Утре почнува ИФФК „Браќа Манаки“ со францускиот филм„Мајка и син“

Францускиот филм „Мајка и син“ во режија на Леонор Сераије ќе ја има честа утре, 19 август да го отвори 43. Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.  

Годинава фестивалот е пообемен и по гости и по програма во однос на минатогодишното издание.

„Имаме над шеесет филмови, три жирија, исклучително реномирани личности што ќе одлучуваат за селектираните филмови во долгометражната програма, за краткометражните филмови, документарната и студентската програма. Жирито за долгометражната програмата го сочинуваат: Жан Мари Дрожу , Самир Љума, Мелиса Созен, Маја Богојевиќ и Јелена Станковиќ, а во селекцијата на студентската програма за најдобар филм ќе одлучат: Срѓан Ковачевиќ, Митко Панов и Фејми Даут. На отворањето в петок ни доаѓа Ентони Дод Ментл, добитник на „Златна камера 300“ за животно дело, добитник на Оскар, на БАФТА и на многу други награди, а на крајот на Фестивалот ни доаѓа една од легендите на кинематографијата, Џон Метисон“, рече директорот на Фестивалот, Симеон Мони Дамевски на денешната прес конференција која се одржа во Офицерскиот дом во Битола.

Слаѓан Пенев втора година по ред е селектор на главната натпреварувачка програма. Тој истакна дека годинава има 14 филмови со силен авторски печат и визуелна естетика. Филмот што ќе го отвори фестивалот, „Мајка и син“ (Un petit frère/ Mother and Son), 2022, француски филм во режија на Леонор Сераије, а директорка на фотографија Елен Лувар, премиерно е прикажан на Канскиот филмски фестивал во 2022 година, каде главниот сценограф ја доби наградата за млад филмски техничар. 

„Иако најавивме дека Фестивалот ќе се отвори со филмот ‘Божјата рака’ на Сорентино, имајќи предвид дека ‘Нетфликс’ е одговорен за дистрибуција на овој филм и каде филмот веќе може да се види, а тие имаат високо ригорозни стандарди за преводот и не се согласија ние да го направиме преводот, туку сакаат да се помине низ нивните многубројни филтри на превод, тие да ангажираат преведувачи и лектори, коректури и инсистираат на тоа и не ставија малку во мала неизвесност дали ќе успеат  да го обезбедат тој превод до почетокот на Фестивалот. Не сакавме да ризикуваме со тоа и затоа се согласивме да го ставиме следниот ден, бидејќи ќе биде во Битола директорката на фотограија Дарија Д‘Антонио и ќе одржи мастерклас. А, ‘Мајка и син’ е одличен филм и заслужува да се види. Филмот ја раскажува приказната за Роз која во доцните 1980-ти се преселува од Брегот на Слоновата Коска во Париз, со двата мали сина. Опфаќајќи го периодот од нивното пристигнување во Франција, па се до денешниот момент, филмот е трогателна хроника за создавањето и пресоздавањето на едно семејство. Ова е прва соработка на режисерката Сераије со искусната кинематограферка Хелен Лувар, а ќе биде петти филм на Лувар кој се прикажува во главната програма на ‘Браќа Манаки’. Елен Лувар е една од најпознатите кинематограферки на денешницата, со импресивна филмографија од околу 100 наслови, меѓу кои и филмови режирани од Агнес Варда, Алис Рорвахер, Вим Вендерс, Клер Дени, Меги Гиленхал итн“, рече Пенев.

Програмскиот концепт на натпреварувачката документарна програма на овогодинешното издание на ИФФК „Браќа Манаки“ се води од неколку начела, од кои најзначајни се општествената одговорност и ангажман, креативната храброст и посебноста на ликовниот филмски израз, односно иновативноста во кинематографскиот пристап. 

 

„Програмата ќе претстави 9 филмски остварувања од цел свет - Европа, Јужна Америка, Блискиот Исток, како и од нашиот регион, а кои ги обединуваат актуелни социјални, еколошки, економски, политички и културни теми. Заедничко за сите филмски дела е што преку специфичниот филмски израз кинематограферите на селектираните филмови исклучително креативно успеваат да ни го отворат светот на доку-фикцијата и хибридните доку-фиктивни форми. Жирито за избор на најдобар визуелен пристап во документарен филм е составено од тројца членови: Јасмин Башиќ, фестивалска програмерка и продуцентка од Швајцарија, селекторка на еден од најпрестижните фестивали за документарен филм Vision du Reel, Nyon, Швајцарија, Белит Саг, авторка и визуелна уметничка од Турција која живее и работи во Холандија, предавачка на Холандската академија за филм во Амстердам и на некои од најпрестижните филмски школи во Холандија и Фејми Даут, македонски кинематографер, добитник на наградата за филмска камера во документарен филм на Американското друштво на кинематографери“, соопшти на прес конференцијата Кумјана Новакова, селектор на документарната програма потенцирајќи дека сите проекции на филмовите од документарната програма се во историското кино „Манаки“. 

Во студентската програма селектирани се филмови од Државниот Универзитет во Тетово и ФДУ Скопје, Академијата од Љубљана, Универзитетот „Хасан Приштина“ од Косово, од Универзитетот во Солун, Академијата од Загреб, чешката Академија за филм, Унивезритетот за телевизија и филм во Минхен, потоа Лондон филм скул, академија од Мадрид, од Виена, од Украина, Полска и Турција.

Селекторот Ѓорги Пулевски ги претстави филмовите и изрази задоволство што годинава има голем интерес за оваа програма која има тенденција да се проширува низ годините.

Тоше Ивановски се осврна на Офф програмата која е придружен дел на Фестивалот.

„На Офф програмата работи тим креативци кои го покажуваат посебниот интерес на Битола кон фестивалот ‘Браќа Манаки’ како дел од нашата колективна меморија, нашиот идентитет и нашето историско наследство. Од исклучително значење е да кажеме дека ‘Браќа Манаки’ не е фестивал на некоја елита, туку е фестивал на граѓаните. Концептот на Офф програмата е мошне атрактивен, со секојдневни изложби, колекционери кои ја раскажуваат филмската приказна на градот, живи слики, концерти на филмска музика...Особено сме горди што ја имаме за прв пат изложбата на Наум Карабатак, кој учел кај Манаки и е наше историско наследство. На овој начин го презентираме живото културно наследство со Манаки, она со што сите ние како битолчани се гордееме. Би ја издвоил и изложбата на Државниот архив во Битола, со која се одбележува 140 години од раѓањето на Милтон Манаки. Таа има сериозно културолошко значење не само за градот, туку и пошироко“, рече Ивановски.

 


Статијата е прочитана 278 пати.

Сподели:


КБ Прво пензиско