановска Крајачиќ, амбасадор на Република Северна Македонија во Кралството Шведска во кое зборува за соработката за зајакнување на демократските институции и комуникација на демократски вредности меѓу двете држави, за демократијата како еден од носечките столбови на развојот на шведското општество, за лидерска позиција на Шведска во борбата против климатските промени, заштитата на животната средина, диверзификацијата, како и за прославата на 30-годишниот јубилеј на престижната манифестација „Денови на македонската поезија“ во Шведска што минатата есен му беше посветена на чествувањето на 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески

 

 

МАРИЛИ: Ваша екселенција, веќе трета година сте претставник на нашата држава во Кралството Шведска. Каков е Вашиот впечаток за оваа скандинавска земја и кои се најзначајните активности што ги презедовте во овој период како амбасадор?

КРАЈАЧИЌ: Шведска е вистински скапоцен камен на Северот. Не само поради убавините со повеќе од 5.000 езера, архипелази, прекрасни густи стогодишни шуми, со северната светлина, луѓето што се отворени и пријатни - туку и по достигнувањата во демократијата, економијата, истражувањата, социјалната заштита. И на меѓународен план Шведска има високо и почитувано место во меѓународните односи со активната и принципиелната политика. Исклучително благородна дипломатска дестинација.

Што се однесува до билатералните односи, со задоволство можам да ги повторам констатациите на сите врвни македонски и шведски претставници дека се одлични. Политичкиот дијалог е мошне динамичен, во изминативе три години одржани се повеќе од 20 средби и заемни посети, проследени со експлицитна шведска поддршка на нашите стратегиски цели и евроинтеграциски процеси.

Само во последните три месеци беа реализирани посетата на претседателот Стево Пендаровски на Стокхолм, Малме, Гетеборг и учество на Самитот/Форумот за паметење на холокаустот и борбата против антисемитизмот. Потоа учество на министерот за надворешни работи Бујар Османи на Министерскиот совет на ОБСЕ, како и посета на Управната група за соработка во демократскиот развој од нашето Собрание на шведскиот парламент - Риксдагот. Партнерството на Собранието со Риксдагот за соработка во демократскиот развој воспоставено пред една и пол година е уникатно од овој вид. Република Северна Македонија е прва земја со која Шведска развива соработка за зајакнување на демократските институции и пренесување на демократските вредности. 

На мултилатерален план, исто така, имаме тесна соработка. Актуелна е размената на искуства околу претседавањето со ОБСЕ, а минатата година Шведска беше претседавач и домаќин на средби на високи претставници од 57 земји членки. Од први јануари годинава нашата земја влегува во „тројката“ претседавачи, така што шведското искуство е од големо значење во нашите подготовки за претседавањето со ОБСЕ следната година.

Во реализацијата на разновидни проекти и во унапредувањето на соработката би сакала да ја истакнам и значајната динамична и конструктивна комуникација со Амбасадата на Кралството Шведска во Скопје и амбасадорката Кристин Бенгстон.

Исклучително важен момент за нашата дијаспора во Шведска е фактот дека успеавме да го решиме деценискиот проблем со издавањето на патните исправи, односно од ноември 2021 година Амбасадата во Стокхолм е една меѓу неколкуте амбасади во светот каде што преку поставената мобилна станица за патни исправи, нашите граѓани во Шведска во најкраток рок се здобиваат со личен документ без притоа да бидат принудени да чекаат и половина година, како што беше случај претходно или да мора да патуваат во земјата.

 

МАРИЛИ: Колку нашата дијаспора ја одржува културната традиција преку многубројните македонски друштва низ поголемите градови во Шведска и дали и колку Амбасадата е вклучена во сето ова?

КРАЈАЧИЌ: Македонската дијаспора овде во Шведска е една од најорганизираните, а во исто време и најинтегрираните во општеството. Соработката на Амбасадата со дијаспората, генерално, е на многу високо ниво, а вклучително и на планот на културата, уметноста, традициите... Одлична илустрација е соработката со Македонскиот сојуз, чиј претседател е Гордана Крклинска, а секретар е Ивица Челиковиќ, како и со поетското друштво „Дениција“. Еден пример е заедничкото организирање на Деновите на македонската поезија во Шведска на кои изминатите две години Амбасадата имаше задоволство да биде домаќин и што, се надеваме, станува традиционално. Во 2020 година Амбасадата беше домаќин на прославата на 30-годишниот јубилеј на оваа престижна манифестација, а минатата есен Денот на македонската поезија во Шведска му беше посветен на чествувањето на 100-годишнината од раѓањето на нашиот великан Блаже Конески. Во октомври 2019 година бевме привилегирани да учествуваме и во организацијата на турнејата на „Танец“ во Шведска, во чест на 70-годишнината од постоењето на оваа реномирана национална институција. 

Нашата дијаспора е вистински мост меѓу двете земји и народи. Амбасадата соработува и со наши граѓани што во Шведска се ангажирани на промоцијата на македонската уметност и култура, како што е, на пример, уметницата и активист Лилјана Стоилковска, галеријата „Зест“ на нашата сограѓанка Тијана Солестад, која изложува дела на македонски автори. Исто така, д-р Лилјана Мараш која, заедно со Ротари клубот Дјуршхолм од Стокхолм, организира реализација на мали проекти во областа на науката, образованието и проекти од здравствената заштита во Македонија. Во оваа пригода мора да го споменам и неодамна починатиот, светски познат, македонскo-шведски пејач Л.Г.Петров кој, како член на шведската метал група „Ентомбед АД“, стана дел од новата стокхолмска варијанта на метал-рокот и во 2014 година беа избрани во Шведската музичка куќа на славните, заедно со Еверт Таубе, Корнелиус Вресвијк и AББA. 

Во контекст на синергијата со нашата дијаспора во сферата на духовното, би сакала да ја истакнам и одличната соработка со МПЦ „Св. Наум Охридски“ од Малме, прота-ставрофор Блажо Кожарски и МПЦО што се почитуван фактор и партнер на шведските општински и регионални, локални и верски авторитети и институции. 

 

МАРИЛИ: Каква е Вашата комуникација со нашите успешни бизнисмени во Шведска и дали тие се интересираат за условите за инвестирање во својата држава?
КРАЈАЧИЌ: Од 2019 година со дијаспората работиме и на воспоставување мрежа на бизнисмени со потекло од Република Северна Македонија за унапредување на економската соработка и трговската размена што сакаме да биде на високото ниво на политичките односи на нашите две држави. Поволната клима се надоврза и на генералната ориентација на ниво на Европската Унија за развивање на економските односи и соработка со нашиот регион. Во соработката ја вклучивме и Бизнис-Свиден, шведска организација во косопственост на државата и бизнис-заедницата. Дел од планираните активности се и посети, промоции и средби од надлежни претставници од земјата во Шведска, на кои на непосреден начин ќе се промовираат можностите за инвестирање во земјата, унапредување на трговијата, развој на проекти…

 

МАРИЛИ: Според Вашите сознанија, какво е учеството на жената во бизнисот во шведското општество како жени менаџери, лидери, претприемачи, дали има шведски примери на кои може да се угледуваат македонските менаџерки?

КРАЈАЧИЌ: Демократијата е еден од носечките столбови на развојот на шведското општество. Овие три години Шведска слави 100 години од воспоставувањето на демократијата во земјата, поконкретно со воведувањето универзално право на глас базирано врз еднаквост на правата на жените и влегувањето на првите жени во парламентот - Риксдагот. Оваа борба за демократија е процес што во изминатите 100 години континуирано се надградува. Денес Шведска има два лајтмотива на владеењето и политиките: поттик за демократија и феминизам. 

Родовата еднаквост во Шведска се однесува на тоа дека жените и мажите имаат иста моќ да ги обликуваат општеството и сопствениот живот и опфаќа прашања, како што се, моќ, влијание, економија, здравје, образование, работа и физички интегритет. Притоа, економската еднаквост - жените и мажите да имаат исти можности и услови во однос на платената работа што дава финансиска независност за живот - е една од шесте клучни цели на политиката на еднаквост, а во кои спаѓаат и: рамномерната распределба на моќта и на влијанието; образованието за родова еднаквост; еднаквата распределба на неплатената работа во домот и негата; еднаквото здравје и крај на машкото насилство врз жените.

И во надворешната политика, наречена „феминистичка“, каде што министерката е жена, Ан Линде, исто така, родовата еднаквост е една од главните цели; обезбедувањето жените и девојчињата да ги уживаат основните човекови права е обврска во рамките на меѓународните обврски и предуслов за постигнување на пошироките надворешно-политички цели на Шведска - мир, безбедност и одржлив развој.

Кон крајот на минатата година Шведска ја доби и првата жена премиер, Магдалена Андерсон. 

Исто така, во економската област Шведска е понапредна од повеќето други земји во однос на родовата еднаквост на работното место. Бројот на вработени мажи и жени е приближно еднаков, а распространетоста по функција и ранг, исто така, е многу правична. Се проценува дека во моментов жените имаат околу 25 % - 35 % од сите раководни позиции во Шведска, што е многу повисока бројка отколку во повеќето други индустријализирани земји.

 

МАРИЛИ: Дали постои можност за македонско-шведска соработка во бизнис- секторот во смисла на организирање конференции, форуми, обуки, вебинари и слично?

КРАЈАЧИЌ: Пред пандемијата во Стокхолм беше одржана Конференција Шведска - Западен Балкан со учество на министрите за надворешни работи и за економија, а беа одржани и бизнис-средби на секоја национална делегација со врвните 10 шведски компании. За жал, ограничувањата поврзани со пандемијата го оневозможија побрзиот напредок во реализацијата на иницијативите.

Прашањето е многу актуелно. Во услови на рестрикции наметнати од ширењето на пандемијата, засилената дигитализација дава исклучително широки можности за комуникација и соработка што треба максимално да се искористуваат. 

 

МАРИЛИ: Каков е односот на шведското општество кон екологијата и животната средина воопшто?

КРАЈАЧИЌ: Шведска е горда на својата лидерска позиција во борбата против климатските промени, заштитата на животната средина, диверзификацијата. Не е случајно тоа што таа е дом на светски познатата млада активистка Грета Тунберг. За Шведска климатските промени се најважно прашање на нашата генерација. Минатата година беа издвоени околу 9,7 милијарди шведски круни за иницијативи за зелено закрепнување. Цел е Шведска да биде прва социјална држава без фосилно гориво во светот. Со цел прашањето за климатските промени да се интегрира во сите  релевантни области на политиката, Владата формираше и специјална министерска работна група за климатска политика.

Шведска е еден од иницијаторите на Водечката група за транзиција на индустријата (LeadIT) на глобално ниво, чија цел е да ја поттикне климатската транзиција во енергетски интензивните индустрии, а има и посебна стратегија за циркуларна економија и забрзување на долгорочната и одржлива транзиција на шведското општество.

 

МАРИЛИ: Колку функцијата амбасадор Ви остава слободно време и каде и како најчесто го исполнувате?

КРАЈАЧИЌ: Покрај функцијата амбасадор во Шведска, во исто време сум акредитирана и за Финска, исто така, пријателска и прекрасна земја, така што ми останува малку слободно време. Настојувам, кога е тоа возможно, да ги запознаам подобро Шведска и нејзините убавини, луѓето, обичаите, културата, уметноста. И самите работни задачи ме носат на дистанции и над илјада километри.

Се трудам да најдам време и да се сретнам со колегите и пријателите на кафе, во Шведска; таканаречената „Фика“. „Фика“ е повеќе од кафе-пауза со колаче. Културата на кафето во Шведска е начин на размислување, концепт што, меѓу другото, им овозможува на Швеѓаните да бидат меѓу најсреќните луѓе во светот - тие одделуваат време да се грижат за своето ментално здравје и да уживаат во секој момент од својот живот. 

 

 


Статијата е прочитана 1201 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско