„Пресек: Дама со девет камења“ - мултимедијален изложбен проект на ликовниот уметник Иванчо Талевски во Чифте амам

Од 8 јули до 30 јули годинава во Чифте амам ќе биде отворена изложба „Дама со девет камења“ на ликовниот уметник Иванчо Талевски со наслов „Пресек: Дама со девет камења“.

„Пресек: Дама со девет камења“ е мултимедијален изложбен проект на Талевски, кој преку цртеж, графички техники, проекции и звук го елаборира и комплицира поимањето на минатото како материјал со цел да евоцира прашања од индивидуалната и колективната меморија, историја и припаѓање, нивното бележење, опстојување и бришење. 

Во центарот на овој проект се две збирки цртежи и нивното просторно осмислување. Почнувајќи од 2015 година, при неговите чести патувања помеѓу Битола и Филаделфија, САД Иванчо Талевски со своите цртежи изработени со јаглен ги бележи времето и просторот преку претставување реакции од различни искуства, општествени процеси, феномени, случки и локации. Изработката на овие цртежи започнала како пристап на осознавање и истражување на овие две локации, овозможувајќи откривање неочекувани вкрстувања, создавање простор кој фигурира помеѓу нештата, каде што коегзистираат различности и различни елементи, идеи, идентитети и случувања. Цртежот како медиум овозможува непосредно и моментално бележење на соодносот на телото со тлото, помеѓу различни локации и јазици. 

Паралелно со овој циклус цртежи, Талевски во форма на дијалог презентира едно свое долгогодишно истражување на изгубените 235 цртежи на собирачот на фолклорно творештво Марко Цепенков.

Интерпретацијата и третирањето на архивските материјали од Цепенков се претставени преку една долгогодишна соработка, односно дијалог на Талевски со музичарот и композитор Васко Дуковски, кој живее и работи во Шангај. Преку свои исцртани музички нотации базирани врз избрани цртежи од Цепенков, Дуковски презентира звучен материјал, кој во соработка со Талевски е дел од аудиоинсталација што ќе биде претставена како дел од овој проект. Фокусирајќи се на изгубените цртежи на Цепенков, нивното значење, историја и потенцијална интерпретација, Талевски и Дуковски се стремат кон проучување на звукот и цртежот, третирани како медиуми за еден генеративен и имагинативен процес на интерпретација на минатото која се манифестира во аудиовизуална интервенција.

„Пресек: Дама со девет камења“ го третира цртежот како тенок опис при бележењето и интерпретацијата на историските и општествените процеси. Овој проект, изложен во просторот Чифте амам на Националната галерија претставува една поширока адаптација и нова обработка на ова дело, кое за првпат беше претставено во Центарот за графика во Филаделфија во септември 2021 година.

 

 


Статијата е прочитана 220 пати.

Сподели: