„Македонија2025“ – Продолжува мисијата на непрофитната организација создадена од македонската дијаспора, за економски развој на земјава

Во пресрет на Самитот „Македонија2025“ кој ќе се одржи на 12 и 13 мај 2025 година, маркетинг агенција „Марили“ разговараше со д-р Никица Мојсоска – Блажевски, главен извршен директор на непрофитната организација, чиј фокус е економскиот развој и глобалната интеграција на Македонија. Носечките теми на Самитот се забрзан економски раст и просперитет на економијата и општеството.

„Една од главните стратешки цели на „Македонија2025“ е вложување во образованието и развојот на младите, со цел да се создадат генерации кои ќе го остварат својот потенцијал тука, во Македонија. Преку програмата на Фондацијата „Атанас Близнакоф“, која се имплементира од 2021 година во партнерство со „Македонија2025“, досега се поддржани вкупно 220 стипендисти, од кои 59 веќе дипломираа или ќе дипломираат во 2025 година.“, вели д-р Мојсоска - Блажевски.

МАРИЛИ: За кога е предвидено да се одржи овогодинешниот Самит на „Македонија2025“, кажете нѝ која ќе биде носечка тема? Покрај македонските бизнисмени од земјава и дијаспората, од каде се ќе има гости – учесници на панел дискусиите?

Д-Р МОЈОСОСКА - БЛАЖЕВСКИ: Овогодишниот Самит на „Македонија2025“ ќе се одржи на 12 и 13 мај 2025 година во Скопје, со свечен прием на 11 мај во Кабинетот на Претседателката на Македонија.

Носечките теми на Самитот се забрзан економски раст и просперитет на економијата и општеството. Ќе се разговара за модели на раст и искуства на земји кои оствариле брз раст и трансформација, дигитализацијата и вештачката интелигенција, инвестициските можности и улогата на дијаспората во националниот развој. Преку низа панел-дискусии и интервјуа, Самитот ќе ги отвори најрелевантните прашања за иднината на економијата, образованието, иновациите, технологијата и глобалната соработка.

Покрај македонските претставници од земјава и од дијаспората, говорници на Самитот ќе бидат и истакнати гости од САД, Обединетите Арапски Емирати, Канада, Полска, Грузија, Унгарија, Германија и други земји. Меѓу нив се поранешни премиери и министри, експерти за дигитализација, водечки луѓе од глобалната технолошка сцена и претставници на мултинационални компании. Токму оваа разновидност на учесници го прави Самитот уникатна платформа за споделување искуства и иницирање соработки кои ќе придонесат за забрзан развој на Македонија и регионот.

МАРИЛИ: Пристигна и 2025 година, дел од името на оваа непрофитна организација. Од кога постои „Македонија2025“ и колку е постигнато низ годините од зацртаните цели? Дали продолжувате да функционирате и по 2025 година и кон што ќе бидете насочени?

Д-Р МОЈСОСКА – БЛАЖЕВСКИ: Зародишот на „Македонија2025“ е во 2003 година, но официјалната регистрација како непрофитна организација е направена во 2007 година од група бизнис лидери од македонската дијаспора, со визија да придонесат за економскиот развој и глобалната интеграција на Македонија. Името „Македонија2025“ ја одразуваше амбицијата дека до 2025 година земјата ќе биде економски силна, интегрирана во Европската Унија и НАТО, и конкурентна на глобалниот пазар.

До денес, организацијата оствари значителни резултати: Преку Самитот на Македонија2025, се создаде водечка регионална платформа за економски дијалог и глобални партнерства. Овозможивме експертска поддршка за македонските мали и средни претпријатија, како и широк спектар на едукативни програми наменети за млади лидери, претприемачи и професионалци — при што дел од поддршката се и врвни обуки за извршни менаџери реализирани во партнерство со престижни универзитети ширум светот. Обезбедени се стипендии и менторски програми за над 1000 млади таленти. Активно се работеше на јакнење на врските со дијаспората и на иницијативи за повратнички инвестиции и експертски придонес.

Иако 2025 година пристигна, мисијата на „Македонија2025“ продолжува и понатаму. Организацијата ќе остане активна и по 2025 година, фокусирајќи се на развој на човечки капитал, подобрување на деловното окружување, дигитална трансформација, претприемништво, иновации и поттикнување на економскиот раст, што веруваме дека ќе доведе до повисоки стапки на економски раст од над 5%. А како основен услов за реализација на тоа, се залагаме и се бориме за нулта толеранција на корупцијата. Новите активности на организацијата ќе се темелат врз постојните успеси, но со надграден пристап кон решавање на актуелните и идните предизвици за Македонија и регионот.

МАРИЛИ: Колку и на кои начини активностите на „Македонија2025“ влијаеа на македонскиот економски развој?

Д-Р МОЈСОСКА – БЛАЖЕВСКИ: Активностите на „Македонија2025“ имаа значајно влијание врз македонскиот економски развој преку неколку клучни механизми:

Градење на човечки капитал: Преку лидерски академии, извршни едукативни програми и обуки во соработка со врвни светски институции (како Smith School of Business при Queen’s University, Kellogg School of Management, и други), стотици македонски менаџери и претприемачи добија пристап до светски знаења, алатки и мрежи.

Експертска поддршка на бизниси: Преку програмите како „Bitove Family Entrepreneurship Program“ овозможуваме експертска поддршка за македонските компании, со ангажман на консултанти од Канада. Преку програмата „Leader Project“, која ја реализираме во соработка со бизнис школата Ivey Business School при Western University, од Канада, даваме поддршка за млади претприемачи во развојот на сопствени бизниси преку обука, менторство, и развој на практични вештини. Дел од учесниците веќе придонесуваат со нови вработувања и иновации на локално и регионално ниво.

Вмрежување и економска дипломатија: Самитот на „Македонија2025“ стана водечка платформа за поврзување на домашни компании со странски инвеститори, дијаспората, и глобални експерти. Многу компании преку Самитот остварија соработки, пристап до нови пазари или беа инспирирани за развој на нови производи.

Дијаспората како економски мотор: Со години, организацијата работи на мобилизирање на потенцијалот на македонската дијаспора – преку иницијативи за враќање на знаења, инвестирање, менторирање и зајакнување на локалните заедници. Дијаспората стана еден од главните сојузници за развој преку повратнички инвестиции, но и преку глобална промоција на македонските капацитети. Истражувања и препораки за политики: „Македонија2025“ е партнер и иницијатор на истражувања за економски индикатори, иновации и дигитална трансформација, обезбедувајќи релевантни препораки за носителите на политики. Со ваков пристап, организацијата го остварува своето мото: да помогне Македонија да стане економски развиена, глобално конкурентна и атрактивна за живеење и инвестирање.

МАРИЛИ: Имате ли податоци, колку компании и во кои области досега добиле менторство или пак поминале едукации и обуки од експерти, организирани од „Македонија2025“?

Д-Р МОЈСОСКА – БЛАЖЕВСКИ:  Досега, преку различни програми и иницијативи на „Македонија2025“, повеќе од 550 компании добиле експертска поддршка, менторство, обуки или советување во клучни области во нивното бизнис делување. Како најзначани програми во таа насока се поддршката на компании со канадски експерти (за развој и извоз), обуки на менаџерите и младите претприемачи, платформата „Connect2MK“ преку која истакнати професионалци од дијаспората им помагаат на домашните компании да станат поконкурентни и да пенетрираат на странски пазари и тн.

Покрај тоа, преку Самитот на „Македонија2025“ и другите иницијативи, повеќе од 5000 бизнисмени, лидери и претприемачи имале можност да поминат низ неформално вмрежување, споделување искуства и размена на најдобри практики за развој на економијата. Она што несомнено треба да се додаде тука е и индиректната поддршка која ја даваме на компаниите преку влијание врз подобрување на деловното окружување во делот на даночната политика, извозот, правната регулатива, индустриската политика, политиката на вработување и тн. Македонија2025 и понатаму ќе биде активен чинител во креирањето на ново законодавство или подобрување на тековното преку давање на предлози, сугестии за законски измени, учество и водење во дизајнирање на здрави економски политики и слично.

Тука би ја додала и нашата поддршка за дигитална трансформација на бизнисите која започна во 2024 година, преку новоформираниот Центар за дигитална трансформација „Го Дигитал“. Оваа непрофитна организација основана од „Македонија2025“ помага во развој на целокупниот еко-систем за дигитализација на бизнисите, од развој на дигитални консултанти  (меѓународно сертифицирана програма) до директна работа со компаниите (подготовка на дигитална стратегија) и ко-финансирање на примена на дигитални решенија. Се надевам дека набрзо ќе покажеме силни резултати и од активностите на Го Дигитал.

МАРИЛИ: Една од вашите главни цели е едукација на младите како би се оствариле професионално во својата татковина. Колку стипендисти се поддржани и во кои области? Дали оваа поддршка ќе продолжи и понатаму?

Д-Р МОЈСОСКА – БЛАЖЕВСКИ: Една од главните стратешки цели на „Македонија2025“ е вложување во образованието и развојот на младите, со цел да се создадат генерации кои ќе го остварат својот потенцијал тука, во Македонија.

Преку програмата на Фондацијата „Атанас Близнакоф“, која се имплементира од 2021 година во партнерство со „Македонија2025“, досега се поддржани вкупно 220 стипендисти, од кои 59 веќе дипломираа или ќе дипломираат во 2025 година.

Во моментов, 139 активни стипендисти студираат на 19 различни факултети при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а нови 40 студенти ќе добијат стипендија во септември 2025 година.

Стипендистите доаѓаат од 32 општини од целата земја, и студираат во широк спектар на области, меѓу кои: информатички технологии, економија и бизнис, медицина, природни и технички науки, и тн.

Оваа поддршка ќе продолжи и понатаму, бидејќи веруваме дека вложувањето во младите е најдолгорочната инвестиција за развој на Македонија.

Паралелно со стипендиите, се развива и програма за менторство, практикантство и кариерен развој, со цел полесен и побрз премин од академско во професионално опкружување.

МАРИЛИ: Од кога сте на функцијата главен извршен директор на „Македонија2025“ и што претставува за Вас оваа функција?

Д-Р МОЈСОСКА – БЛАЖЕВСКИ: На функцијата главен извршен директор на „Македонија2025“ сум од 2018 година, и со голема одговорност и посветеност ја извршувам оваа улога.

За мене, оваа функција претставува повеќе од професионална позиција – таа е лична мисија. Како економист и како личност што длабоко верува во потенцијалот на Македонија и нејзините луѓе, водам организација што работи на практични решенија за економски раст, подобрување на образованието, поттикнување на иновации и поврзување со дијаспората.

Да се биде дел од „Македонија2025“ значи секојдневно да се гради мост помеѓу локалните можности и глобалните перспективи. Чест е да се предводи тим што создава реално влијание, а особено ме мотивира тоа што преку нашите програми и иницијативи директно допираме до иднината на државата – младите луѓе, претприемачите и идните лидери.

Меѓутоа, иако сум оптимист и лице кое ја сака Македонија и го цени потенцијалот на земјата и луѓето, повремено сум разочарана од ситуацијата, од недостиг на визија за развојот, од корумпираноста и некомпетентноста, од летаргијата и „откажувањето“ на народот од иднината на Македонија. Сепак верувам дека со силно и визионерско лидерство, може да направиме многу.   

МАРИЛИ: Колку вие лично, преку „Македонија2025“ или пак преку други здруженија или алијанси, се залагате и се борите за родова еднаквост и рамноправност?

Д-Р МОЈСОСКА – БЛАЖЕВСКИ: Промовирањето на родова еднаквост и рамноправност е клучен дел од мојата професионална, но и лична мисија. Како професор и истражувач, најголем дел од моите трудови и публикации се насочени кон пазарот на трудот и постигнување на поголема еднаквост преку намалување на дискриминацијата, промена на стереотипите за улогата на жената во домаќинството и на пазарот на труд, промена на поимањето на жената сама за себе и за своите можности, преку еднаквост во образованието и изборот на идни професии и т.н. Пречките за поголема еднаквост се сеприсутни околу нас, во семејството, во училиштата/образованието, и во општеството заради што е потребна голема интервенција и грижа за надминување на истите.

Преку мојата улога во „Македонија2025“, како и преку други платформи, се залагам за создавање инклузивни можности за девојки и жени во бизнисот, технологијата, науката и лидерството.

Во рамки на „Македонија2025“, активно ја поддржуваме еднаквата застапеност на жените во нашите едукативни и лидерски програми, како што се стипендиите, менторските иницијативи и извршните обуки. Истовремено, работиме на разбивање на бариерите што ги спречуваат жените да напредуваат во кариерите, особено во STEM областите преку проектите како „СТЕМувај како девојка“ и во претприемништвото.

Покрај ова, сум член и соработник на неколку регионални и меѓународни иницијативи што се фокусираат на женско лидерство, вклучување и застапеност, и редовно говорам на форуми каде темата на родова еднаквост е во фокусот. Верувам дека жените не се само носители на промени, туку и клучни градители на одржливо општество.

Родовата рамноправност не е прашање на избор, туку предуслов за напредок. За мене, ова не е само борба – туку секојдневна заложба за фер, праведно и просперитетно општество за сите.

МАРИЛИ: Колку проекти како што е регионалната манифестација „Избор на најуспешни жени менаџери“ на „Марили“ која е со 29-годишна традиција, се важни за промоција и поддршка за жената во бизнисот?

Д-Р МОЈСОСКА – БЛАЖЕВСКИ: Вакви проекти и иницијативи (особено од регионален карактер) се исклучително важни за промоцијата, препознавањето и охрабрувањето на жената во бизнисот (и општеството). Таквите настани не се само симболична потврда на успехот, туку и моќна платформа за видливост, инспирација и вмрежување. Тие покажуваат дека жените можат и мора да бидат еднакво присутни во економските и лидерските позиции, а нивниот успех треба да биде истакнат, признаен и поддржан. Жените, во улога на работнички, менаџери, лидери, се многу малку презентирани и наградени од општеството, малку се слуша или зборува за нив. За да ја промениме ситуацијата, мора да развиваме и промовираме успешни жени како role модели за младите, за младите да знаат дека и тие можат да бидат успешни инженери, доктори, научници, директори ...

Во едно општество кое сè уште се соочува со одредени структурни бариери за родова еднаквост, ваквите манифестации ја засилуваат свеста, го поттикнуваат самодовербата и придонесуваат кон менување на перцепциите за улогата на жената во економијата.

Од личен аспект, сметам дека секој ваков пример на успешно женско лидерство има потенцијал да влијае врз генерации девојки, кои ќе видат дека и тие можат да создадат промена, да водат, и да бидат двигатели на развојот.

МАРИЛИ: Која е Никица Мојсоска- Блажевски приватно? Што Ве релаксира по напорниот работен ден?

Д-Р МОЈСОСКА – БЛАЖЕВСКИ: Искрено, не сакам многу да зборувам за себе, мислам дека мојата работа и дела (приватно, и како дел од општеството) ме дефинираат најдобро. Накусо, горда мајка сум на две прекрасни ќерки, сопруга и личност која верува во тоа дека успехот доаѓа со труд и посветеност.

Секојдневно се трудам да бидам присутна и посветена на работата, на семејството, пријателите и колегите, и на моментите што не се мерат во бројки – туку во чувства. Многу спортувам (во минатото бев и професионален спортист), сакам да патувам и имам неизмерна љубов кон Македонија.

По напорен работен ден, ме релаксира времето поминато со моето семејство, особено искрените разговори со моите деца (од кои учам многу). Природата, музиката, книгите и долгите прошетки (со моето куче) се исто така мои омилени начини на опуштање. Верувам дека вистинската инспирација и сила доаѓаат кога умееме да се поврземе со себе и со најблиските – без притисок, без агенда.

Балансот не секогаш е лесен, но за мене е суштински – токму во тие тивки моменти се обновува енергијата со која се гради визијата за подобро утре.


Статијата е прочитана 214 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско