Македонските еколошки чисти региони – дестинации за алтернативен туризам

Утринско будење со петли, традиционален појадок во селска кујна. Да се обидете да молзете крави и да вкусите домашно подготвено кисело млеко или да дегустирате вино. Ова е несекојдневен начин да се откријат убавините на природата, далеку од секојдневните притисоци на урбаниот живот.

Но истовремено ова може да биде и еднакво атрактивна замена за одморите минати во некој од монденските светски планински центри или, пак, на егзотичните плажи.

Еколошка чиста средина, еколошка храна, спокојство, традиција и недоживеани настани се сѐ поскапоцените вредности, па туристите сѐ повеќе бараат вакви места на светската туристичка мапа. Класичните одмори што ги познава светот во последните педесеттина години, да се биде дел од толпата на монденските места и од светски познатите центри на забава добиваат сериозна конкуренција во алтернативниот туризам што се карактеризира со индивидуалност, мир и авантури низ природните богатства.

Заштитените подрачја, особено националните паркови претставуваат најрепрезентативен дел од националното природно наследство. Поради особените природни убавини, историското и научното значење на шумите и на шумските предели уште во 1948 година дел од планината Пелистер е прогласен за национален парк, а тоа наедно претставува првото заштитено природно добро во Македонија и на просторите на поранешна СФРЈ.

Значајно е за одбележување прогласувањето на шумските предели околу Мавровското Езеро за национален парк (1949) и прогласувањето на планината Галичица за национален парк (1958).

Пред извесен период беше донесен Закон за прогласување на Шар Планина за национален парк, со што процентот на заштитени подрачја на национално ниво се зголеми на 13,47 проценти Националните паркови зафаќаат околу 6,91 проценти од територијата на државата, потоа следуваат спомениците на природата со 3,0 отсто, а сите други категории заштитени подрачја зафаќаат околу 3,56 отсто од територијата.

Во Македонија може да се издвојат неколку региони што сѐ уште ја имаат карактеристиката еколошки чисти средини. Тоа се предели што можат да бидат причина за развој на алтернативниот туризам. Сите тие заслужуваат да се најдат на светската мапа на туристички дестинации што можат да ги освојат пребирливите туристи. Таму сѐ уште сѐ е подредено според законите на природата, таму сѐ уште човекот е само гостин.

 

Галичник и Рекански крај 

Селото Галичник се вбројува меѓу најатрактивните дестинации во Македонија.

Сместен е на падините на планината Бистра. Препознатлив е по својата автентична архитектура, богатото културно наследство и восхитувачките пејзажи.

Задолжително е во ова место да се посетат црквите и музеите што ја отсликуваат македонската традиција, како и куќите во кои дел од својот живот поминале познатите македонски преродбеници Ѓорѓија Пулевски, Партенија Зографски, Панајот Гиноски.

Треба да ги вкусите неверојатните галички специјалитети, како галичко овчо сирење или кашкавал, традиционално печено јагнешко месо, грне во фурна и уште многу други. Доколку барате и малку авантура, постои можност да закажете тура со јавање коњи низ селото.

Лазарополе

На чист воздух одете во Лазарополе, планинското село е едно од најчистите места во земјата, каде што се забележуваат најниските вредности на сите загадувачи на воздухот што се мерат во нашата земја. Дека Лазарополе е идеално прибежиште за обновување на белите дробови потврдуваат податоците од Националниот план во кој ова место има најниска просечна годишна концентрација на сулфур диоксид, азот диоксид и суспендирани честички. 

Маврово

Оваа листа не би била целосна без најголемиот Национален парк во Македонија - Маврово. Овoj предел има посебна убавина, буквално во секој период од годината. Но во есен фасцинираат жолтите, портокаловите и црвените нијанси. Доколку се одлучите да го посетите ова место, подгответе се за возење велосипед околу езерото, планинарење, возење кајак, риболов или посета на бачило. Тргнете во обиколката на преубавите предели, глетки полни со моќни планини, бистри потоци и пространи и зелени шуми.

Посетете ја старата црква „Свети Никола“, која е популарна по тоа што летно време се наоѓа на суво, а во зимскиот период до половина е потопена во езерото.

За љубителите на фотографијата Маврово е идеално место за добра фотосесија или за добра пејсажна фотографија.

Јасен  

 

Едно од најубавите и најмистичните места во Македонија е Јасен, природен резерват што се наоѓа во северозападниот дел и зафаќа делови на планините Јакупица, Сува Планина, Караџица и Сува Гора. Се протега на 32.000 хектари простран шумски терен, а негово водно богатство претставуваат акумулациите „Матка“, „Козјак“ и „Св.Петка“, кои изобилуваат со животински видови. Убавина на недопрена природа во која живеат ендемични видови растенија, дури од тропскиот период, но и ретки, ендемични и загрозени видови од животинскиот свет. Јасен е дом на балканските дивокози и евроазискиот рис, на мечки, елени, срни, муфлони, диви свињи, волци, лисици, диви зајаци и многу други видови дивеч. Од птиците се заштитени лештарката, белоглавиот мршојадец и бувот. Јасен е царство и на пеперутки, пчеларки, славејчиња, џвингалки, фазани, еребици камењарки, верверици стоболки, на шумскиот ползач, зелениот гуштер, копнената европска желка.

Ловниот туризам во Јасен се рангира меѓу првите три во светот, а ловиштето се смета за едно од најреспектираните. Но освен ловот, кој е строго лимитиран, овој резерват нуди извонредна можност и за екотуризам. Има безброј шумски патишта и други патеки што овозможуваат организирање планински велосипедизам, пешачење, планинарење, јавање, параглајдинг, кампување, риболов, спелеологија, алпинизам, одмор и рекреација. Од големо историско и културно наследство е и сливното подрачје на реката Треска каде што се наоѓаат голем број манастири, цркви и светилишта.

Галичица и Преспа 

 

Националниот парк „Галичица“ се наоѓа на истоимената планина што спаѓа во Шарско-Пиндскиот планински систем. Во 1958 година за национален парк е прогласен македонскиот дел од планината поради особените природни убавини и исклучително богатата и ендемична флора и фауна. Паркот е сместен помеѓу Охридското и Преспанското Езеро и има меридијански правец на протегање. Зафаќа површина од 227 километри.

На Галичица владее блага умерено континетална клима, која е под влијание на големото количество вода од двете езера и топлите субмедитерански влијанија што навлегуваат преку релативно ниските планински превои во Албанија. Покрај особените природни убавини и естетски вредности, за Галичица е карактеристично тоа што претставува простор со еколошка интеграција од повисок ред и со сѐ уште добро зачувана природна растителност во некои екосистеми.

Растителниот свет во Националиот парк „Галичица“ е претставен со повеќе од 800 вида, од кои голем број реликти и ендеми, чија крајна граница на распространување е токму планината Галичица. За одбележување е присуството на 11 досега откриени локални ендеми што може да се сретнат исклучително на падините на Галичица, што претставува јасен доказ за специфичниот флористички состав на оваа планина. Треба да се истакне дека во моментов интензивно се вршат проучувања на флората во националиот парк и постојат индиции дека бројот на ендеми е уште поголем.

Фауната на Галичица, исто така, е богата и разновидна. Нема точен податок за бројот на видовите безрбетници. ‘Рбетниците се претставени со 170 вида, од кои 10 водоземци, 18 влекачи, 124 птици и 18 цицачи.

Преспанскиот крај како отсекогаш да бил предодреден за уживање и за отворање на сите сетила. Токму така како што и сами си кажуваат тамошните жители: „Кога Бог дарувал убавини, овде не штедел.“ Селата Љубојно и Брајчино, оддалечени само два-три километри од Преспанското Езеро, со својата архитектура, како и со нескротливата природа се идеално место за сечија хедонистичка душа.

Голем Град или Свети Петар 

 

Тоа е најголемиот природен остров во Македонија и се наоѓа на југозападниот дел од Преспанското Езеро. Лоциран е во непосредна близина на тромеѓето меѓу Македонија, Албанија и Грција. Најкраткиот воден пат до оваа природна тврдина е од селото Коњско, а до него може да се стигне и од селото Стење и плажите Претор и Отешево. Стрмните карпи, платото меѓу нив, огромните бели камења, зелената вегетација, пештерите и малото пештерско езерце пленат со својата убавина. Преовладуваат разновидни ендемски растенија. Најмногу е застапена шумата на дива фоја што вирее на карпите, која достигнува старост и до 300 години. Благиот медитерански амбиент привлекува и многу ретки птици, најбројни се кормораните, а има и многу пеликани што го посетуваат островот секоја пролет и остануваат сè до есента. Островот е познат и под името Змиски остров поради присуството на голем број змии и други влекачи, како што се неотровната белоушка, отровниот поскок и смокот. Голем Град е прогласен за строг природен резерват и е дел од Националниот парк „Галичица“. Од 2008 година, односно по 30 години, тој е повторно отворен за посетители. Ако сте љубител на вакви егзотични патувања, овој остров е идеална дестинација за вас.

Крушево 

 

Во западниот дел на Македонија, во пазувите на Бушева Планина, на 1.250 метри надморска висина се наоѓа највисокиот град на Балканот – Крушево. Градот изобилува со прекрасна недопрена природа и пејзажи што никого не го оставаат рамнодушен. Свежиот и чист планински воздух, умерената температура, чистата планинска вода и богатата флора и фауна се убавините што ги нуди Крушево, а се достапни во секое време и со задоволство може да ги користите.

Кожуф

Македонската убавица Кожуф е предизвик и за луѓето што ги привлекува богатството на минерали. Покрај малото село Мајден се наоѓа рудникот „Алшар“ кој, освен со злато, антимон и арсен, е единствено најбогато наоѓалиште во светот на црвеникавиот талиумов минерал - лорандит. За да се заштити, од 2004 година „Алшар“ е прогласен за споменик на природата и е дел од мрежата на „Емералд“ - мрежа за заштита на природните реткости.

Во минатиот век минералите во Алшар ги истражувале познати светски американски и европски научници. Но поради недостиг на финансиски средства денес рудникот е затворен и неискористен и постои само едно отворено окно што се наоѓа на 25 метри во планината над Црвената Долина, како што локалните жители го нарекуваат теренот околу Алшар. Едно е сигурно, Алшар претставува вечна енигма за научниците. 

Пелистер

 

На убавината што ѝ ја подарила природата на планината Баба и врвот Пелистер може да ѝ завидуваат многу познати и популарни светски дестинации. На своите падини Пелистер крие две глацијални езера наречени Пелистерски очи. Глетката на тие бистри сини или, пак, темнозелени води им го одзема здивот на ретките планинари, спортисти и туристи.

Големото Езеро се наоѓа на надморска височина од 2.218 метри, а Малото Езеро лежи на 2.180 м.н.в., оддалечено е само два километра од Големото Езеро, но тие никогаш не можат да се видат заедно. Легендата вели дека Горските очи биле солзи на две сестри што се вљубиле во исто момче - Пелистер. Но мајката не дозволила ниедна од нив да се омажи за него, ги протерала на планината и ги проколнала секогаш да бидат блиску една до друга, но никогаш да не можат да се видат. Скитајќи по планината, едната сестра дошла на местото каде што сега се наоѓа Големото, а другата до Малото Езеро. И двете скршени од болка по несудената љубов пролеале толку многу солзи што од нив се создале двете прекрасни езера.

 

 


Статијата е прочитана 514 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско